Палестинската исламистичка група Хамас соопшти дека нема да учествува во официјалното потпишување на договорот во Египет, чија цел е да се стави крај на војната во Газа.
„Хамас нема да учествува во процесот на потпишување. Ќе присуствуваат само медијатори, заедно со американски и израелски претставници“, изјавија извори во организацијата.
Покрај САД и Египет, Катар помогна во посредувањето меѓу завојуваните страни. Израел и Хамас не одржаа директни разговори за прекин на војната во Газа.
Американскиот претседател Доналд Трамп планира да отпатува во Египет во недела за официјално потпишување на договор меѓу Израел и Хамас.
Светските лидери од повеќе од 20 земји ќе присуствуваат на самит закажан за понеделник во египетското одморалиште Шарм ел Шеик со цел да се стави крај на војната во Појасот Газа, објави египетското претседателство.
Собирот доаѓа откако претходно оваа недела беше постигнат договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, како дел од мировниот план на САД.
Извор: tv21