Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ја започна посетата на Брисел со серија политички и економски состаноци, фокусирани на унапредувањето на инфраструктурните проекти и европските транспортни коридори. На средбата со тинк-тенкот „Пријатели на Европа“ се разговараше за актуелните политички и економски состојби во Европа и регионот.
Николоски денеска учествува на „Самитот ЕУ–Западен Балкан 2025“, а утре ќе биде дел од Министерскиот совет на Транспортната заедница. Тој најави бројни средби со претставници на Европската Унија и со меѓународни финансиски институции, каде ќе се разговара за финансирање и реализација на клучните инфраструктурни проекти во Македонија.
Министерот потсети дека Европската инвестициска банка го финансира најголемиот дел од третата делница на Коридор 8 кон Бугарија.
„Доаѓаат премиери, министри, бизнис-заедници. За Македонија ова е многу значајно, бидејќи ги даваме нашите аргументи и напредокот што сме го направиле. Покрај политичкиот дел, фокусот ми е на економските и инфраструктурните прашања“, изјави Николоски.
Тој најави дека во петок ќе се сретне со еврокомесарот за транспорт Апостолис Ѕиѕикостас, со кој ќе се разговара за развојот на Коридорите 8 и 10, како и за нови проекти што Македонија ги подготвува.
Министерот очекува средби и со своите колеги од Грција и Бугарија, со кои ќе се разговара за меѓусебното поврзување на коридорите и можните заеднички иницијативи во рамки на Планот за раст на Европската Унија. Тој ќе има и средби со водечките меѓународни финансиски институции – ЕИБ и ЕБРД – за обезбедување поддршка за нови транспортни проекти.
„Нашата визија е Македонија да стане транспортен центар на Балканот. Иако немаме излез на море, ја имаме уникатната позиција каде се сечат Коридорите 8 и 10, и тоа мораме да го искористиме за идните генерации“, истакна Николоски.
На форумот, тој ќе зборува на панелот „Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и економска граница на Европа“, заедно со Ана Брнабиќ, Еди Рама, Кристина Герасимов и Стефан Филе.
Утре, на Министерскиот совет на Транспортната заедница, Николоски ќе реферира за напредокот на Македонија на европските транспортни коридори 8, 10 и 10-д, како и за мерките за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан. Присутни ќе бидат министри и претставници од Албанија, Бугарија, Ирска, Кипар, Косово, Романија, Словенија, Србија, Црна Гора и други европски држави.
За време на престојот во Брисел, планирани се и дополнителни средби со претставници на Европската комисија.


