Анкета спроведена меѓу 1.100 граѓани на Општина Бутел покажува значителна промена во перцепцијата на граѓаните Албанци кон актуелниот градоначалник Дарко Костовски.
Според резултатите, од 228 анкетирани Албанци, 44,7% позитивно или делумно позитивно ја оцениле работата на Костовски, додека 52,2% дале негативна или делумно негативна оценка. Само 3,1% од испитаниците се изјасниле како неопределени.
Сепак, најмногу внимание привлекува споредбата со 2023 година. Според податоците од анкетата, поддршката кај Албанците за поранешниот градоначалник на Општина Бутел од редовите на СДСМ во истиот период била речиси трипати пониска, што укажува на значително зголемување на довербата кон актуелниот градоначалник.
Според анкетираните граѓани, оваа промена е поврзана со реализацијата на инфраструктурни проекти во населбите со мнозинско албанско население и во мешаните населби во општината.
Меѓу најзначајните проекти реализирани за време на мандатот на Дарко Костовски се издвојуваат:
– Реализацијата на проектот за водоводната мрежа во населбата Љуботен, долгочекувана инвестиција за жителите по повеќегодишно чекање.
– Инвестиција од над 1 милион евра во населбата Скопје Север, со фокус на инфраструктурата и подобрувањето на урбаните услови.
– Изградба на нова детска градинка во Бутел 2, со што ќе се зголемат капацитетите за згрижување на децата.
– Изградба на ново основно училиште во Визбегово, една од најголемите инвестиции во образованието во општината, како и изградба и реконструкција на улици и улички во оваа населба.
Резултатите од анкетата сугерираат дека реализацијата на конкретни проекти на терен се одразува и врз перцепцијата на дел од албанскиот електорат во Општина Бутел, правејќи ја поддршката за актуелниот градоначалник Дарко Костовски значително повисока во споредба со периодот кога општината беше раководена од СДСМ.
