Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска го отвори Националниот натпревар за најдобар бизнис концепт за зелени иновации, истакнувајќи дека станува збор за платформа каде идеите добиваат форма, а визиите се претвораат во реални решенија.
Таа посочи дека Министерството е покровител на процес кој веќе 18 години гради генерации млади луѓе што размислуваат одговорно, иновативно и со јасна свест за иднината.
„Ова не се само ученици, ова се идни инженери, претприемачи и носители на промени. Суштината е енергијата, храброста и зрелоста што ја носат овие млади луѓе“, истакна Божиновска.
Таа го оцени признанието ETF Green Skills Award 2025 како потврда дека Македонија има потенцијал кој е веќе присутен кај младите генерации.
Според министерката, улогата на институциите е да ги препознаат, поддржат и да им овозможат простор за развој во државата.
„Зелените иновации не се тренд, туку неопходност. Инвестицијата во младите не е избор, туку единствениот пат напред“, нагласи таа.
Божиновска порача дека Македонија има идеи, знаење и млади кои знаат што сакаат, додавајќи дека иднината не се чека, туку се создава.


