За секој денар од мојата имотна состојба имам пријавено и документирано потекло на имот. Целосен увид во мојот имот имаа властите и сите институции во Македонија во изминативе 7 години (2017 – 2024).
Целиот мој имот е детално пријавен, со законски и документирани трансакции, без било какви забелешки или спорни моменти.
Секоја поголема трансакција во платниот промет во Македонија се бележи од повеќе државни институции, со протоколи, кои детално го следат потеклото и трансферот на средствата. Неколку објаснувања:
Село Трстеник, Св. Николе:
Земјиште и ниви кои се повеќе од 100 години во моето семејство од дедо, прадедо и чукун дедо.
Карабина без фасада која татко ми ја изградил пред речиси 30 години. Изградбата сопре пред речиси 30 години поради специфични имотно – правни причини во поширокото семејство.
Имот во Керамидница – Скопје:
Купен од дедо ми околу 1955-та година, пред 70 години. Потомците, наследниците и братучедите треба да ја завршат поделбата на имотот на дедо ми, кој почина пред 21 година.
Стан во Аеродром:
Купен пред речиси 30 години, кога јас сум имал 7 (седум) години. Татко ми и мајка ми двајцата работеа како доктори во Ирак (1983 – 1985) за да заработат за станот во Аеродром.
Тие работеа таму за време на огромната војна меѓу Ирак и Иран (1980 – 1988), со 500.000 убиени луѓе, со тревоги за опасност од авиони и проектили. Затоа платите беа високи и моите родители можеа да заработат за станот во Аеродром.
После разводот на моите мајка и татко, станот требаше да се подели меѓу нив, а тоа не беше физички возможно. Затоа родителите во 2008 година се спогодија да го подарат станот на мене, за да се избегне продажба на станот.
Куќа во Бардовци:
Купена во 2012 година откако мојата сопруга доби наследство од починати баба и дедо. Сите средства поминаа низ темелни процедури за наследство, преку банкарски трансфери, со контрола на институциите и банките од Канада, САД и Македонија.
Во 2012 година УЈП Скопје покрена и заврши детална, темелна и повеќемесечна постапка за потеклото на мојот имот. За секој денар имав покритие и документи. УЈП Скопје после повеќе детални проверки професионално ја заврши постапката, со издаден документ од УЈП Скопје дека нема ништо спорно.
Улица – пат во Бардовци:
Деветнаесет (19) комшии сме формални “сопственици” на заеднички пат – јавна улица. Тоа е јавна површина, а фактички улицата ја користи цело село, таков е патот.
Кога други луѓе ги правеле куќите и улицата пред 20 години, така било запишано во катастар.
Вредоста на ова земјиште е 0 (нула) денари затоа што по таа тесна улица (3 метри ширина) секој може слободно да оди и вози. Никој не може ништо да гради.
Акции:
Законски купени преку банките во Македонија, со докажано потекло на средствата кои се наследство од татко ми, средства од мојата мајка, бабата и дедото на мојата сопруга и моја заштеда во изминативе 20 години.
Наследството од бабата и дедото на мојата сопруга е дојдено преку банки и законски процедури за наследство во САД, Канада и Македонија.
Мојот покоен татко Анѓелко (1948 – 2021) живееше 72 години, од кои работеше 46 години како доктор и професор. Имаше речиси 40 години стаж на клиника, 30 години доцент и универзитетски професор и 6 години со регистрирана работа во приватна болница откако се пензионираше.
Вкупно 72 години живот и 46 години работа. Работеше до последниот ден од својот живот.
Во 1980-тите години татко ми имаше приходи и повремена работа во болници во Франција (1986 година), како и работа во Ирак (1983 – 1985), заедно со мојата мајка како докторка, во време кога фирми од СФРЈ градеа огромни проекти во странство, кои чинеа милијарди долари.
Мојот татко беше во тим на врвни доктори од СФРЈ и имаше храброст да работи во ризична земја во време на голема војна, заедно со сопругата. Имаше висока функција во болницата и тоа значеше дополнителен приход.
Во 1990-тите години имаше приходи, предавања и повремени ангажмани во САД, Дубаи, Абу Даби, Кувајт и во поранешна Југославија. Наместо да оди на годишен одмор, тој одеше да работи.
Одби поголем број на конкретни понуди да се пресели и трајно да работи во болници во Сан Франциско, Сиетл, Мајами, Лондон, Париз, Лион, Љубљана, Кувајт, Катар, Женева и Цирих.
Во текот на целата кариера имаше приходи од предавања и проекти со универзитети, болници и компании од Германија, Швајцарија, Велика Британија итн.
Мојата мајка (74) има 35 години работен стаж како анестезиолог, од кои речиси 10 години како анестезиолог – специјалист во хируршки сали во Хрватска.
Акциите се купени по значително помала цена од сегашната, а во меѓувреме акциите имаат раст поради растот на компаниите.
Автомобил Фолксваген:
Возилото е старо 13 години. Купено е како половно возило.
Половното возило Фолксваген е документирано купено од родителите на мојата сопруга во 2013 година, еден месец пред да се роди нашето 3-то дете.
Пред купувањето на половниот Фолксваген, во нашето семејство имавме единствено Фиат Пунто, кое го продадов после 16 години користење во 2023 година.
Возилото Фолксваген има место за 2 родители и 5 мали седишта позади за децата. Родителите на сопругата ни купија половен Фолксваген затоа што знаеја дека планираме да имаме 4 деца. Моментално вреди околу 8.000 евра.
Автомобил Фиат 500 Х:
Наследено од мојот татко откако почина. Возилото во моментов е старо 9 години и вреди околу 8.000 евра.
Сумарно:
За секој денар од мојот имот имам документирано потекло. Целиот живот сум чесен, без скандали и афери зад себе.
Целиот живот го имам поминато во Македонија, со чист образ.
Никогаш не сакам од мене да се срамат моите родители, моето семејство и моите деца. Така се однесувам и така живеам.
Со почит,
Влатко Ѓорчев
ИЗВОР: kurir.mk