ДОЛЖНИ СМЕ МУ НА КРСТЕ МИСИРКОВ УШТЕ ДА ГО ИСТРАЖУВАМЕ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, РЕКОА ЛИНГВИСТИ И ИСТОРИЧАРИ НА 150-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО

3 mins read

Крсте Мисирков не случајно е најголемиот Македонец на 20. век, затоа што тој ги поставува основите на кодифицираниот, на стандардниот македонски јазик. Прашањата што се поставувале тогаш, еден дел се одговорени, меѓутоа еден дел, дел од нашите соседи, сè уште сакаат да ги негираат, рече директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова- Грујовска на денешното одбележување на јубилејот 150 години од неговото раѓање.

Во чест на јубилејот, денеска се одржа тркалезна маса „Академскиот профил на Крсте Мисирков“  на Институтот за македонски јазик  во заедничка организација со Институт за национална историја, Институт за фолклор „Марко Цепенков“ и Институт за македонска литература.

„Македонски пошти“ издадоа поштенска марка со номинална вредност од 36 денари и тираж од 6.000 примероци. Дизајнер на марката е Лоран Куфало.

„Постоењето на македонската држава е факт, македонскиот јазик како литературен јазик е факт, прифатен во светот, и признат во највисоките лингвистички кругови и во највисоките славистички кругови. И од тие причини денеска ние, всушност, само треба да се потсетиме на тоа што ни го остави Крсте Мисирков како аманет, и само треба да ја продолжиме неговата борба. Ако тој во време на непризнавање на македонскиот народ, на непостоење македонска држава, целиот свој работен и животен век го посвети на македонското прашање и на признавањето и созадавањето на македонскиот јазик, ние сме должни, тоа е наш патриотски чин да го истражуваме македонскиот јазик, да го проучуваме, и секако да се потсетуваме на делото на Крсте Мисирков“, рече Јованова-Грујовска.

Од денешното одбележување на јубилејот 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков. (Фото: Институт за македонски јазик)

Професор д-р Лилјана Гушевска од Институтот за национална историја кажа и дека за Мисирков е секогаш важно да се зборува, и никогаш не е доволно она што е кажано.

„Досега се напишани илјадници страници, и од домашни и од странски истражувачи, и не само што ние Македонците со голем пиетет се однесуваме кон неговото дело, туку импозантно е кога ги читаме странските лингвисти, историчари, проучувачи на делото на Мисирков со каква почит зборуваат за него. Навистина, Мисирков оставил едно огромно наследство. Тоа наследство не може да се брои со страниците што ги испишал, затоа што секој збор е извонредно значаен, затоа што Мисирков, едноставно, ни оставил една национална програма, и во книгата ‘За македонските работи’, но и со севкупното негово дело. Ни оставил национална програма како се сака и се почитува татковината, како се сака и се почитува мајчиниот јазик, каков однос треба да имаме кон сето она што не прави нас Македонци, различни од другите. Тој секогаш бил со почит кон другите, секогаш бил да ги почитува културата историјата, идентитетот на другите народи, на другите луѓе. Но, затоа и барал и нам Македонците да ни се признае правото како оделен народ со свој јазик и свој идентитет, и целиот свој живот тој доследно го работел тоа како македонски интелектуалец“, кажа професорката Гушевска.

Професор д-р Билјана Ристовска-Јосифовска од Институтот за национална историја истакна дека идеја да се организира оваа тркалезна маса не е само поради фактот што одбележуваме 150 годишнина од раѓањето на овој голем македонски деец,  туку и затоа што е ова време можеби погодно да се истакне неговата улога, не само она што го направил, туку и да се афирмира академскиот профил на Крсте Мисирков.

„Понекогаш се запоставува тој аспект и особено е жално што своевремено кога тој живеел во својата современост, не бил доволно афирмиран од низа околности во коишто живеел и коишто ја засегнувала, пред сѐ Македонија. Тоа е време на крајот на 19. век и почетокот на 20. век, време кога славистичката наука и не само славистичката наука, туку и политиката, имено, се занимава со Македонија и Македонците обидувајќи се да ја проучи Македонија, но притоа многупати негирајќи го македонскиот идентитет. Во такви услови се раѓа делото на Крсте Мисирков и токму како и многумина и неговото дело не е доволно и во неговата современост афирмирано. Да се надеваме дека на овој начин уште еднаш ќе поттикне натамошни истражувања на Мисирков, зашто тие заслужуваат и неговите истражувања, но и нашите на Мисирков“, рече Ристовска-Јосифовска.

Таа потенцираше дека во неговите истражувања може да се најдат одговори на сите прашања коишто биле горливи и тогаш, а за жал се горливи и денеска.

„Сметаме дека и натаму треба да продолжиме со неговите истражувања бидејќи во неговите истражувања може да се најдат одговори на сите прашања коишто биле горливи и тогаш, а за жал се горливи и денеска. Па, имаме проблеми со докажување на нашето право на името, јазикот, идентитетот, фолклорот, традицијата, ‘позајмувањата“’од страна на соседите на делови од нашата историја итн. За жал, истите проблеми се провлекуваат ако ги читате неговите трудови со денешните состојби. Да се надеваме дека ќе се промени тоа“, рече проф. Ристовска- Јосифовска.

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

15-годишно момче изболо врсници во два инциденти за три недели во автобус на ЈСП

Следно

Полициски службеник осомничен во акцијата „Ланец“: Дрога од Гостивар до Скопје

Latest from Blog