Прилеп со гордост го одбележа најсветлиот ден од својата историја – 3 ноември, Денот на ослободувањето, кога пред точно 81 година градот ја извојува својата конечна слобода. На свечената седница по тој повод, градоначалникот Дејан Проданоски упати порака на благодарност, почит и единство, потсетувајќи на хероите кои ја запишале најславната страница на прилепската историја.

„Овој ден не е само дел од календарот, тој е темелот на нашиот идентитет, сведоштво за храброста, пожртвуваноста и непокорот на генерации прилепчани кои ја извојуваа слободата,“ истакна Проданоски.

Тој им оддаде признание на борците на 41-та и 42-та дивизија, партизаните, илегалците и сите граѓани кои со вера и жртва го остварија сонот за слободен Прилеп и слободна Македонија. Проданоски се заблагодари и на генерациите што го градеа градот по војната, истакнувајќи дека трудот на работниците, тутунарите, лекарите, наставниците и уметниците го претвориле Прилеп во симбол на достоинство, култура и традиција.
На свеченоста во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ беа врачени општинските награди „3 Ноември“ на граѓани и институции кои, како што рече градоначалникот, „со своето дело го продолжуваат патот на нашите херои“. Посебна благодарност Проданоски упати кон добитниците на наградите за животно дело – уметникот Рубенс Корубин и спортскиот работник Јове Магдески (постхумно).

„Со нивното творештво и посветеност тие оставија неизбришлива трага во уметноста, спортот и духовниот развој на нашиот град,“ рече Проданоски, нагласувајќи дека Прилеп денес се соочува со нови предизвици.

„Нашата борба денес не е против надворешен непријател, туку против апатијата и празните улици. Света должност ни е да создадеме услови младите да останат овде и да го градат својот живот и успех во Прилеп,“ порача тој.

Во таа насока, Проданоски ги истакна стратешките проекти на општината – развојот на индустриските зони „Прилеп 4“ и „Прилеп 5“, решавањето на проблемот со Градската река, изградбата на новата градинка во населбата „Рид“, создавањето нови зелени површини и модерната инфраструктура што ќе го поврзе градот со остатокот од земјата.

„Нека 3 ноември ни биде потсетник дека слободата е обврска, а не само привилегија. Да го чуваме аманетот на нашите херои со чесност, работа и обединување,“ порача Проданоски, завршувајќи со зборовите:
„Нека е честит и вековит 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп! Вечна слава на хероите! Да живее Прилеп! Да живее Македонија!“


