По цена од десетици илјади загинати Украинци, Зеленски уште е на ставот дека за Украина не е прифатливо ништо друго освен враќање на целата нејзина територија, вклучително и Крим од 2014. Исто и Русите, со исто или повеќе жртви, не само што порачуваат дека немаат намера да отстапат педа освоена територија, туку и напредуваат на фронтот.
Украинскиот пркос налага дека нема да има никакви преговори се додека има руски војници на украинска територија. Ваквиот став иако е јуначки е одржуван само со висок број украински жртви, и не е познато уште колку долго ќе може така да се тера имајќи ја предвид директната опасност од целосно истоштување на украинските трупи и немање начин како да се пополнат нивните редови, што на долг рок ја загрозува безбедноста и на самиот Киев.
Украинците сега се крстат во добивање на модерно оружје од Западот, меѓу кои најпосакувани се Ф-16, за кои, исто како што беше со тенковите, дел од аналитичарите сметаат дека нема нешто многу да сменат во војната.
„Најпроблематично за Зеленски ќе биде справување со очекувањата на својата земја. Тој и понатаму има висока поддршка и по две години војна и голем број жртви меѓутоа ‘солидарноста’ се тенчи,“ пренесува Вашингтон пост изјава на западен дипломат во Киев.
Пораката од украински парламентарци е и дека владејачката гарнитура ќе треба постепено да ја коригира својата реторика за задолжително враќање на целата украинска територија, бидејќи е јасно дека тоа не е реално.
За разлика од минатогодишниот оптимизам кој владееше во Украина и Западот во овој период пред украинската контраофанзива, сега Зеленски треба да работи и со растечкиот песимизам околу шансите на Украина на фронтот, каде поразите се нижат заради недостаток на војска и муниција.
Сега за Киев се пореална станува и опцијата за целосно прекинување на помошта од Америка, откако беше најавено дека во скоро време пакетот за помош од 60 милијарди долари ќе се стави на гласање во Конгресот, ама ќе претрпи длабоки ревизии.
Дури и овој пакет да биде изгласан сериозни се сомнежите дека барем во 2024, која е изборна година во САД, тој ќе биде последната помош за Украина од Вашингтон. Оставен на Европа, Зеленски не може да се надева ни на дел од помошта.
„Украина нема сила да истера уште една офанзива. Има две сценарија. Едно е да добијат поддршка за одржување на главните фронтовски линии. Второто е дека нема доволно поддршка а Украина ќе се одбрани себе си како знае, очајнички и со помалку луѓе,“ изјавил западен амбасадор во Киев, според кого ако Украинците недоволно опремени годинава се судрат со Русите тие ќе претрпат зголемен број на жртви и загуба на територија.
Според амбасадорот Украинците мора да се подготват за 2025, како за „уште една година војна, не за мировни преговори“.
„Ако Западот сака мир, тој не само што треба да одговори на сегашните потреби на Украинците туку и да ја искористи 2024 за да им обезбеди на Украинците се што е неопходно за да влезат во офанзива и да постигнат значителен напредок во 2025,“ смета амбасадорот.
Пост потсетува дека за ова да се оствари, освен Западот, својата работа треба да си ја заврши и Украина, посочувајќи на бројот на регрутирани и недостатокот на војска на фронтот.
Зеленски неодамна го потпиша новиот закон кој предвидува долната граница за мобилизација да биде симната од 27 на 25 години, но јасно изјави дека бројката од 500.000 нови регрути која своевремено ја посакуваше Валериј Залужниј, нема да биде исполнета. Истото го потврди и новиот командант на украинските вооружени сили.
Западни дипломати го обвинуваат Зеленски и украинскиот парламент дека си играат „политички пинг-понг“ со мобилизацијата бидејќи е непопуларна и никој не сака да ја сноси одговорноста.
„Тоа мора да се направи. Не може вака да се продолжи. Слушам дека луѓето кои се на фронтот веќе не можат да издржат.
И потоа ќе се вратат дома на отпуст гледаат наоколу млади момци насекаде, и јас би го презирал тоа. Па згора на тоа се и социјалните тензии,“ објаснува неименуван западен дипломат од Киев.
Масовната мобилизација освен од човечки, не може да биде издржана и од економски аспект, прво заради големиот скок во трошоците за платите за овие нови половина милион војници, кои во исто време ќе бидат луѓе што се исклучени од работната сила на украинската економија и индустрија.
„Никој нема да се откаже од територија, но на луѓето им е јасно дека за нејзиното враќање ќе треба многу време.
На каков начин ќе се случи? Тука гледиштата се разликуваат. Долга војна со евентуална победа? Ненадеен колапс на руската владејачка структура? Успешна контраофанзива? Меѓутоа тоа бара различен тип на поддршка од она што Украина сега го има,“ објаснува професорот од Киевската школа за економија, Тимофеј Милованов.
ИЗВОР: off.net.mk