Владата работи со сите стекхолдери за доаѓање до конечна верзија на законот за заштита од пушењето. Не е во ред децата од најмала возраст да користат ароматизирани вајпови, кои потоа можат да се трансформираат во нешто друго, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одоварајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на целосно реконструираните шест операциони сали на хируршките клиники во Клинички центар „Мајка Тереза“, тој појасни дека увозниците се правдале со тоа дека ќе има шверц со таканаречените вајпови од соседните земји.
– Значи сега не е од едно лошо, алтернативата ни е друго лошо. Не е тоа суштината на оваа реформа. Ние велиме дека секој може да си продава тоа што треба да си продава, но треба да има јасно правило како сето тоа ќе функционира. Не можеме тие барања, ние ајде да дозволиме и понатаму ароматизирани вајпови да се користат, и децава на 11-12 години да ги користат. Тоа не е во ред. Тоа е она кое што ние не сакаме да биде во законот, а тие велат да има еден-два вкуса, ментол да имало. Не е ова шведска маса – малку од ова сакам, малку од она, или правиме холистички пристап, пристап со кој што ќе направиме нешто, или подобро да оставиме вака да биде како што е сега, без контрола, па да видиме до кај ќе стигнеме. Се разбира дека второто не е решение. Се разбира дека првото ќе е решение и мора да имаме рамка. Не може вака, нагласи Мицкоски.
Тој забележа дека постоечкиот закон има селективна или никаква примена, што според премиерот, е рецидив од минатото, кој сакаат да го канализираат.
-Се пуши каде што не треба да се пуши. И тука разговаравме со ХОРЕКА групацијата, хотелите, рестораните, клубовите, и тука веќе имаме некакво решение. Но, исто така околу производителите и увозниците ќе се сложите дека на малолетници се повеќе имаме примери каде што се користат и се употребуваат таканаречени вајпови, со вкусови, подвлече Мицкоски.
Министерот за здравство Азир Алиу подвлече дека стратегијата на Владата е сите закони да ги работат синхронизирано и со сите стекхолдери во државата.
-Тоа го направивме и со овој закон. Ние имавме неколку состаноци на работно ниво со работните групи, но и на политичко ниво во целата процедура беше вклучен и премиерот. Постојано се координираме и синхорнизираме со сите владини и невладини институции и бизнис заедницата. Законот е при крај. Денеска го имам последниот состанок за дополнително да се синхронизираме од правна гледна точка. И ценам дека оваа недела или наредната ќе биде дел од владините процедури, изјави Алиу.
Извор: kurir.mk


