Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе пополнува дупки во локалните буџети

May 20, 2024
6 mins read

Изградба на фекална канализација, реконструкција на водоводна мрежа, уредување на градски гробишта, изградба на детски градинки и реконструкција на училишта и спортски сали, како и изградба на локални патишта и нивна санација се дел од обврските на локалната власт, што најави дека ќе ги спроведе новата централна власт. ВМРО-ДПМНЕ, партијата којашто освои мнозинство во Собранието, вети дека еден од приоритетите на новата влада ќе биде сериозна економска помош за општините, чии сметки со години се или блокирани или пак во сериозни долгови. Од 80 општини плус град Скопје, секоја година најмалку десетина општини кубурат со пари затоа што имаат блокирани сметки.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ предвидена е милијарда евра за четири години, односно 250 милиони евра годишно од државната каса да се прелеваат во општинските сметки.

Само во првите три месеци од годинава општините заедно со јавните претпријатија, кои се под нивна капа, имаат неплатени сметки во вредност од 133 милиони евра. Општинскиот долг, заедно со долгот на јавните претпријатија во однос на првите три месеци од минатата година е намален за само 3,5 милиони евра, кога изнесувал 136,6 милиони евра. Десетина јавни претпријатија кои се под капа на општините се и на листа на должници кон Управата за јавни приходи по две основи, поради неподмирен данок на добивка и ДДВ.

Општините имаат хроничен недостаток на пари, и секој обид да им се помогне е добар, но на краток рок, неопходно е спроведување во целост на фискална децентрализација, вели поранешниот градоначалник на Велес Аце Коцевски.

„Ова ќе биде на краток рок добро решение, особено во пресрет на престојните локални избори догодина, затоа што доминираат градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, за да можат да направат градежен бум и на следните локални избори да се претстават како добитничка партија. Тоа не е добро решение, треба да се бараат долгорочни и трајни одржливи решенија за финансирање на општините, со многу поголеми трансфери од ДДВ, од персоналниот данок, приходите од законот за игри на среќа да бидат општински приходи“, вели Коцевски.

Прво мора да знаеме една работа за општините, како оние кои имаат поголема автономија имаат поголема ефикасност и собираат повеќе сопствени приходи, вели професорот Борче Треневски во телевизиска дебата.

„Во едно друго истражување покажавме дека на еден денар трансфер од централната власт ги намалува сопствените приходи на општините за 0,56 со тоа ги правите мрзливи општините ако им давате повеќе трансфери а не ги врзувате за некоја одредена мерка“, вели професорот Треневски.

Инфографика - Вкупен долг на општините во С. Македонија 2021 - 2024, заедно со долговите на нивните јавни претпријатија

Инфографика – Вкупен долг на општините во С. Македонија 2021 – 2024, заедно со долговите на нивните јавни претпријатија

Гостивар го освои првото место во задолженост

Најзадолжената општина во земјава е Гостивар со неплатени сметки во вредност од 9, 5 милиони евра во првите три месеци од годинава. Гостивар од новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе добие најмногу проекти, барем така е најавено во предизборната програмата.

Од реконструкција на спортски сали и училишта до изградби на детски градинки, реконструкција на улици, изградба на нова канализациска мрежа, па и реконструкција на споменици. Градоначалник на Гостивар е Арбен Таравари кој беше кандидат за претседател од коалицијата „Влен“. За споредба, во првиот квартал од изборната 2021 година, долгот на општината пред Таравари да седне на градоначалничкото столче изнесуваше 4 милиони евра. Тој заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изминативе денови на преговарачка маса ја кројат новата Влада.

За Градот Скопје нема место во програмата на ВМРО-ДПМНЕ

Втора на ранг листата должници е Градот Скопје, со неплатени сметки во вредност од 9,3 милиони евра, што претставува трикратно зголемување на долгот во однос на првиот квартал од минатата година, кога биле евидентирани 3 милиони евра доспеани и неплатени обврски.

Но, за градот Скопје во програмата на ВМРО-ДПМНЕ нема предвидени проекти како за другите општини, кои ќе и помогнат на локалната власт. Во програмата е предвиден еден проект за Скопје кој е именуван како мултифункционален технолошко- иновациски парк „Скопје Смарт“, во кој влегуваат деловни простории, хотели, филмски и музички студија.

„Овој проект ќе има трансформациска вредност за македонската економија, во насока на привлекување на компании со висока технологија, кои ќе отворат високоплатени работни места за младите луѓе со ИКТ, машински, електро и други слични квалификации, како и економисти и финансиски експерти за финтек-компаниите“, пишува во програмата.

Во скопското градоначалничко столче седи Данела Арсовска, која на таа функција дојде со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ но потоа се конфронтираше со партијата. Претходникот на Арсовска, Петре Шилегов од СДСМ, во изборната 2021 година, ја остави општинската каса со долг од 2,7 милиони евра.

Инфографика - Долгови на општините и нивните јавни претпријатија во првите квартали од 2021 до 2024 година

Инфографика – Долгови на општините и нивните јавни претпријатија во првите квартали од 2021 до 2024 година

Тетово трет на листата на најзадолжени општини

Покрај за Гостивар, планирани се проекти и за третата најзадолжена општина Тетово, која според податоците од министерството за финансии, во првите три месеци од годинава не платила сметки во вредност до 9,1 милиони евра. Градоначалникот на Тетово е Биљал Касами, кој на парламентарните избори беше на носител на пратеничка листа во изборната единица 6. Тој во изборната година, наследи општинска каса со долг од 11, 2 милиони евра.

За оваа општина е предвидено да се финансира изградба на нов објект за примарна здравствена заштита во кругот на ЈЗУ Здравствен дом Тетово, изградба на катни гаражи и музеј на планинарењето во Вратница.

И за општината Делчево, каде што градоначалникот е од редовите на СДСМ, Горан Трајковски ќе добие помош во проекти. Оваа општина должи над 3 милиони евра, а за неа се предвидени проекти како пречистителна станица, нова водоводна мрежа и изградба на нов мост на Брегалница.

Меѓу општините кои ќе добијат и повеќе проекти е и скопската општина Кисела Вода, каде што општинскиот татко, Орце Ѓорѓиевски кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ неодамна беше назначен за претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (Зелс).Оваа општина изборнава годинава го дуплираше долгот за двојно во однос на истиот период лани. За првите три месеци од годинава, општината има доспеан и неплатен долг во вредност од 1,6 милиони евра, додека лани истото време, вкупната вредност беше над 700 илјади евра. За неа во партиската изборна програма е наведено дека ќе добие нови улици, училиште и градинка.

Арачиново за три години доби владина помош од 2 милиони евра

Реконструкција на патишта ќе добие и скопската општина Арачиново, како и за изградба на атмосферска и фекална канализација. Оваа општина во изминативе неколку години во три наврати доби помош од државата за истите проекти.

Половина милион евра на општината Арачиново и даде Владата предводена од поранешниот премиер Зоран Заев во декември 2020 година. Следните три месеци, во изборната 2021 година, Арачиново должеше 640 илјади евра. Парите што ги добија во декември беа наменети за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради Ковид-19 кризата.

Една година подоцна, Арачиново доби уште половина милион евра од буџетот за реконструкција на патната инфраструктура. А во 2022 година на сметката во општината легнаа уште 1,1 милион евра за санација на одводен канал. Општина каса која годинава тежи 4 милиони евра, во минус е над 800 илјади евра, што е за двесте илјади евра помалку од истиот период минатата година.

Оваа општина, е единствена во земјата која, според истражувањето на невладината организацијата „Центар за граѓански комуникации“ воопшто не наплатила данок на имот во периодот од 2017 заклучно со 2019 година. Дополнително жителите на оваа општина го привлекуваа интересот на јавноста поради честите проблеми на екипите на ЕВН со неплаќачите на сметка на струја.

Владите им отпишуваа долгови, општините си трупаат нови

Ова не е прв пат, централната власт да им помага на општините со отпишување на долгови. Во јуни 2021 година, неколку месеци пред одржување на локалните избори, Владата предводена од Заев, им даде 50 милиони евра на општините.

„ Секоја општина доби неповратни средства за да покрие 51% од пријавените долгови. Тоа многу ја олесни работата на градоначалниците и тие се посветија на проекти и планови за развој на локалните самоуправи, изјави тогаш Заев.

Но, праксата покажа дека долгот на општините порасна, наместо да се намали со овој потег. Ако вкупниот долг на сите општини и нивните јавни претпријатија пред да им „легнат на сметка“ 50-те милиони евра, изнесувал 114,6 милиони евра, тој во првите три месеци во 2о22 година се зголемил на 137 милиони евра.

„Како велат старите, паметни луѓе учат од туѓите грешки, другите учат од своите грешки, во случајов излегува дека Владата не учи ни од сопствените грешки. Претходната Влада предводена од Заев им даде на општините 50 милиони евра. Во пракса не беше спроведено тоа како што треба, меѓутоа, се покажа дека истите општини што беа заглавени до гуша во долгови како Тетово, Гостивар, Охрид, повторно направија огромни долгови, поголеми од тие 50 милиони евра“, вели Коцевски.

Според професорот Треневски пред да им се даде пари на општините, потребно е да се утврди на што се должи толкавата задолженост.

„ И кога претходната Влада даде 50 милиони евра, бев критички настроен, и тогаш велев дека требаше да се утврди причината зошто имаат заостанати неплатени обврски. Кај некои од нив беа неефикасност, кај дел беа правни спорови, кај дел едноставно беше корупција и неефикасност. Мораше прво да се утврди каде е проблемот, за да се бара лекот за да се подобри системот“, рече професорот во дебатата на ТВ24.

Потребно е да се зголеми одговорноста во финансискиот менаџмент за пак да не ни се случуваат неодговорни градоначалници, незаконски, со години да трупаат долгови, а сè уште никој за тоа да не одговара, додава Коцевски.

Според ревизорските извештаи за општините, ниту еден градоначалник досега не ја исполнил законската обврска после блокирање на сметката да донесе одлука за прогласување на финансиска нестабилност и за истото да ги извести Советот на општината, Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.

Општините и досега во голема мера беа зависни од парите кои доаѓаат од централниот буџет. Според една анализа на Фајнанс Тинк во просек 76 денари од вкупно 100 денари расположлив буџет на општините доаѓа од трансфери и донации од централниот буџет. Од вкупно 80 општини 54 спаѓаат во групата на зависни општини од централниот буџет. Односно од 70 до 96 проценти од парите во 54 општински каси доаѓаат од дотации од централниот буџет. Ваквиот начин на дополнително финансирање ги прави уште позависни од централниот буџет и влијае негативно врз процесот на децентрализација, објаснуваат експертите.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Кој дел од телото најчесто прв го губи салото?

Следно

ПРОФИЛ – Мухамед Мохбер, вршителот на функцијата претседател на Иран до следното гласање

Latest from Blog

Славески до приватните превозници: Немојте да наседнувате на манипулациите на Арсовска

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески вели „градоначалничката Арсовска треба да сноси одговорност затоа што врши диверзија во една витална дејност како што е јавниот градски превоз. Имено, по оној

Гаши: Ќе се обидеме да ја смениме формулацијата 20 проценти за албанскиот јазик

Претседателот на Собранието, Африм Гаши вели дека „ќе се обидат да ја променат формулацијата  „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“ и истакнува дека тоа е прашање на

Новиот Управен одбор на АЕК ќе ја стопира одлуката за покачување на платите за 20 проценти, најави Мицкоски

Новото раководство, односно новиот Управен одбор на Агенцијата за електронски комуникации ќе ја стопира одлуката за покачување на расходите за бруто плати за 20 проценти во АЕК, истакна премиерот Христијан Мицкоски во

Јонуз за КУРИР: СДСМ со ваква постава не може ни на мали голчиња да го тепа ВМРО-ДПМНЕ, а камоли на избори

Со ваква постава СДСМ не може да го тепа ВМРО-ДПМНЕ на мали голчиња во фудбал, а камоли на избори. Вака аналитичарот Агим Јонуз за КУРИР го кометира новоизбраното раководство на опозициската СДСМ.

Над 1.300 камери ќе бидат поставени на улиците во Атина за да „ловат“ сообраќајни прекршоци

Преку безбедносни камери поставени на улиците во областа Атика, поширокиот регион на Атина, ќе се следат и ќе се „ловат“ сообраќајните прекршоци во грчката метропола, а планирано е воведување и на дигитален
Go toTop