Нафтената индустрија на Србија (НИС), што е под санкции од САД поради мнозинско руско сопствеништво, не коментираше засега за наводната блокирана испорака на околу милион барели казахстанска нафта наменета за компанијата, доставена до Омишаљ во Хрватска. Српски медиуми јавија, пренесувајќи информација на агенцијата Ројтерс дека танкер со казахстанска сурова нафта е пристигнат во Омишаљ на 9 октомври, но товарот не е доставен во Србија.
Јадрански нафтовод (ЈАНАФ), преку кој суровата нафта стигнуваше до НИС до почетокот на санкциите на САД, ниту ја потврди ниту ја негираше таа информација. Оттаму за хрватски медиуми одговориле дека последната испорака за НИС била на 8 октомври оваа година.
„По тој датум, нема повеќе неиспорачана нафта за НИС во системот ЈАНАФ“, изјавија од компанијата.
Медиумите во Белград пренесоа дека извори кои зборуваа под услов да останат анонимни, за Ројтерс изјавиле дека Србија има само неколку дена пред рафинеријата за нафта во Панчево да остане без сурова нафта за преработка и да престане со работа.
Танкерот „Маран Хелиос“, што транспортирал милион барели казахстанска сурова нафта, наменета за НИС во Србија, пристигнал во Омишаљ на 9 октомври, според податоците од аналитичката група Кплер. Сепак, горивото потоа не пристигна во Србија, изјави извор близок до ова прашање, пренесоа медиумите во Србија.Таа количина нафта е доволна за работа на рафинеријата во Панчево за 10 денови. Нема засега информации дали нафтата што ја пренесувал танкерот е веќе продадена на друг купувач.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека очекува до крајот на оваа недела или во текот на следната недела да има одговори во врска со Нафтената индустрија на Србија и истакна дека медиумските написи дека Хрватите ќе станат нови сопственици на компанијата се невистинити.
„Се надевам дека до крајот на неделата или следната недела ќе имаме што да ви кажеме по ова прашање“, рече претседателот Вучиќ на прославата на СНС, одговарајќи на новинарско прашање дали има напредок во врска со моменталната состојба со НИС.
Тој предупреди на 9 октомври дека, без нови испораки, рафинеријата во Панчево, што обезбедува поголем дел од нафтените производи во земјата, вклучувајќи бензин и гориво за авијација, би можела да има тешкотии да продолжи со работа по 1 ноември. Сепак, Вучиќ рече дека складиштата за гориво се полни и дека постојните залихи на нафтени деривати треба да обезбедат снабдување на Србија до крајот на годината.
„Нема да има недостиг од сурова нафта, нејзини деривати и нема да има енергетска криза“, рече Вучиќ минатата недела.
НИС беше ставен на списокот на санкции на САД на 10 јануари поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно мнозинска руска сопственост.
Оттогаш, спроведувањето на санкциите беше одложено осум пати, но стапи на сила на 9 октомври.
Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС беше променета неколку пати, но таа сè уште е претежно во рацете на руски компании.
Извор: vecer.mk


