Во Скопје денес беше претставена новата Стратегија на Светската здравствена организација со Македонија за периодот 2026–2030 година, чија цел е јакнење на здравствениот систем, забрзување на транзицијата кон чиста енергија и поттикнување на одржливиот економски развој.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека стратегијата претставува силна основа за создавање синергија меѓу здравството, енергетиката, животната средина и економијата.

„Благосостојбата на граѓаните може да се изгради само преку заеднички политики. Транзицијата кон чиста енергија мора да биде праведна – никој не смее да биде изоставен,“ рече Божиновска.

Министерството, како што информира, веќе интензивно работи на декарбонизацијата, вложува во обновливи извори и ја зголемува енергетската ефикасност, со јасна цел економскиот раст и здравјето на граѓаните да одат рака под рака.
Стратегијата предвидува и зајакнување на климатската отпорност на здравствениот систем, со што Македонија се позиционира како земја која ги интегрира здравствените и енергетските политики за одржлива иднина.