Aко земјава ги купувала вакцините по цени за кои јавуваа светските медиуми, за нив се потрошени меѓу 27 (27,4) и 31 (30,8) милиони долари. „360 степени“ не доби податок – колку од купените вакцини не се употребени. Но, ако се следи генералниот тренд, дека секоја трета вакцина што стигнала во земјава не е употребена, тоа значи дека во ѓубре завршиле или ќе завршат вакцини за кои е платено меѓу 9,1 и 10,3 милиони долари од буџетот
Сите вакцини што се користат се сигурни и безбедни, додекa вакцините на кои им поминува рокот, согласно утврдена процедура, прво се повлекуваат од употреба, а потоа почнува постапка за нивно уништување, во соработка со МАЛМЕД. До овој момент е добиена дозвола за уништување 65 978 дози вакцини против ковид-19 со поминат рок на употреба. Вакцините се производ на „Фајзер“ и „Астра Зенека“, потенцираат од Министерството за здравство
Вакцинацијата против ковид во Северна Македонија почна на 17 февруари 2021 година. Првата пратка беше пакет од 4 600 дози „Фајзер“ – донација од соседна Србија.
„Во полна функција го ставаме целиот процес на имунизација на населението со вакцини кои штитат од ковид-19“
рече тогашниот премиер Зоран Заев на примопредавањето на вакцините (14.02.2021)
Првите вакцини беа наменети за здравствените работници, а поради недостигот и долгото чекање за термин, голем број граѓани се вакцинираа во соседството.
„Овде се пружи прилика, така што гледаме да искористиме“
изјави граѓанин на вакцинирањето во Белград (01.04.2021)
Со првите поголеми количини од Кина, почна вакцинацијата на приоритетните категории. Но, масовна вакцинација, без закажување термин, стартуваше кон средината на летото.
Од почетокот на пандемијата државата обезбеди речиси три милиони вакцини. До денес искористени се околу две третини од нив. Што се случи со околу еден милион неискористени вакцини?
250 илјади вакцини се со рок на употреба до крај на јануари, но интерес за вакцинација нема
Поликлиниката „Букурешт“ е единственото преостанато место во Скопје каде може да се прими вакцина против ковид-19. Пунктот работи само во втора смена од 14 часот, бидејќи во соседната просторија претпладне се одвива редовната имунизација за деца на предучилишна возраст.
Потреба од закажување термин нема, бидејќи веќе е завршена и вакцинацијата против грип.
„Во моментот е останат само „Фајзер“, интересот е исклучително опаднат и главниот мотив во моментов, за жал, само е поради патување. Дневно ќе ви кажам, доаѓаат од два до пет пациенти отприлика.
вели Александар Ристовски, доктор на медицина.
Меѓу ретките што доаѓаат за вакцина има и повозрасни, со хронични заболувања, но и млади над 18 години.
„Навистина е тоа мала популација, меѓутоа постојат луѓе што патуваат во Сингапур, САД, крузери… веројатно треба да им се излезе во пресрет на тие пациенти“
додава Ристовски.
Дека интерес речиси и да не постои, покажуваат извештаите на Институтот за јавно здравје. Во првата недела од годинава против ковид се вакцинирале само десет лица – четворица со прва доза, еден со втора доза, четворица со трета и еден со четврта доза.
Сега речиси никој не се вакцинира, но во изминативе две години беа аплицирани околу 1,9 милиони вакцини. Од друга страна, земјава обезбеди безмалку 3 милиони вакцини – половина како донација, а половина ги купи. Парите потрошени за набавка се уште се чуваат како класифицирани информации.
Според податоците што „360 степени“ ги обезбеди од Министерството за здравство, најголем дел од вакцините кои ги набавила земјава се на „Фајзер“ и тоа 1 630 000 дози, од кои 800 280 се купени, а 830 700 стигнале како донација. 530 000 се од „Синовак“, од кои 500 000 се платени, а 30 000 се донација. Од „Синофарм“, земјата купила 200 000, а добила како донација уште 202 000, или вкупно 402 000. Сите 256 800 вакцини од „Астра зенека“ се донација како и 101 000 од „Модерна“. Вакцината „Спутник“ е купена во 6 000 дози, а донирани се уште 39 990. Или вкупно 2 966 770 дози.
Од друга страна, граѓаните примиле вкупно 1 904 670 илјади дози вакцини, вклучувајќи ги оние во странство, што значи дека неупотребени останале најмалку 1 062 100 вакцини. Од нив, во моментов, 250 000 се соодветни за употреба, иако рокот им истекува за две недели.
„Сите вакцини што се користат се сигурни и безбедни, додекa вакцините на кои им поминува рокот, согласно утврдена процедура, прво се повлекуваат од употреба, а потоа почнува постапка за нивно уништување, во соработка со МАЛМЕД. До овој момент е добиена дозвола за уништување 65 978 дози вакцини против ковид-19 со поминат рок на употреба. Вакцините се производ на ‘Фајзер’ и ‘Астра Зенека’,“
потенцираат од Министерството за здравство.
Но, ако од 1 062 100 вакцини се одземат 250 000 илјади кои се уште можат да се употребуваат, а околу 66 илјади веќе имаат дозвола за уништување, каде се преостанатите 750 000 илјади вакцини?
„За сите останати вакцини кои се споменуваат во информацијата што ви ја доставивме – рокот е изминат, тие се повлечени од употреба и согласно на тоа во тек се процедурите за подготовка за нивно уништување.“
велат од Министерството за здравство.
Ако секоја трета вакцина се фрла, околу 10 милиони долари од буџетот одат во ветер
Според статистиката, а и според динамиката на вакцинирање, ова значи дека секоја трета вакцина што стигнала во земјава завршила или ќе заврши во ѓубре. Колку пари се потрошени за нив, здравствените власти се уште не откриваат, со образложение дека државата е обврзана на доверливост на склучените договори.
Врз основа на извештаите на светските медиуми во 2021 година, се обидовме да симулираме пресметка за парите што ќе отидат во ветер.
Земјава купи 800 280 дози „Фајзер“. Во 2021 и 2022 година светските медиуми јавуваа дека една доза чини околу 20 долари, што значи дека е извесно за „Фајзер“ да се потрошени 16 милиони долари од буџетот.
Понатаму, владата купи и 200 000 дози од кинеската „Синофарм“. Некои азиски земји ја купија оваа вакцина по цена од 19 долари за доза, но други и за 36 долари. Зависно од цената, голема е веројатноста од буџетот да се одвоени меѓу 3,8 и 7,2 милиони долари.
Од „Синовак“, пак, купивме 500 000 дози. Извештаите од некои азиски земји говореа дека вакцината ги чинела околу 15 долари по доза. Ако и земјава ги купила приближно по таа цена, потрошени се 7,5 милиони долари.
Земјава купила и 6 000 дози „Спутник“, вакцина за која се шпекулираше дека чини околу 10 долари, што би значело трошок од 60 000 долари за домашниот буџет.
Вкупно, ако земјава ги купувала вакцините по цени за кои јавуваа светските медиуми, за нив се потрошени меѓу 27 (27,4) и 31 (30,8) милиони долари. Не добивме податок – колку од купените вакцини не се употребени. Но, ако се следи генералниот тренд, дека секоја трета вакцина што стигнала во земјава не е употребена, тоа значи дека во ѓубре завршиле или ќе завршат вакцини за кои е платено меѓу 9,1 и 10,3 милиони долари од буџетот.
Петличковски: Новата кракен варијанта не е потврдено дека предизвикува потешка болест и дека може да направи некакво драматично поместување со здравствените системи
Од Комисијата за заразни болести велат дека состојбата со ковид засега е стабилна. Новата кракен варијанта на омикрон, која веќе забрзано се шири на запад, се уште не е откриена во земјава.
„Оваа варијанта не е потврдено дека предизвикува потешка болест и дека може да направи некакво драматично поместување со здравствените системи. Но, факт е и очигледно е дека таа може да заразува и веќе претходно имунизирани луѓе значи многу полесно и тој тренд го гледаме со сите варијанти кои се појавуваат во последнава година. Сите нови варијанти стануваат полесно преносливи, но паралелно со тоа предизвикуваат и полесна клиничка слика“
објаснува Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
Петличковски вели дека моменталната стабилна состојба е резултат на нивото на имунизација постигнато со вакцинирање и прележување на болеста.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, со две дози се вакцинирани околу 857 илјади граѓани или 46,7% од вкупното население. Трета доза примиле 163 илјади, а со четврта се вакцинирале 8 600 луѓе.
Тоа што еден милион вакцини кои ги обезбеди земјава ќе се фрлат, не значи и дека нема да се купат нови количини во блиска иднина.
ИЗВОР: 360stepeni.mk