Скопје до 30 октомври е домаќин на 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој – IFESD-14, под мотото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“. Форумот годинава привлече рекорден број учесници. Според последните најави во овие три дена се очекуваат над 600 учесници од 70 држави, креатори на политики, владини и претставници на меѓународни организации, банки, академската заедница, енергетскиот бизнис-сектор и на граѓански организации. Над 150 експерти ќе дебатираат на 35 панелски сесии. Во фокус ќе бидат теми како енергетска безбедност и отпорност, финансирање на чиста енергија, дигитализација на системите, управување со критични суровини, праведна транзиција, како и улогата на младите и жените во енергетската трансформација.
На свеченото отворање во Македонската филхармонија се обратија министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, извршната секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE) Татијана Молчан, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Армен Григорјан и премиерот Христијан Мицкоски.
Иднината, како што во своето обраќање порача министерка за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска припаѓа на диверзификацијата, одржливи и сигурни енергетски решенија.
„Енергетската транзиција не е трка меѓу држави, таа е заедничко патување. Ниту една земја, колку и да е голема, не може сама да се справи со климатските предизвици. Но заедно можеме да изградиме посигурни, поотпорни и почисти системи. Нашата улога, како министри и лидери, е да создадеме услови оваа транзиција да биде фер, одржлива и инклузивна и никој да не остане зад нас“, рече Божиновска, најавувајќи динамична агенда со учество на над 500 меѓународни партнери и претставници на приватниот сектор и академијата.
Организатор на форумот е Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во партнерство со УНДП и петте регионални комисии на Обединетите нации – UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA и UNESCWA. Организаторите најавуваат рамка во согласност со глобалните цели за одржлив развој и заклучоците од претходниот форум во Бангкок, со јасен фокус на праведна транзиција и интернационална соработка.
„Нашата порака е Македонија е подготвена да биде активен коавтор на решенијата. Нешто што најсилно се чувствува кога ќе дојдете овде е оваа земја има потенцијал. Потенцијал на луѓе кои не се плашат да работат, на институции кои сакаат да се докажат, и на една генерација која не сака да чека, туку да создава. Суштината на овој форум е јасна да поминеме од зборови, кон акција“, додаде министерката Божиновска, повикувајќи ја стручната и бизнис-заедницата да се вклучи во дискусиите и да ги искористи можностите за вмрежување и нови проекти.
Во рамки на форумот ќе биде потпишана „Скопје декларацијата“ – документ што ќе ги сумира заложбите на учесничките земји за одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина. Со неа, според Министерството, дополнително се зацврстува позицијата на Македонија на енергетската мапа како сигурен и кредибилен партнер во европската и глобалната транзиција.


