Премиерот Димитар Ковачевски смета дека нема никаков проблем во изборот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за претставник во арбитражното тело на Светска банка и посочува дека е направен врз основа на правилата на ова тело, но и дека претходно на таква позиција бил и поранешниот вицепремиер во тој ресор Владимир Пешевски. Именувањето, пак, на поранешната градоначалничка на Општина Арачиново, Миликије Халими, за генерална директорка на АД „Аеродроми“ во државна сопственост, според Ковачевски, е според критериумите на претпријатието и универзитетска диплома што ја приложила.
Изборот на претставник на Cеверна Македонија во арбитражното тело на Светска банка се прави врз основа на правилата на арбитражното тело, коешто е меѓународно. Таму е предложен господинот Битиќи, како вицепремиер, економист, кој исто така има искуство како дел од координативното тело на нашата држава во однос на арбитражните постапки. И со оглед на тоа дека веќе беше избран од страна на меѓународното тело нема никаков проблем во однос на неговиот избор. Дополнително на тоа е што до декември 2022 година претставник на Cеверна Македонија во истото тело беше поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски, изјави Ковачевски, на новинарско прашање околу изборот на Битиќи за што имаше реакции во јавноста.
Според Ковачевски, Халими е избрана од страна на Надзорниот одбор и критериумите на „Аеродроми“ кое што, како што нагалси, е сепак едно мало претпријатие, и врз основа на универзитетска диплома која ја има доставено.
Одговарајќи потврдно дека е на предлог на Владата повторно нагласи дека е врз основа на универзитетска диплома што ја има, а ја имале и други функционери кои вршат пратенички и други функции.
На прашање дали во време на криза не е претерената сумата од милион евра на тендерот на Министерството за надворешни работи за набавка на автомобили за Самитот на ОБСЕ, Ковачевски истакна дека во рамки на тој лимит ќе се направи изнајмување на возила а не набавка.
Тоа е најголемиот настан што нашата држава го организира во своето постоење, со учество на 70 државни делегации, како и делегации од меѓународни институции каде постојат стандарди. Ќе бидат искористени сите возила кои ги исполнуваат стандардите на ОБСЕ во однос на организирање ваква меѓународна конференција, а кои ги користат државните институции. Со оглед на тоа дека има недостаток на такви возила за потребниот период МНР имаше отворено постапка, според која во рамките на тој лимит ќе биде искористено за изнајмување, не за набавка на возила за делегациите кои ќе доаѓаат. Сите детали во однос на организацијата се во МНР, појасни Ковачевски, по настанот по повод Национлниот ден на осигурување.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.