„Коалиција за зелена иднина“ – кога граѓаните добиваат политички глас

October 16, 2025
5 mins read

Соговорници:

• проф. д-р Антони Новотни – ко-претседател на зелената партија ДОМ и носител на листа за советници во Општина Центар

• Александар Анѓушев – ко-претседател на зелената партија ДОМ и носител на листа за советници во Општина Карпош

• проф. д-р Ана Угринска –  ко-претседателка на зелената партија ДОМ и второ место на листата за советници на Коалицијата за зелена иднина за Град Скопје


Зошто воопшто се роди „Коалиција за зелена иднина“?

Новотни: Затоа што долго време граѓанските активистите зборуваа од еден „гетоизиран“ политички простор, а партиите одлучуваа без нив. Тоа создава чувство дека општините, градовите и селата, се нечија приватна сцена, а граѓаните се само една нема публика. Коалицијата е одговор на тој институционален и партиски замор во Македонија. Односно, Зелената партија ДОМ повлече политички потег со кој на партиски неопределените им се пружи можност да добијат место на масата и да имаат право да формулираат став кој рамноправно ќе се артикулира.

Анѓушев: Нашата мотивација е едноставна, а тоа е граѓанската енергија да стане политичка сила, а не да заврши во форма на коментари на Фејсбук-објави. Развиена е една политичка навика дека ако гласот не се артикулира преку одредена политичка структура, во овој случај партиска, тогаш тој лесно се гаси. Нашата претензија од ДОМ беше да излеземе од гломазното и круто партиско наследство и да се редефинираме преку воведување на политичка флексибилност и кон оние кои не се членови, не се активисти и партиски обоено.

Угринска: Има и човечка причина, луѓето се уморни од формални расправи без исход. Кога кажуваме „коалиција“, мислиме на заеднички штит за оние што досега зборуваа сами. Иднината станува зелена само кога е правична, а тоа се мери по тоа колку различни гласови влегуваат во една одлука. Инклузивноста е вредност на зелените партии, а ДОМ таа вредност само ја реафирмираше во пресрет на локалните избори. Не зборуваме за непознати работи, зборуваме само за политичка волја да се нешто што го носиме длабоко во себе да се извади пред јавноста, да се отвориме, да подадеме рака и да ја прифатиме подадената рака.

Дуополот: Што му направија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на политичкиот простор?

Новотни: Го стеснија меѓу два ѕида, го задушија граѓанството. Идеите минуваат само ако не ја нарушат удобноста на системот, политичкиот комфор на овој дуопол. Тоа не е политичка конкуренција, тоа е цврста контрола на влезот во политичкиот простор во Македонија. Ние ја отворивме вратата, не за да влеземе, туку за да може да влезе јавноста, граѓаните, оние кои се оставени на маргините од општеството, кои се заборавени од државата.

Анѓушев: Проблемот не е само „кој“ владее, туку „како“ се одлучува. Две партии ја држеа и рамката и темпото на политиката, оние што мислат поинаку зборуваа во загради. Нашата критика не е лична, таа  е системска, без јавност и рамноправен пристап, политиката станува затворен клуб. Коалицијата е политички начин клубот да стане град, начин да се излезе од гетото и да се зачекори кон една поширока инклузивна заедница.

Угринска: Дуополот не е само „двоец“ на македонската сцена—во реалноста, на многу места се претвора во трио со ДУИ, кое со години ја монополизира албанската политичка репрезентативност и ја сведува на клиентелистичка математика. Ефектот е ист, граѓанските гласови кај Албанци, Роми, Турци, Срби, Власи, Бошњаци и други остануваат без канал за политичка артикулација, освен ако не се вклопат во постојниот партиски комфор. Кога процедурата е затворена, различното мислење се третира како нарушување на редот, а не како јавен интерес.

Затоа нашата теза е политичка, не етнографска, отворен политички простор значи и отворен етнички простор. Не ни треба „преведена“ демократија што симболички вклучува, а суштински исклучува, ни треба рамка во која секој глас—и албански, и ромски, и турски—има институционална адреса, право на расправа и видлива трага во одлуката.

„Политичка заштита“: Што точно значи за активистите и граѓаните?

Новотни: Значи дека не зависиш од туѓа добра волја. Темата што ја носиш мора да се стави на дневен ред, да се расправа јавно и некој да застане зад исходот со име и презиме. Тоа е симетрија, односно не стоиш во ходник, туку седиш на масата на која се одлучува.

Анѓушев: Практично, ако одредена иницијатива дојде под чадорот на коалицијата, таа има политичка адреса. Има кој да ја артикулира во совет, да ја брани во медиум, да ја држи отворена додека не се исцрпат аргументите. Оттука па натаму, игнорирањето чини политички скапо. Токму тоа е „заштита“.

Угринска: Има и психолошки ефект: луѓето престануваат да се плашат од „немате шанса“. Кога зад тебе стои структура, не си сам против системот. А кога се слушаат повеќе гласови, одлуките стануваат поискрени, затоа што не можеш да ги шминкаш пред јавност.

Инклузија како тест: Зошто е важно што лице со попреченост е носител на вашата листа на советници за Град Скопје?

Новотни: Ако тврдиш дека го отвораш политичкиот простор, прво треба да влезат тие што системот најчесто ги остава пред прагот. Носителка на листа за Град Скопје со мултиплекс склероза не е „дополнување“ со фотографија, туку промена на почетната точка на една политичка линија, односно градот, политиката и јавните услуги да се гледаат од перспектива што секојдневно се соочува со препреки. Тоа е поправеден тест и за нас и за институциите — дали зборуваме за луѓе или за категории. Кога човек со хронична состојба стои напред, целата сцена се реаранжира, односно прашањата за пристап, за време, за достоинство престануваат да бидат маргинални и стануваат централен политички јазик.

Анѓушев: Ова е порака за легитимитетот, не за милосрдието. Легитимитетот не се гради на „совршени биографии“, туку на искуство, знаење и храброст да се зборува од прво лице. Кога политиката ја прифаќа различноста не како украс, туку како основа, тогаш и одлуките мора да издржат реален тест, да важат за секого, не само за просекот. Тој тест е здрав за целиот систем, те тера да мислиш на рампи и тротоари, но и на време за услуга, на јазик што сите го разбираат, на транспарентност што не остава никого надвор. Кога тоа ќе стане нормално, престануваат празните фрази за „човечкото лице“ на политиката, самата политика станува човечка.

Угринска: Инклузијата не е ПР-трик, туку критериум за зрелост на една политичка заедница. „ Кога лице со попреченост е носител, ти не сочувствуваш, туку учиш  како изгледа градот кога секојдневно мораш да пронаоѓаш начин да се соочиш со различни урбани и системски препреки кои ти го оневозможуваат слободното движење низ просторот. Тоа знаење е политичко, ги дисциплинира институциите да даваат одговори, а не сочувство. И уште нешто важно, инклузијата на ДОМ и Коалицијата за зелена иднина е повик и до сите други потиснати гласови, Роми, Албанци, Турци, жени, млади, дека политиката не е клуб со покани, туку место каде што твоето искуство има тежина. Ако не го почитуваш ова правило, сè друго е театар со добри намери. Кога го почитуваш, добиваш политика што на сите им припаѓа.

Нов политички договор: Како да не се повтори старото партиско заробување на системот?

Новотни: Со едноставна дисциплина која подразбира јавна расправа пред секоја голема политичка одлука, целосни документи на увид, јасно образложение и трага кој, кога и зошто. Кога има трага, има одговорност. Без тоа, пак ќе се лизнеме во истата провалија.

Анѓушев: Мнозинствата да се градат околу ставови, не околу фотелји. Денес можеме да не се согласуваме по едно, а утре да соработуваме по друго, ако критериумот е јавниот интерес. Тоа ја менува културата, верност кон правилото, а  не кон лидерот.

Угринска: И скромност. Легитимитетот не се зема еднаш, тој бара внимание, проактивност, односно се обновува. Ако тоа стане навика, заробувањето станува прескап потег, а нормална станува транспарентната политика. Токму овде сакаме да го поставиме новиот стандард на македонската политичка сцена на овие локални избори.

Извор: kurir.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MARKETING

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2025

Претходно

Интервју со Дејан Митески за Булевар.мк: Аеродром ќе биде општина што дише – зелена, чиста и насочена кон младите

Следно

Проданоски: Прилеп добива модерна болница со најсовремена опрема

Latest from Blog

Костовски ја започнува големата градежна офанзива во Љуботен: По 27 години, се реконструираат сите главни улици!

Градоначалникот на општина Бутел и воедно кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за втор мандат, Дарко Костовски, информираше за започнување на нова фаза на инфраструктурни работи во населбата Љуботен. „Токму што ја започнавме изградбата на

18 години од загинувањето на Тоше Проески

На годишениот маратон во чест на Тоше учество зедоа 14 учесници Нив ги пречекаа учениците и грагани од Крушево, кои со рози на главната улица во градот, им посакаа добредојде. Во Крушево

Официјалната истрага утврди дека подморницата „Титан“ имплодирала поради лоша конструкција

Во несреќата загинаа сите пет лица на подморницата, вклучувајќи го и директорот на „Оушенгејт“, Стоктон Раш. Според извештајот на Националниот одбор за безбедност на сообраќајот (NTSB), процесот на развој на инженерството на
Go toTop