Европа ја основа Меѓународната комисија за репарации за Украина, потег што има за цел да обезбеди Киев да добие компензација за стотиците милијарди долари штети предизвикани од руските напади и можните воени злосторства.
Собирот во Хаг на десетици лидери, вклучувајќи го и украинскиот претседател Володимир Зеленски, се совпадна со дипломатските напори предводени од САД за ставање крај на војната во Украина.
„Секое руско воено злосторство мора да има последици за оние што го сториле“, рече Зеленски пред 34 европски лидери да потпишат конвенција за формално основање на комисијата.
„Тука започнува вистинскиот пат кон мирот“, додаде тој. „Не е доволно да се принуди Русија да се согласи. Не е доволно да се принуди да престане да убива. Мораме да ја принудиме Русија да прифати дека постојат правила.“
Холандскиот премиер Дик Шуф изјави дека правдата мора да си го дозволи својот тек откако ќе се постигне мир во Украина.
„Праведен и траен мир бара Русија да ја надомести Украина за штетата што ја предизвика“, рече Шуф на конференција во Хаг.
„Не смее да има неказнивост“, додаде тој.
Русија не смее да избегне плаќање на сметката за својата војна во Украина, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на промоцијата на Меѓународната комисија.
Комисијата, која ќе потврди дека воените штети во Украина треба да ги плати Русија, им испраќа порака на идните агресори, рече Калас, дека „ако започнете војна, ќе бидете повикани на одговорност“.
Но, формирањето на комисијата не значи дека Украина може да очекува брзи репарации, истакнува Ројтерс.
Извор: tv21


