Како одбројувањето на секундите до Нова година прерасна во традиција

December 31, 2025
2 mins read

Одбројувањето од 10 до нула во пресрет на доаѓањето на Новата година е современ ритуал, кој ни дава чувство дека сите заедно во истиот момент влегуваме во еден нов почеток, смета професорот по културно наследство на Универзитетот во Антверпен, Марк Јакобс.

– Одбројувањето до Нова година се чини како древна традиција, но тоа всушност е прилично неодамнешен обичај. Повеќе од 2.000 години се одбројувале денови, додека одбројувањето секунди е нешто што датира од 50-тите или 60-тите години на минатиот век, а можеби дури и од подоцна, изјави Јакобс за белгиското државно Радио 1.

Според него, традицијата на одбројување на последните десет секунди до Новата година делумно се должел и на подемот на масовните медиуми.

– Преку телевизија и радио сите можат да одбројуваат истовремено, што создава споделен момент на поврзување. Токму тоа е и идејата, додава Јакобс.

Тој потенцира дека праксата на одбројување делумно се прошири и благодарение на снимките од „Тајмс Сквер“ во Њујорк, каде традиционално се спушта голема топка на полноќ и се одбројува.

– Тоа стана меѓународен симбол на Новата година. Идејата дека сите истовремено бројат заедно го зајакнува чувство на заедништво, вели професорот.

Јакобс додава дека манифестирањето на заедништво е класичен обред на премин од една фаза во друга.

– Се збогуваме со старата година и ја дочекуваме новата. Во таа преодна, т.н. меѓу фаза, границите привремено исчезнуваат. Одеднаш ви е дозволено да бакнувате странци, улогите се менуваат и има многу бучава. Тоа е краток момент кога сите се чувствуваат рамноправни, нагласува Јакобс.

Според него, ниту еден ритуал не се прави без причина и служи за одредена цел во начинот на кој се организира времето во едно општество, па така е и со одбројувањето.

Кога станува збор за одбројувањето на секундите до полноќ во минатото, тоа, според него, било многу тешко и практично невозможно.

– Имало часовници, но тие често не биле точни. Не биле важни секундите. Дури со појавата на медиумите и синхронизацијата на времето станало можно колективно одбројување, додава Јакобс.

Јакобс потсетува и дека сепак 1 јануари не е универзално или историски утврден како ден на почеток на Новата година.

– Во минатото, годината започнувала во различен период. За Римјаните, годината почнувала на 1 или 25 март, а понекогаш дури и на Велигден. Јулиј Цезар се обидел да воведе ред во 46-та година п.н.е. со Јулијанскиот календар и го воспоставил 1 јануари како почеток на новата година, истакна Јакобс.

Тој додава во Средниот век имало и случаи кога годината започнувала на Велики петок, на Велигден или на Велика сабота.

– Тоа е катастрофа за историчарите. Секогаш мора да проверите кога точно започнала годината и дали треба да ги конвертирате датумите, заклучува Јакобс.

Сепак, тој нагласува дека доаѓањето на Новата година се прославувало и во минатото.

– Знаеме дека од 19-от почнале собири на кои луѓе подготвувале храна или правеле бучава. Штом се сметало дека е некаде околу полноќ, започнувале свеченостите. Тоа го гледате и кај другите празници. Луѓето едноставно едвај чекале да слават, нагласува професорот.

Таа желба, според Јакобс, е видлива и денес, особено во периодот на Божиќ и Нова година кога празничните денови прераснуваат во недели на прослава.

– Луѓето слават со пријателите и ноќта пред Бадник. На 24 декември (на Бадник) некои луѓе излегуваат на вечера, други на полноќна миса, а некои само за да се напијат нешто. Поголема прослава потоа следи на самиот Божиќ. За Нова година, пак, огнометите често се палат уште во 22 или 23 часот. Можеби терминот не е точен според часовникот, но го продолжува празничното чувство. А целта е тоа чувство на поврзаност да трае малку подолго, заклучи Јакобс.

Извор: kurir.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Николоски: После 60 години легализиран Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле

Следно

Меџити: Континуирани инвестиции за подобри услови за жителите на Чаир

Latest from Blog

Традиционална прошетка на сопственици и кучиња во Мадрид, посветена на борбата против напуштањето животни

Настанот, кој се одржува на крај од годината, го организира здружението за заштита на животните „Ел рефухио“  (El Refugio), кое се бори против злоставување животни и за вдомување напуштени кучиња и мачки.

ВИДЕО Новата година стигна во Австралија со спектакуларен огномет во Сиднеј

Новата година официјално започна во Австралија со спектакуларен огномет. Пиротехника беше испукана од познатит мост во пристаништетот во Сиднеј и зградата на Операта, додека насобраната толпа ја набљудуваше сцената. Еден час пред

Меџити: Континуирани инвестиции за подобри услови за жителите на Чаир

Инвестициите во Општина Чаир продолжуваат со засилено темпо, а секојдневно се финализираат започнати проекти со цел подобрување на инфраструктурата и условите за живот на граѓаните. Денеска е завршен еден од позначајните проекти

Николоски: После 60 години легализиран Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави дека аеродрoмот Св. Апостол Павле во Охрид конечно е легализиран. -На последниот ден од 2025 година сакам да споделам убава
Go toTop