Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на ладата Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ Стратегија СМАРТ/МК 2030, нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
-Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема, истакна министерот Андоновски.
Во фокусот на обраќањето беа два клучни проекти:
Терминали за услуги (е-Киоск)
Денеска беа промовирани Терминалите за услуги (е-Киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации низ државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, прилагодени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-Киоск, граѓаните ќе можат да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за рурални средини, повозрасни лица, граѓани без постојан интернет-пристап и општини со ограничени административни капацитети.
е-Сандаче – официјален дигитален канал со државата
Министерот истакна дека е-Сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
-Важно е да се нагласи: е-Сандачето не е обична електронска пошта, потенцираше министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење на статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Конкретна и мерлива имплементација
Во завршниот дел, министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, Документ-менаџмент систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-Сандачето и Терминалите за услуги, државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација – со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.
Извор: kurir.mk



