Жителите од трите краци на улицата „16-та“ во Битола конечно ќе стигнуваат до своите домови со чисти чевли, благодарение на инфраструктурните зафати што се реализираат во овој дел од градот. По завршувањето на првиот дел од асфалтирањето, во вредност од околу 1,5 милиони денари, битолското претпријатие „Нискоградба“ започна со поплочување на трите краци со бехатон плочки, инвестиција која изнесува близу 1,8 милиони денари.

Жителите од населбата изразија благодарност за ангажманот и комплетирањето на неопходната инфраструктура, посочувајќи дека овој зафат значително ќе го подобри секојдневното функционирање, особено во дождливиот период и со пристигнувањето на зимата.

Увид во текот на работите направи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, придружен од претставници на општинската администрација, кој ја поздрави динамиката на изведбата и најави продолжување на инвестициите во локалната инфраструктура.


