Викторија Нуланд, Лејди Магбет на вечната војна

March 9, 2024
5 mins read

„Именувањето на Викторија Нуланд за потсекретар за политички прашања, третата највисока позиција во Стејт департментот, е опасен знак. Нуланд е пример за неоконзервативците кои ја водеа американската надворешна политика од една катастрофа во друга во последните 30 години, притоа избегнувајќи секаква трошка одговорност“, пишуваше своевремено Рик Стерлинг.

Нуланд сега заминува и за тоа изненадување јавноста допрва чека одговори. Нејзината последна смртоносна авантура, Украина, во моментов може да се сумира во неколку точки:

– Украина е уништена и нема контрола ни врз Крим ни врз огромен дел од нејзиниот главен индустриски регион.
– Русија неповратно е отуѓена и втурната во блиска соработка со Кина Иран и Индија.
– Поголем дел од светот одбива да ја изолира Русија и соработува со неа.
– Со саботажата на Нордстрим се направи преседан во субверзиите на меѓународна инфраструктура.

Но тоа е само една епизода од дебелото досие на госпоѓата.

Авганистан и Ирак

Од 2000 до 2003 година, кога САД го нападна, а потоа и го окупира Авганистан, Нуланд беше претставник на Буш во НАТО. Авганистанската влада понуди да соработува со Американците за отстранување на Ал Каеда, но понудата беше одбиена. Откако Ал Каеда беше поразена, САД можеа да го напуштат Авганистан, но наместо тоа, останаа, за по две децении едвај да се извадат од таму, оставајќи им на Талибанците тони оружје. Од 2003 до 2005 година, Нуланд беше главен советник за надворешна политика на потпретседателот Дик Чејни, кој работеше на планирање и менаџирање на соборувањето на Садам Хусеин, со лажен наратив дека поседува оружје за масовно уништување. Инвазијата и долгогодишната окупација резултираа со над милион мртви Ирачани, многу илјадници мртви Американци, стотици илјади со пост трауматски синдром и есап за американските даночни обврзници од 2 до 6 трилиони долари. Од 2005 до 2008 година, Нуланд беше амбасадор на САД во НАТО со улога да ја „зајакне поддршката на сојузниците“ за окупациите на Авганистан и Ирак.

Кога Нуланд беше прашана за лекциите научени на десетгодишнината од инвазијата, таа одговори:

Во споредба со ерата на Садам, сега имаме билатерален безбедносен договор, длабоки економски интереси, имаме политички односи….

Одговорот на Нуланд јасно покажува дека таа е несвесна за жртвите и за трошоците и дека нејзината лојалност е кон елитата која има корист од трагедијата. Еден од најголемите профитери од војната во Ирак беше мега- корпорацијата Халибартон која доби 39,5 милијарди долари во „федерални договори поврзани со војната во Ирак“. Шефот на Нуланд, Дик Чејни, таму своевремено беше извршен директор.

Либија

Во пролетта 2011 година, Нуланд стана портпарол на Стејт департментот во времето на тогашната државна секретарка Хилари Клинтон, кога оваа почна да ја турка иницијативата за „промена на режимот“ во која се таргетираше долгогодишниот сојузник на САД, Моамер Гадафи. Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН „1973“ овласти „зона забранета за летови“ за заштита на цивилите, но не и воздушен напад. Сепак, додека САД и нејзините сојузници од НАТО бомбардираа по Либија, Нуланд ја отфрли опцијата за мирна транзиција и лажно сугерираше дека Советот за безбедност на ОН бара смена на Гадафи. Кампањата доведе до соборување на либиската влада и брутално јавно убиство на Гадафи. Коментирајќи го тоа убиство (и содомизирањето на Гадафи со бајонет), шефицата на Нуланд, Хилари Клинтон, ладно го изговори она морничаво: „Дојдовме, видовме, загина“.

Пред соборувањето на Гадафи, Либија имаше највисок животен стандард во цела Африка. Потоа таа се претвори во општ хаос со конкурентни воени лидери, огромна инфлација, огромна невработеност и експлозивен екстремизам и насилство што се проширија во соседните земји. Повеќето од мигрантите кои го преминаа Медитеранот обидувајќи се да стигнат до Европа (или се удавија обидувајќи се да стигнат до Европа), доаѓаат од Либија. Целта да се „заштитат“ либиските цивили спектакуларно пропадна.

Сирија

Една од причините што Клинтон и јастребите како Нуланд сакаа да го соборат Гадафи беше воениот арсенал на Либија да им се испорача на бунтовниците кои сакаат да ја соборат сириската влада. Тоа е потврдено со документи.

Во јануари 2012 година, Нуланд тврдеше дека САД се „на страната на оние кои сакаат мирни промени во Сирија“. Истовремено, САД доставуваа снајперски пушки, ракетни гранати и ракетни хаубици од 125 mm и 155 mm за „мирните“ антивладини демонстранти во земјата. Шемата беше иста како во Либија: прво, тврдите дека демонстрантите биле мирни. Потоа тврдите дека одговорот на владата бил непропорционален. Како што е документирано, од самиот почеток имаше насилни демонстранти во Сирија. Во првите денови од протестите во Дера во средината на март 2011 година, беа убиени седум полицајци.

Украина

Во септември 2013 година, Нуланд беше назначена за помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања. Шарената револуција во Мајдан започна веднаш по нејзиното пристигнување. За да ја нагласат американската поддршка за протестите, Нуланд и сенаторот Џон Мекејн делеа леб и колачиња на толпата антивладини демонстранти. Во игра беше дилемата дали да се земе заем од ММФ со кој сметките за природен гас ќе се качеа за 40%, или да се прифати понудениот заем од Русија со вклучување евтина нафта и гас. Опозицијата, желна Украина да се усогласува со Запад, беше за заемот од ММФ. Сешто имаше во тој опозиционен блок, вклучувајќи ја неонацистичката партија Свобода и Десниот сектор.

На почетокот на февруари 2014 година, во јавноста беше објавена аудио снимка на која Нуланд разговара со американскиот амбасадор во Украина, Џефри Пјат. Четириминутниот разговор беше медиумска сензација бидејќи го имаше и она на Нуланд: „Кој ја ебе ЕУ“.

Но, пцуењето на Нуланд го одвлекуваше вниманието од она што беше битно на снимката: степенот до кој Нуланд се меша во домашните работи на Украина, нејзиното менаџирање на протестите до тоа таа да одлучува кој може а кој не во владата после пучот:

„Мислам дека Клич [Виталиј Кличко] не треба да влезе во влада… Мислам дека Јац [Арсениј Јацениук] е типот…“ кажуваа таа во муабетот.

Во текот на следните неколку недели, протестите ескалираа. Претседателот на Американската стопанска комора во Киев, Бернард Кејси, опиша што се случило потоа.

На 18-20 февруари, снајперисти масакрираа околу 100 луѓе (и демонстранти и полицајци) на Мајдан…. Иако американскиот амбасадор и опозицијата го обвинија Јанукович, доказите укажуваат на истрели од хотел контролиран од ултранационалистите, а балистиката откри дека и демонстрантите и полицијата биле застрелани со исто оружје.

Естонскиот министер за надворешни работи подоцна ќе ги повтори овие тврдења: „зад снајперистите не беше Јанукович, туку некој од новата (опозициска) коалиција“.

Кејси продолжува:

На 20 февруари 2014 година, делегација на ЕУ ги модерираше преговорите меѓу Јанукович и демонстрантите, согласувајќи се на предвремени избори – во мај 2014 година наместо во февруари 2015 година. И покрај потпишувањето на договорот… ултранационалистичките демонстранти и нивните американски спонзори го отфрлија и ја засилија својата насилна кампања“.

Пучот беше финализиран следните денови. Јанукович избега да си го спаси животот и, како што сакаше Нуланд, Јацениук стана претседател.

Еден од првите потези беше отстранувањето на рускиот јазик, мајчин за милиони граѓани на Украина, како официјален државен јазик. После пучот доминираше насилство на ултранационалистите и неонацистите.

Во Одеса, оние што мирно протестираа против пучот беа нападнати. Па им беше запалена зградата во која се повлекоа а противпожарните возила беа спречени да стигнат до зградата за да го изгаснат пожарот и да ги спасат луѓето. Загинаа 42 лица, стотина беа повредени.

Нуланд тврдеше дека таа е „жртва“ затоа што нејзиниот разговор бил објавен во јавноста. Вистинските жртви се илјадниците Украинци кои загинаа и стотиците илјади кои станаа бегалци поради крстоносната војна на Нуланд да ја внесе Украина во НАТО.

Русија

Во 1990-тите, Нуланд работеше за Стејт департментот за прашања поврзани со Русија. Во тоа време, САД на ангро се мешаа во руските внатрешни работи. Магазинот „Тајм“ гордо објави: „Јенките спасуваат: тајната приказна за тоа како американските советници му помогнаа на Елцин да победи“.

Политиките на Елцин кои беа поддржувани од Америка имаа катастрофални последици. Меѓу 1991 и 1999 година, БДП-то на Русија се преполови. Руската економија крахираше, изникнаа олигарси и завладеа беззаконие.

Во меѓувреме, САД почнаа да ги негираат ветувањата до Горбачов дека НАТО нема да се прошири ни педа кон исток а Алијансата стана офанзивен пакт, бомбардирајќи ја Југославија со кршење на меѓународното право, а потоа апсорбирајќи ги Полска, Унгарија, Бугарија, Романија, балтичките земји, Чешка, Албанија, Хрватска…

Доаѓајќи на власт во 2.000 година, Путин удри по олигарсите, го врати редот и почна да ја обновува економијата. Олигарсите беа принудени да плаќаат даноци и да ги враќаат парите во економијата. Економијата и довербата беа обновени. За седум години, БДП се качи од 1,3 милијарди американски долари на 2,3 милијарди. Затоа рејтингот на јавното одобрување на Путин е постојано висок и се движи помеѓу 85% и „низок“ рејтинг од 60%.

„Повеќето Американци не се свесни за овие факти. Наместо тоа, Путин и Русија се упорно демонизирани. Демонизацијата на Русија е особено корисна и профитабилна за воено-индустрискиот комплекс“, пишува Стерлинг.

Епилог

Викторија Нуланд промовираше надворешна политика на интервенции, државни удари, војни, агресија и окупации. Таа политика се спроведе со крвави и катастрофални резултати во Авганистан, Ирак, Либија, Сирија и Украина.

„Нуланд е кралица на воените јастреби, Лејди Магбет на вечната војна. Стотици илјади жртви има од политиките што таа ги промовираше. Низ сето тоа таа мина без гребнатинка.“

ИЗВОР: off.net.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Владиниот врв го промовира пред две години, а сега ТИРЗ го раскина договорот за изградба на фабрика за електрични автомобили „е.ГО“ во Тетово

Следно

Тухел: Кога би ветил дека Баерн ќе стане шампион, со право би можеле да ми кажете дека сум шизофреничен

Latest from Blog

Мик Шумахер го напушта Мерцедес

По две години, Мик Шумахер ќе го напушти Мерцедес, каде што беше резервен возач, а работеше на симулаторот и даваше повратни информации во текот на тестовите и на трките. Покрај обврските во

Холандските обвинители работат на блокирање на извозот на делови за авионите Ф-35 во Израел

ХАГ (АА) – Главниот обвинител на холандскиот Врховен суд побара одобрување на одлуката на Апелациониот суд за стопирање на извозот на делови за борбените авиони Ф-35 во Израел, се вели во официјалното

Во тешка сообраќајка загина Живко Пејковски, поранешен пратеник

Во сообраќајна незгода денеска загина Живко Пејковски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на затворот „Идризово“. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот син преку објава на социјалните
Go toTop