Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, информира дека екипите на ЈКП „Водовод и канализација“ од раните утрински часови се на терен и интензивно работат на отстранување на дефектот на примарната водоводна линија на улицата „Леце Котески“.
Интервенцијата се реализира во координација со Дирекцијата за заштита и спасување и Територијалната противпожарна единица – Прилеп, со цел санацијата да заврши што е можно побрзо и побезбедно.
Проданоски посочи дека и покрај тоа што дефектот се наоѓа во непосредна близина на објектот на ТППЕ – Прилеп, противпожарната единица функционира непречено и е целосно подготвена за интервенции доколку има потреба.
Поради обемот на работите, во текот на денешниот ден и утре ќе има прекини и нарушено водоснабдување во овој дел од градот.
„Апелираме за трпение и разбирање од страна на граѓаните додека трае санацијата. Наш приоритет е водоснабдувањето да биде целосно нормализирано во најкус можен рок“, порача градоначалникот Проданоски.


