Во интервју за новото издание на „Харперс Базар УК“, 56-годишната ѕвезда од серијата „Пријатели“ се осврна на коментарите дека не сака деца затоа што е „себична работохоличарка“, објавува „Дејли меил“.
„Тие не ја знаеја мојата приказна, ниту низ што минувам во последните 20 години обидувајќи се да основам семејство, затоа што не излегувам јавно и не им кажувам за моите медицински проблеми. Тоа не е ничија работа“, рече актерката.
„Но, доаѓа момент кога едноставно повеќе не можете да ги игнорирате сите тие приказни за тоа како никогаш нема да имам дете, семејство, затоа што сум себична и зависна од работа. Тоа влијае на мене, јас сум само човечко суштество. Сите сме човечки суштества.“
Во 2022 година, актерката откри дека неуспешно се подложила на процедури за ин витро оплодување и призна дека жали што не ги замрзнала јајце клетките порано. „Тоа беше предизвикувачко патување за мене“, рече Анистон во тоа време. „Во моите доцни 30-ти и 40-ти години, поминував низ навистина тешки работи. Поминував низ ин витро оплодување, пиев кинески чаеви. Пробував сè.“ Таа додаде: „Би дала сè да ми кажат: Замрзнете ги јајце клетките. Направете си услуга. Само не размислувајте за тоа. Па еве ме денес. Бродот отплови.“
Џенифер беше во брак со Бред Пит од 2000 до 2005 година. Гласините дека тој ја напуштил затоа што не сакала да му роди дете ги нарече „апсолутни лаги“.
Пит подоцна имаше шест деца со Анџелина Џоли.
Во 2015 година Џенифер се омажи за актерот Џастин Теру, но двојката се разведе три години подоцна. Теру се ожени повторно во март оваа година, а извор откри за Дејли Меил дека Џенифер била меѓу првите што му честитале.
Извор: vecer.mk