БиХ: Првиот авион на турската компанија „AJet“ слета во Тузла, еден лет неделно на релација Тузла-Истанбул

3 mins read

ТУЗЛА (АА) – Првиот авион на турската нискобуџетна авиокомпанија „AJet“ од Истанбул слета денес на Меѓународниот аеродром „Тузла“, јавува Анадолу.

Авионот, со кој, покрај делегацијата на „AJet“, во Тузла пристигна и висока делегација на Министерството за транспорт и инфраструктура на Република Туркије, предводена од министерот Абдулкадир Уралоглу, и извршниот директор на „AJet“, Керем Сарпа, беше пречекан на пистата на Меѓународниот аеродром „Тузла“. Доаѓањето на првиот авион во Тузла беше официјализирано со свечено сечење на лентата.

На церемонијата на аеродромот во Тузла присуствуваа турскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Садик Бабур Гиргин, премиерот на Тузланскиот кантон (ТК), Ирфан Халилагиќ, како и други државници и гости.

– Продолжување на пријателството –

Министерот за транспорт и инфраструктура на Туркије, Абдул Кадир Уралоглу, на почетокот на својот говор изрази сочувство до семејствата на жртвите во катастрофалните поплави што минатата недела погодија градови во Босна и Херцеговина.

„Ќе продолжиме да ѝ бидеме пријател на Босна и Херцеговина во лоши и во добри денови. Би сакал да ја искористам оваа пригода и да им се заблагодарам на нашите браќа од Босна и Херцеговина што дојдоа да им помогнат на нашите граѓани на 6 февруари 2023 година по разорните земјотреси. Во нашата земја не го заборавивме тоа, ви благодарам. Нашите екипи на ТИКА, Црвената полумесечина и АФАД веќе се на терен и ќе дадеме целосна поддршка на загрозените подрачја“, порача Уралоглу.

Министерот Уралоглу потсети дека денес се навршува една година од почетокот на нечовечните напади врз Палестина и Газа и дека ги осудува и сака што поскоро да престанат. Тој нагласи дека граѓаните на Босна и Херцеговина најдобро знаат низ што минуваат Палестинците денес бидејќи слични работи се случија на овие простори во периодот од 1992 до 1995 година, кога беа изгубени повеќе од 100.000 животи, а повеќе од два милиона луѓе беа раселени.

„Со цел да се стави крај на овие напади (во Газа) колку што е можно поскоро, нашиот претседател, господин Реџеп Таип Ердоган, ги презеде потребните иницијативи на секоја платформа и продолжува да го прави тоа. Како што беше замислено и како што извршителите на геноцидот во Сребреница беа осудени, така и сторителите на геноцидот во Газа и Палестина сигурно ќе бидат судени еден ден“, рече Уралоглу.

Тој потсети дека компанијата „AJet“ започнала со летови на 31 март годинава и додаде: „Денес сме во градот Тузла, секако дека не можевме да ја игнорираме Тузла, моравме да дојдеме и овде. Се развиваме со пристапот дека не постои точка на Земјината топка до која не летаме денес, до 347 различни дестинации во 131 земја. Тој број ќе го зголемиме на 349 до крајот на годината. Искрено верувам дека релацијата Истанбул-Тузла ќе ги подобри односите и трговијата меѓу двете земји и со другите земји.“

На крајот Уралоглу рече дека на летот од Истанбул во авионот имало и турско семејство што пристигнало во Босна и Херцеговина.

Премиерот на Тузланскиот кантон (ТК), Ирфан Халилагиќ, истакна дека воспоставувањето на оваа линија е голема работа за граѓаните на кантонот Тузла.

„Навистина сакам да им се заблагодарам на оние што ни помогнаа да ја воспоставиме оваа врска и комуникација. Денес сме особено среќни бидејќи со овој прв лет компанијата ‘AJet’ официјално доаѓа во кантонот Тузла и веројатно ова е почеток на долгогодишна соработка со компанијата. Се покажа повеќе од оправдано воспоставувањето на линијата Истанбул-Тузла бидејќи голем број патници се повеќе од заинтересирани да патуваат во Истанбул и обратно“, рече Халилагиќ.

– „AJet“ лета до 95 дестинации –

Генералниот директор на „AJet“, Керем Сарп, изрази сочувство до семејствата на жртвите во поплавите и одроните во Босна и Херцеговина, а на повредените им посака брзо закрепнување.

„Денес сме возбудени и горди. Поминаа повеќе од шест месеци откако го започнавме нашиот прв лет како ‘AJet’ на 31 март. Поминавме низ напорен период, отворивме осум меѓународни дестинации во изминатата недела. Една од овие маршрути е релација на меѓународниот аеродром во Истанбул, ‘Сабиха Гокчен’ – ‘Тузла’, која нè собра овде денес. Чест ми е да бидам со вас на овој значаен ден кога изградивме уште еден мост меѓу Туркије и Босна и Херцеговина, две пријателски и братски земји“, рече Сарп.

Тој потсети дека „AJet“ со својата модернизирана флота од 85 авиони превезува патници на 95 дестинации, од кои 41 во Туркије, 54 во 32 земји во светот, а во наредните 10 години цел е да се зголеми на 44 земји и 113 града.

„Оваа соработка со Меѓународниот аеродром ‘Тузла’ не само што ќе ја зајакне воздушната врска меѓу двете земји туку ќе ја отвори вратата за нови економски, културни и туристички можности. ‘AJet’ отвори друга линија во Босна и Херцеговина. Организираме летови до Сараево седумпати неделно. На линијата ‘Сабиха Ѓокчен’ – ‘Тузла’, која ја отворивме денес, ќе имаме меѓусебни летови еднаш неделно (понеделник)“, додаде Сарп, заблагодарувајќи им се на сите што придонеле за реализацијата на оваа линија.

„AJet“ ќе лета од Тузла до Истанбул секој понеделник. Според најавите, од идното лето „AJet“ треба да лета и од Меѓународниот аеродром „Тузла“ до познатата турска туристичка дестинација Анталија.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

Претходно

Смртни закани кон Гризман од навивачи на Реал Сосиедад

Следно

Папата Франциск: Светот е „срамно неспособен“ да донесе мир на Блискиот исток

Latest from Blog