Владата молчи, Собранието ги игнорира, а ЕУ само делумно одговара на прашањата што ги отвори необичното писмо на амбасадорот на Австрија

March 1, 2023
6 mins read

„360 степени“ испрати прашања до владината прес-служба, а се обиде да го добие и претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, но и од двете места – молк за писмото на австрискиот амбасадор во кое отворено се бара да не се донесат предлог-измените на Законот за игри на среќа или, пак, тие да не важат за компании што се веќе на пазарот и се со странски капитал, какви што се австриските Casinos Austria International и Novomatik

Иако писмото на Вуцас содржи многу повеќе констатации и директни сугестии, па дури и отворено барање за запирање на постапката за донесување на измените во Собранието, а не само укажување за несоодветна употреба на европското знаменце, од Делегацијата на ЕУ во одговорот до „360 степени“ се осврнуваат само на тој елемент

автори: Бранислав Закев и Ана Анастасовска

Владата одбегнува да го коментира писмото што австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас го испрати до премиерот Димитар Ковачевски и до членовите на собраниската Комисија за европски прашања со кое повикува законодавниот дом да не ги гласа предлог-измените на Законот за игри на среќа што Владата ги утврди на 7 февруари.

„360 степени“ вчера испрати прашања до владината прес-служба со кои освен потврда дали го добил писмото, побара од премиерот и коментар за неговата содржина.

Амбасадорот Вуцас, во писмото испратено до Ковачевски, како и до претседателот и членовите на собраниската Комисија за европски прашања, освен што реагира на употребата на европското знаменце во процедурата за носење на измените, се впушта и во толкување на одредби од Уставот, според кои, измените на Законот за игри на среќа, како што толкува амбасадорот, се во колизија со највисокиот правен акт на државата.

Идентично како и владиниот кабинет, за коментар во врска со писмото на Вуцас остана недостапен и претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Арбер Адеми, и покрај неколкуте телефонски повици и пораки што му ги испративме.

ЕУ со одговор само за „знаменцето“

Потегот на австрискиот амбасадор беше повеќе од доволна причина да побараме став и од Делегацијата на Европската Унија во земјава.

„360 степени“ испрати конкретни прашања до Делегацијата на ЕУ – едно со барање за став во врска со самото писмо и друго како пораките од неговата содржина се вклопуваат во вредностите на ЕУ.

„Сакаме да ве прашам каков е ставот на Делегацијата на ЕУ за писмото на амбасадорот на Австрија, Георг Вуцас, во кое тој ги повикува пратениците да не го разгледуваат предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и забава. Дополнително, дали Делегацијата смета дека содржината на писмото, кое е испратено и до амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, е во духот и ги одразува вредностите на ЕУ“,

прашавме во претставништвото на Унијата во земјава.

За разлика од игноратскиот однос на претставниците на највисоките власти во земјава, Делегацијата на ЕУ нè удостои со одговор – но, половичен.

Иако писмото на Вуцас содржи многу повеќе констатации и директни сугестии, па дури и оценки за уставноста на предлог-измените, а не само укажување за несоодветна употреба на европското знаменце, од Делегацијата на ЕУ се осврнуваат само на тој елемент. Прашањето дали писмото и неговата содржина е во духот и вредностите на ЕУ, не доби одговор.

Оттаму велат:

„Употребата на знамето на ЕУ на предлог-законите што се усогласуваат со правото на ЕУ ја одредуваат властите и ЕУ не коментира за неговата употреба во поединечни случаи. Во исто време, ние постојано потсетуваме дека треба да има ограничена употреба на брзи процедури за да се обезбеди соодветно учество на релевантните чинители во законодавните процеси и демократските дебати. Од перспектива на Северна Македонија како држава што преговара, од клучно значење е сите законодавни иницијативи да бидат компатибилни со законите и стандардите на ЕУ“.

Писмото на австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас до премиерот Ковачевски е испратено на 23 февруари, додека до претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, четири дена подоцна односно на 27 февруари. Освен до нив двајца тоа е испратено и до сите други членови на собраниската комисија.

(Факсимил од писмата на австрискиот амбасадор до Собранието и до премиерот Димитар Ковачевски)

Што предвидуваат предлог-измените

Според предлог-измените, просториите во кои се приредуваат игрите на среќа (кладилници и обложувалници) ќе треба да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри.

„Со цел заштита на младата популација, со измените и дополнувањата се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта. Со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основните и средните училишта, односно не го утврдува ваквиот критериум“,

информираа од Владата при утврдувањето на предлог-измените.

Меѓу целите на предложените измени, од Владата посочија и на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца приредува еден вид игра на среќа. Со предлог-законот се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.

Вуцас со директни барања до пратениците

Австрискиот амбасадор Вуцас, во писмото испратено до пратениците од Комисијата за европски прашања, бара од нив, доколку на дневен ред биде ставен предлог-законот, да не го разгледуваат поради ненадлежност и да не дадат согласност поради неуставност. Вуцас укажува дека владеењето на правото ги опфаќа сите институции и процеси и дека исклучително е важна одговорноста што ја има законодавниот дом. Амбасадорот укажува дека Владата врши злоупотреба на ЕУ-знамецето зашто овој закон не е предмет на хармонизација со правото на Унијата.

Но, амбасадорот потоа влегува и во толкување на четири члена од Уставот на Република Северна Македонија, повикувајќи се на правни совети што ги добил.

„Предлог-одредбите ги нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок од член 8 од Уставот на Република Северна Македонија, односно владеење на правото, слобода на пазарот и претприемништво, почитување на општоприфатените норми на меѓународното право“,

пишува во писмото од амбасадорот на Австрија.

Според него, предлог-измените на Законот што ги предлага Владата се косат и со други членови од Уставот – член 51 каде е регулирано дека сите закони мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Вуцас наведува дека измените на регулативата се спротивни и со член 52 од Уставот во кој е регулирано дека законот не може да има ретроактивно дејство, како и со член 59 кој гласи:

„На странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивката. Правата стекнати врз основа на вложениот капитал не можат да се намалуваат со закон или друг пропис“.

Предупредување за барања за големи отштети

Во писмото испратено до премиерот Димитар Ковачевски, кое им е ставено на увид и на пратениците, има и други необични елементи. На пример, се сугерира ако Владата веќе се реши да предложи измени, тогаш тие да не важат за компаниите што се на тој пазар и се со странски капитал. Амбасадорот Вуцас отворено кажува и зошто го бара сево ова.

„…Исто како Австрија, Северна Македонија се одлучи за воведување на коцкањето и врз основа на тоа привлече странски инвеститори, вклучително и австриски. Овие компании, Casinos Austria International како и Novomatik, ме уверуваат дека ги применуваат највисоките стандарди за заштита на играчите, како што се стандардните во Австрија и во Европската Унија. Ако владата има други забелешки, ве молам известете ме“,

се наведува во писмото на Вуцас испратено до Ковачевски.

Тој посочува дека предлог-измените на Законот за игри на среќа се проблематични за споментатите австриски компании од повеќе аспекти и дека своите грижи претходно им ги изразил на одговорните министри – министерот за финансии Фатмир Бесими и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

„Сегашните измени предвидуваат далекусежни промени во општата економска рамка, некои дури и ретроактивно. Засегнатите австриски компании претпоставуваат до одреден степен дури и целосна загуба на направените инвестиции. Под новите услови, Северна Македонија може да стане дури и целосно неинтересна за меѓународните инвеститори во коцкарската индустрија. Ваквиот развој на настаните, не само што може да предизвика голема штета за Северна Македонија како бизнис-локација во однос на заштитата на инвестициите и слободната пазарна економија, туку може да резултира и со барања за отштета од стотици милиони евра. Во контекст на буџетската поддршка од страна на ЕУ, ваквите суми, во крајна линија од ограничениот национален буџет, не би претставувале кохерентна слика за добро буџетирање. Конечно, член 51 од Уставот на Северна Македонија бара уставност на законите“,

додава австрискиот амбасадор во писмото до премиерот.

Сите овие последици може многу лесно да се избегнат или со неподнесување на амандманите до Собранието и со нивно повлекување, или, според Уставот, со исклучување на какво било ретроактивно дејство и со изземање на постојните странски инвестиции од новите потфати, посочува Вуцас. Ова особено се однесува на следните одредби од измените:

  • Забранета зона од 500 метри околу училиштата за локации за коцкање: Изземање од овие локации барем за казината кои работат со странски капитал – и сега и во иднина;
  • Влијание врз кадровските одлуки за управниот одбор: Ослободување од одобрение од министерот за финансии за странски капитални инвестиции;
  • Влијание врз промените на основачкиот капитал: ослободување од одобрение од страна на министерот за финансии за странски капитални инвестиции;
  • •Влијание врз промените на сопственичката структура: ослободување од одобрение од страна на министерот за финансии за странски капитални инвестиции.

Писмото на Вуцас вчера се појави и како платена ПР-објава во некои македонски медиуми.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Костадиновска-Стојчевска: Новите иницијативи на Балканот се нови можности за посилна културна соработка со Црна Гора

Следно

(ВИДЕО) Безбедносни камери го снимиле судирот меѓу двата воза во Грција

Latest from Blog

ЕУ донира шест еко-автобуси за скопјани, Арсовска вели владината најава за нови автобуси е задоцнета

Градоначалничката Данела Арсовска ја поздрави владината најава за набавка на стотина електрични автобуси. Сепак, таа оцени дека ваквата реакција е задоцнета. Арсовска повтори дека пред Советот на Градот постојано како точка на

Кадарот на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска не сака повеќе да биде мајка на Скопје

Актуелната градоначалничка на Скопје,Данела Арсовска, денеска се произнесе дека на претстојните локални избори нема да се кандидира за позицијата прв човек на главниот град. „Апсолутно не размислувам за нов мандат“, одговори на

Сиљановска Давкова го прими Венко Филипче, разменети мислења за политичките и безбедносните состојби

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Венко Филипче, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претседател на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието. На средбата беа разменети мислења за општествениот амбиент,

Што го налути Борисов за да не прифаќа да биде мандатар за состав на нова бугарска влада?

Политичката ситуација во Бугарија никако да се стабилизира. Најновите моменти со одбивањето на Борисов да е мандатар за нова влада, одат во правец на тоа дека нашиот источен сосед веројатно напролет ќе

Младите од земјава препознаваат корупција, но потребни им се насоки и програми за справување со ова зло

На проблемот со корупцијата мора да му се пристапува стратешки, но и со конкретни вештини за справување со овој проблем кој ги урива темелите на општеството. Младите кои планираат да се занимаваат
Go toTop