Не само во зима, туку и во лето дишеме загаден воздух поради пожарите кои беснеат во различни делови од Македонија, а чадот се шири на голема далечина и го загрозува здравјето на луѓето. Поради климатските промени, ризикот од пожари е зголемен и во иднина ќе мора да живееме со ваквата неповолна ситуација.
Климатските промени и загадувањето на воздухот се тесно поврзани и сè почесто мора да се разгледуваат заедно.
„Покрај директните извори на загадување, како сообраќајот, индустријата и загревањето на домаќинствата, климатските промени можат дополнително да го влошат квалитетот на воздухот. Тоа се случува преку почести и поинтензивни топлотни бранови, суши и шумски пожари, но и преку промени во метеоролошките услови што влијаат врз создавањето, пренесувањето, разредувањето и отстранувањето на загадувачките материи од воздухот. Една од највидливите врски се шумските и вегетациските пожари. Повисоките температури, подолгите периоди без врнежи и посувата вегетација создаваат услови во кои пожарите полесно настануваат, побрзо се шират и потешко се контролираат. Климатските промени не го предизвикуваат секој поединечен пожар, но придонесуваат за создавање подолги и поинтензивни периоди со висок ризик од пожари“, велат од Центарот за климатски промени-Скопје.
Светската здравствена организација(СЗО) укажува дека климатските промени го зголемуваат ризикот од екстремни пожари, додека чадот од нив може нагло и значително да го влоши квалитетот на воздухот.
„Особено проблематични се честичките PM 2.5. Чадот од пожарите претставува сложена мешавина од честички и гасовити загадувачи, а според СЗО, околу 90 отсто од вкупната маса на честичките што се испуштаат при шумски пожари се честички со дијаметар до 2,5 микрометри. Поради нивната мала големина, тие можат да навлезат длабоко во белите дробови, а дел и во крвотокот, поради што изложеноста е поврзана со сериозни респираторни и кардиоваскуларни последици. Составот на чадот може да биде уште поопасен кога пожарот зафаќа отпад, објекти, возила или други произведени материјали. Во такви случаи во воздухот може да се ослободат дополнителни токсични соединенија, тешки метали и други штетни материи. Пожарот не мора да биде во непосредна близина на населено место за да влијае врз квалитетот на воздухот. Чадот и загадувачките материи можат да се пренесуваат стотици, па и илјадници километри и да влијаат врз населението далеку од местото на пожарот. Затоа пожарите не треба да се разгледуваат само како локален проблем за шумите и биодиверзитетот, туку и како регионален и прекуграничен ризик за квалитетот на воздухот и јавното здравје“, додаваат од Центарот за климатски промени-Скопје.
Оттаму велат дека друг важен фактор се атмосферската стагнација, температурните инверзии и слабата циркулација на воздухот. Ветерот има значајна улога во разредувањето и пренесувањето на загадувачките материи. Во периоди со слаб ветер и стабилна атмосфера, загадувачите што ги испуштаат сообраќајот, индустријата, домаќинствата и другите извори остануваат подолго концентрирани во воздухот во близина на површината.
Овој проблем како што додаваат може да биде особено изразен во котлинските подрачја, каде релјефот дополнително ја ограничува циркулацијата на воздухот. Затоа, од Центарот за климатски промени велат дека дури и кога емисиите остануваат на слично ниво, неповолните метеоролошки услови можат да доведат до повисоки концентрации на загадувачки материи. Сепак, важно е да се нагласи дека секоја температурна инверзија или епизода со слаб ветер не може автоматски да им се припише на климатските промени.
„Тие се природни метеоролошки појави, но климатските промени можат да ја менуваат пошироката температурна и атмосферска позадина во која загадувањето се создава и се задржува. Високите температури можат да придонесат за уште еден проблем – повисоки концентрации на приземен озон. За разлика од озонот во стратосферата, кој нè заштитува од ултравиолетовото зрачење, приземниот озон е загадувач штетен за здравјето. Тој не се испушта директно од одреден извор, туку се создава во атмосферата преку реакции меѓу азотните оксиди и испарливите органски соединенија во присуство на сончева светлина. Високите температури, интензивното сончево зрачење и стагнантните атмосферски услови можат да го забрзаат неговото формирање. Токму ваквите услови се поврзуваат со епизодите на зголемен приземен озон што се забележуваат во Европа за време на летните топлотни бранови. Дополнителен ризик претставува истовремената изложеност на екстремна топлина и загаден воздух. Научните анализи покажуваат дека нивното заедничко дејство може да претставува поголем здравствен ризик отколку изложеноста на секој фактор одделно“, објаснуваат нашите соговорници.
Особено ранливи се децата, повозрасните лица, бремените жени, лицата со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, лицата со ограничен пристап до здравствена заштита, пожарникарите и работниците што работат на отворено. Оттука, како што велат климатските промени не треба да се гледаат како нов, изолиран „извор“ на загадување, туку како фактор што може да ги засили веќе постојните проблеми со квалитетот на воздухот.
„Ова е особено важно за Северна Македонија, каде, според оцената на Европската агенција за животна средина, населението и натаму е изложено на концентрации на честички што ги надминуваат годишните гранични вредности на ЕУ, а особено препорачаните нивоа на СЗО. Подолгите топлотни бранови, сушните периоди, пожарите и неповолните услови за дисперзија можат дополнително да го зголемат притисокот врз јавното здравје. Нашиот став е дека политиките за квалитет на воздухот, климатските промени и јавното здравје повеќе не можат да се планираат одделно. Покрај намалувањето на емисиите од сообраќајот, индустријата и загревањето на домаќинствата, потребни се подобра превенција и рано откривање на пожари, континуиран мониторинг на PM 2.5 и приземниот озон, системи за рано предупредување, навремено информирање на населението и конкретни здравствени препораки за ранливите групи. Климатските ризици треба да бидат интегрирани во националните и локалните планови за квалитет на воздухот, плановите за заштита од пожари и плановите за јавно здравје. Потребна е и подобра координација меѓу институциите за животна средина, здравствените установи, противпожарните служби и општините. На тој начин истовремено ќе се намали изложеноста на загадување и ќе се зголеми отпорноста на заедниците кон последиците од климатските промени“, наведуваат од Центарот за климатски промени-Скопје.
Лош квалитет на воздухот мерните станици синоќа регистрираа во делови од Скопје и во Штип, а на другите места квалитетот беше умерен.
Инаку, со денови гори во Мариово, каде има изгорени напуштени куќи. Со пожари летово се соочија повеќето земји во регионот. Површината на опожарени подрачја во Европа до крајот на векот ќе се зголеми за 39 проценти, дури и во најдоброто климатско сценарио, доколку не се преземат конкретни мерки за поефикасно управување со пожарите. Ова го покажува новата студија објавена од Гардијан.
Извор: zurnal.mk

