Секоја година, помеѓу 350.000 и 450.000 возила во Франција добиваат привремени регистарски таблички кои важат максимум четири месеци.
На почетокот на следната година, француските возачи ќе добијат нови розови регистарски таблички, кои ќе ги заменат претходните бели ознаки за нови и увезени возила.
Промената, која ја објави француското Министерство за внатрешни работи, е дел од напорите на државата за борба против сè почестите измами со привремени регистрации.
Имено, многу возачи продолжуваат да возат со истечени регистарски таблички, со што ги избегнуваат даноците и обврските за регистрација, а таквите возила се практично „невидливи“ за контролниот систем.
Розовите таблички, кои ниедна друга земја во моментов не ги користи, ќе бидат воведени од првиот квартал од 2026 година.
На нив јасно ќе биде отпечатен датумот на истекување (месец и година), што ќе им овозможи на полицијата и автоматските камери веднаш да ги препознаваат возилата кои повеќе не се легални за сообраќај.
Според податоците од францускиот портал „Конексион Франс“, секоја година околу 400.000 возила добиваат привремени ознаки, а злоупотребите се во пораст, особено во случај на продажба на возила со истечен рок на важење или нивно користење подолго од дозволениот период.
Француските власти сметаат дека новата боја и појасните ознаки значително ќе го намалат просторот за манипулација и ќе ја олеснат контролата на патиштата.
Извор: kurir.mk


