Со присуство на Македонци од сите делови на Мала Преспа и пошироко и претставници на македонската Амбасада, денеска во Пустец, седиште на истоимената општина, беше одржан Саем на македонска традиционална кујна.
– Настанот беше организиран од страна на македонскиот активист Панде Симонофски, со поддршка преку Јавниот повик за проектни апликации наменет за правни и физички лица од дијаспората на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и истиот претставуваше вистинска прослава на македонската традиција, култура и заедништво, информираа од македонската Амбасада во Албанија.
Додадоа дека Амбасадата била претставена од првиот секретар и конзул, Радмила Стојмировска, која со своето присуство ја истакнала постојаната поддршка на Амбасадата за активностите на македонската заедница во Република Албанија и за зачувување на националниот идентитет, јазик и културно наследство.
– Амбасадата упатува искрени честитки до организаторите и учесниците и останува посветена на поддршката на вакви иницијативи што ја негуваат и пренесуваат македонската традиција на идните генерации, нагласија од Амбасадата.
Покрај претставници на здружението „ВМРО ДПМНЕ Албанија“ на настанот присуствувал и Едмонд Темелко, претседател на друштвото „Преспа“ и поранешен градоначалник на општина Пустец.
– Тоа беше прекрасен настан исполнет со вкус, мирис, традиција и емоции. Со срце и љубов, вредните преспански домаќинки ни подарија вистинско гастрономско доживување, јадења што не само што се јадат, туку се чувствуваат, истакнал тој.
Посочил дека „во духот на македонската песна и традиција, со заедништво и гордост, уште еднаш ја потврдивме нашата љубов кон корените“.
– Ова не беше само саем, ова беше празник на идентитетот, културата и традицијата. Голема благодарност до сите кои придонесоа, и до сите кои беа дел од оваа магија. Да ја чуваме и пренесуваме македонската традиција – затоа што таа нè прави тоа што сме, нагласил Темелко. (МИА)
Извор: kurir.mk


