Голем пожар попладнево ја вознемири Ѓаковица, откако избувна огнена стихија во фабриката за душеци „Комодита“. Густ црн чад се издигна над градот и беше видлив од километри, додека пламените јазици брзо го зафатија објектот.
Од полицијата потврдуваат дека пријавата за пожарот на улицата Ѓерѓ Соколи била примена околу 16:40 часот, по што на терен веднаш биле испратени сите расположливи противпожарни екипи.
Пожарникарите со часови се борат со огнот од големи размери, обидувајќи се да го локализираат и да спречат негово ширење кон околните објекти. Полициските единици го обезбедуваат поширокиот реон, а сообраќајот во близина е под контрола.
Од компанијата „Комодита Хоум“ јавно им се заблагодарија на сите служби вклучени во интервенцијата – Министерството за внатрешни работи, безбедносните сили на КБС, градоначалникот на Ѓаковица, директорот на АМЕ, противпожарните единици од Ѓаковица, Призрен, Јуник, Дечан и Раховец, како и на припадниците на КФОР и КБС за, како што наведуваат, „брзата реакција и подготвеноста за помош“.
Засега нема официјални информации за повредени лица, а причините за пожарот допрва ќе се утврдуваат.
Извор: vecer.mk


