Двајца повредени префрлени на лекување во КБЦ во Загреб, градоначалникот нуди бесплатно сместување за родителите

March 18, 2025
1 min read

Две лица повредени во пожарот во дискотеката во Кочани утринава се пренесени на лекување на Клиниката за трауматологија во Клиничкиот болнички центар „Сестре милосрднице“ во Загреб, додека транспортот на уште двајца пациенти се очекува денеска.

Тихана Магдиќ Турковиќ, началник на Одделот за анестезиологија и интензивно лекување на Клиниката за трауматологија, КБЦ, во изјава за ХРТ посочува дека кај нив биле донесени две момчиња, од кои едното е малолетно.

– Едно лице (16 години) има мали изгореници од приближно 10 проценти, без повреди при вдишување и не бара интензивно лекување. Другото лице (23 години) има изгореница од 10-15 проценти и има повреда при вдишување која бара интензивни мерки за лекување, изјави Магдиќ Турковиќ.

Засега не се констатирани дополнителни повреди кај пациентите.

– Во случајот со полесни изгореници пациентот ќе биде на опсервација. Ќе бара хируршки третман. Поголемата, посериозна повреда бара интензивни мерки за лекување, имајќи предвид дека се работи за повреда од вдишување, потребна е механичка вентилација, односно употреба на респиратор, инхалациона терапија, аналгоседација, рече докторката.

Таа додаде дека на пациентите со изгореници им треба повеќемесечно лекување.

– Трансплантацијата на ткиво е опција за третман на изгореници. Сè уште не сме во фаза кога можеме да процениме дали тоа ќе биде потребно или не. За неколку дена ќе ја процениме длабочината на изгореницата и ќе донесеме заклучоци, изјави д-р Магдиќ Турковиќ.

Клиниката, како што кажа таа, е подготвена да ги прими и останатите најавени пациенти како со медицински персонал, така и со потребната апаратура.

Примариус Драган Ѓурѓевиќ од Клиниката за трауматологија рече дека за среќа, помладиот пациент има полесни изгореници, додека кај вториот пациент примарен третман е изгореница на дишните патишта, односно изгореници на белите дробови и соодветно се очекуваат компликации поврзани со тоа. Се работи за изгореници по главата и горниот дел од телото.

Директорот на КБЦ Давор Вагиќ изрази сочувство до семејствата на загинатите во трагедијата во Северна Македонија. Информира дека министерката за здравство Ирена Хрстиќ утрото веќе била во болницата и дека сите активности се координирани од Министерството за здравство и Владата.

Тој посочи и дека во Клиниката за трауматологија на Република Хрватска има Центар за изгореници и дека таму работат најкомпетентните луѓе во земјава за лекување на изгореници, а имаат и банка за ткиво која е конкретно поврзана со лекување на изгореници.

Хрватската Влада информирала дека во текот на денешниот и утрешниот ден со хеликоптер на хрватската Армија ќе бидат превезени уште четворица пациенти, кои исто така ќе бидат згрижени во хрватските здравствени установи.

Градот Загреб нуди сместување на семејствата на пациентите кои треба да поминат месеци за лекување и закрепнување во Загреб.

– Како Град Загреб, контактиравме со Македонската амбасада и им понудивме на семејствата на повредените сместување додека се во Загреб, за време на лекувањето на нивните најблиски. Резервиравме сместување доколку им треба, ќе добиеме контакт од амбасадите доколку го примат. Сакавме да дадеме свој придонес од солидарност во трагедијата што ја зафати Македонија, изјави Томислав Томашевиќ, градоначалник на Загреб.

Во пожарот во Кочани загинаа 59 лица, а 155 се повредени.

ИЗВОР: kurir.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Погребот на жртвите од трагедијата во Кочани ќе се одржи во четврток, 20-ти март

Следно

Продолжуваат израелските напади врз Газа, а неексплодираните бомби се дополнителна закана за цивилите

Latest from Blog

Поради маглата откажани и одложени летови, намалена видливост на дел од патиштата

Густата магла во скопската котлина како и вечерва предизвика  откажување и доцнења на летовите од Меѓународниот аердором Скопје, а намалена е видливоста и на дел од од патните правци. Според информациите од

Николоски: Македонија останува посветена на правата на турската заедница

Нема поблизок народ за македонскиот народ од турскиот, нема поблиска држава за Македонија од Туркије и горд сум што можам да кажам дека Македонија овозможува изучување на мајчиниот турски јазик на турската

Маинц и Сент Паули ги поделија бодовите

Во дуелот на двата тима кои сезонава ќе имаат огромни проблеми да обезбедат опстанок, Маинц и Сент Паули одиграа 0:0. Двата преостанати бодови од потенцијалната победа за било кој од двата тима

ЕУ се премисли во врска со забраната за бензински и дизел мотори

Германија слави победа за своите производители на автомобили откако Европската комисија ја олесни планираната забрана за мотори со внатрешно согорување до 2035 година. Сепак, промената на политиката би можела да се покаже

Во Владата на состанок разгледани тековните приоритети од Реформската агенда

Во Владата денеска се одржал состанок за тековните приоритети од Реформската агенда. -Денеска одржавме неделен состанок на тема реформска агенда. На состанокот беа разгледани тековните приоритети и рокови за спроведување на клучните
Go toTop