Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин без никакви предуслови.
Тој го изјави ова во интервју за телевизијата Скај њуз, нагласувајќи дека е отворен за директни разговори со цел да се најде решение за прекин на вооружениот конфликт.
Според него, состанокот би можел да има трилатерален формат, со присуство на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп. Сепак, Зеленски јасно стави до знаење дека самитот не треба да се одржи во Москва.
Украинскиот лидер претходно го повика Трамп да заземе „јасен став“ во врска со санкциите против Русија и безбедносните гаранции за Киев. Тој нагласи дека единствениот начин да се запрат борбите е да се спроведат таквите гаранции, со активна улога на Вашингтон.
Зеленски оцени дека учеството на Трамп на евентуален состанок би дало дополнителна тежина на преговорите и би можело да го отвори патот за компромис, но повтори дека Украина нема да се откаже од своето барање за меѓународна безбедносна рамка што би ја обезбедила нејзината независност и територијален интегритет.
Извор: tv21