Можеби ова требаше да биде финале, но ете, ќе го следиме двомечот меѓу ПСЖ и Баерн Минхен нешто порано, во полуфиналето. Се среќаваат европскиопт првак против страшниот Баерн Минхен, тоа се двете екипи кои во моментов се убедливо најдобри во Европа.
Првото полуфинале се игра вечерва (21 ч) на “Паркот на принцовите“ во Париз, а реваншот се игра на 6 мај во Минхен.
Ова е двомеч за уживање, ова е битка меѓу Луис Енрике и Винсент Компани, меѓу Дембеле, Дуе против Олисе, Кејн… ова е битка за финале.
Секако дека се очекува спектакл, голеада, и не може поинаку ако се знае дека и ПСЖ и Баерн преферираат напаѓачки стил со голови и само голови. Се очекува ова да биде спектакл, да биде двомеч кој долго ќе се раскажува.
Секако дека вечерва ПСЖ е во мала предност и поради фактот дека игра дома, но и дека поради суспезија тимот на Баерн не може да го води од клупата Винсент Компани.
Баварците ја обезбедија титулата во Бундеслигата предминатиот викенд, а пред 6 дена го обезбедија и финалето на Купот на Германија. Парижаните, пак, конечно се одвоија од Ленс во Лига 1 и се чини дека во голема мера го решија прашањето за нова титула во Франција. Баерн ќе биде значително ослабен бидејќи Ленарт Карл, Серж Гнабри, Рафаел Гереиро, Том Бишоф и Свен Улрајх нема да им бидат на располагање. Домаќините имаат еден проблем со повреда, но можеби најлош за нив. Имено, мозокот на нивниот тим – Витиња – добро се опоравува од повреда на петицата, но е сомнително до кој степен ќе може да им помогне на своите соиграчи. Патем, ова ќе биде втор дуел помеѓу ПСЖ и Баерн оваа сезона. Ждрепката ги спои во лигашкиот дел од Лигата на шампионите, а во 4. коло, Баерн славеше на гостински терен во Париз со минимални 1-0.
Извор: vecer.mk


