Во Брисел беше одбележана 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик

May 28, 2025
2 mins read

Со пригодни обраќања, читање на стихови од поезијата на Блаже Конески и Славко Јаневски и настап на групата Љубојна синоќа во Брисел беше одбележана 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик. 

– Овој ден не е само симбол на јазична норма, туку и на културна самобитност, бидејќи јазикот не е само средство за комуникација, туку и простор во кој се вградени мислите, чувствата и колективната меморија на еден народ, истакна во воведното обраќање на настанот вршителката на работите во Македонската амбасада во Белгија, Сузана Мехмеди. 

Таа додаде дека со ова чествување воведно се одбележува и денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, кои ни ја подарија глаголицата – основата на словенската писменост и кои со своето дело го поставија темелот на македонската писменост и културна традиција. 

– Денес овде во срцето на Европа го славиме македонскиот јазик како дел од заедничкото европско културно наследство. Да го чуваме, негуваме и пренесуваме понатаму, истакна Мехмеди. 

Извршната директорка на Европската асоцијација за применети науки во високото образование, Маја Дамјановска-Момироска, пак, порача дека ова е вечер посветена на нашиот јазик, нашата историја и нашата душа. 

– Вечерва не славиме само јазик, славиме чин на државност. Славиме еден од најважните моменти во македонската историја – денот кога нашиот јазик доби правопис, своја граматика и свои јасни правила. Со тоа Македонецот застана пред светот во свој јазик, со право да зборува, да создава и да сонува во боите на сопствената мисла, рече Дамјановска-Момироска. 

Таа посочи дека од своите зачетоци во мугрите на словенската писменост, преку делото на светите браќа Кирил и Методиј, македонскиот јазик растеше, не како одлука на неколкумина, туку како вековно ехо на народниот глас обликуван во приказна, ритам, молитва и жед за изразување. 

– Во 1945 година со внимателност, научна мисла и длабока љубов се поставуваат темелите на стандардниот македонски јазик. Во тој процес централна фигура беше Блаже Конески, човек кој го претвори јазикот во норма, но и во поезија. Конески велеше: јазикот е нашата татковина. За него тоа не беше географска карта, туку место во кое сме свои меѓу своите, дури и во најголемата туѓина, нагласи Дамјановска-Момироска.   

Таа додаде дека патот на јазикот, сепак, не заврши со неговата кодификација, туку тој продолжи низ нашите животи, песни и тишини и се уште трае меѓу нас. 

– Јазикот останува со нас дури и кога животот не однел далеку. Тој живее во се што не потсетува кои сме ние, во зборовите коишто ги чуваме, во тишините што ги разбираме. Затоа вечерва зборуваме за него, не како за средство, туку како за дел од нашата суштина, рече Дамјановска-Момироска. 

Според неа, тоа е јазикот што шепоти во секојдневието, кога не зборуваме гласно, а се разбираме целосно и тогаш, како што рече, го чувствувам најмногу во приказната што им ја раскажувам на моите деца, во нивните едноставни прашања изговорени на јазик што ги враќа во нивниот корен. 

– Македонскиот јазик не знае граници, но знае корени и затоа должноста да го предадеме и негуваме не е товар, туку чест што ја носиме со љубов. Да го направиме присутен во светот на младите за да прерасне во нивен внатрешен глас, за да растат со него како нешто што од секогаш им припаѓало. Овој јазик не е само наследство, тој е и иднина. Создаван е со љубов, сочуван со нежност и пренесуван со одговорност, додаде Дамјановска-Момироска.

Обраќања на настанот имаа и ќерката на академик Славко Јаневски, Јана Јаневска Терзиовска и актерката и продуцентка Лабина Митевска. Дополнително, Митевска и Дамјановска-Момироска интерпретира и песни од Блаже Конески и Славко Јаневски. 

На ѕидовите, пак, во просторијата во Македонската амбасада во Брисел во која се одржа одбележувањето на годишнината, беа поставени и слики на познати македонски автори.  

На настанот, меѓу другите, присуствуваа и заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, шефот на нашата Мисија при Европската Унија, амбасадорот Зулфи Исмаили, повеќе културни и општествени активисти и дејци по потекло од Македонија кои живеат во Белгија, како и странски амбасадори и гости.

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Топол воздух од Африка ќе ја заплисне Македонија викендов

Следно

Таравари: Времето ги разоткрива сите, граѓаните ја разбираат политичката игра на заговорниците од АА

Latest from Blog

Израел го приведе екипажот на хуманитарен брод, меѓу нив и пратенички од Франција

Хуманитарниот брод „Хандала“, кој беше пресретнат од израелската војска, пристигна во пристаништето Ашдод на југот на Израел, јави француската телевизија BFM. Членовите на екипажот, меѓу кои и две пратенички од француската партија

Активни пожари во кумановските и селата од општина Старо Нагоричане Бељаковце, Стрезовце, Сув Ора и во Руѓинце

Активни се пожарите во кумановските и селата од Старо Нагоричане, информираа денеска од противпожарните единици. Пожар зафати поголема површина во кумановските села Облавце, Бељаковце, Стрезовце, Руѓинце, а се прошири и кон Сув

Израел го одвлече бродот со помош за Газа до пристаништето Ашдод, ги испрашува активистите на бродот

АНКАРА (АА) – Израелските сили денес до пристаништето Ашдод во јужен Израел го влечеа запленетиот брод со хуманитарна помош, кој се обиде да ја пробие опсадата на Појасот Газа, соопштија локалните медиуми,

Дури 33 пожари на отворено – 12 активни, 5 под контрола, 16 изгаснати

Меѓу најкритичните активни пожари се издвојуваат оние во Василево, Прилеп, Македонски Брод, Крива Паланка и Петровец, каде што гори мешана шума, бор, нискостеблеста вегетација и сува трева. Во некои региони, како Прилеп
Go toTop