Постапката се отвора по допрен глас, односно по сториите во кои „360 степени“ недвосмислено покажа дека објекти изградени во последниве неколку години биле легализирани како да се изградени најдоцна до март 2011 година
Наидовме дури и на примери кога, апсурдно, барањето за легализација е поднесени уште пред да почне да се гради објектот за кој се бара легализацијата
Во Општината Чаир, саркастично кажано, постои временска машина, објавивме во изминатите изданија. Зошто? Затоа што не само што се градат дивоградби од голем габарит, туку…
„Увидовме дека дел од новоизградените објекти кои ги проверивме, во меѓувреме се и легализирани, што е потврда дека биле дивоградби. Но, проблемот е што легализацијата на тие објекти воопшто не требало да биде можна“,
објавивме на 16 ноември 2023 година.
А легализацијата не била законски можна бидејќи првиот услов за еден објект да се легализира е да бил градежна и функционална целина пред 3 март 2011 година. „360 степени“ откри најмалку 20 легализирани и тоа само големи станбени објекти кои не биле ниту почнати да се градат на почетокот на 2011 година.
Оваа огромна зграда, на почетокот на булеварот „Џон Кенеди“, е легализирана годинава. Иако објектот е легализиран како да постоел пред 2011 година, до 2017 година на терен нема трага од него. Земјиштето почнува да се расчитува во јуни 2017 година, а зградата е готова на крајот на 2021-та или почетокот на 2022 година.
Како е сето ова можно? Општината Чаир, посредно, ја префрли одговорноста на барателите на легализацијата. Во меѓувреме, Јавното обвинителство реши да отвори предмет.
Никој не проверува на терен – што всушност се легализира
Овие неколку кадри што ги објавивме и минатата недела се од улицата „Втора македонска бригада“ во Чаир. На неа постојат неколку поголеми станбени објекти изградени неодамна.
Ова, пак, се јавно достапните сателитски снимки на Гугл од јануари 2011 година од истата улица во Чаир. А и од една година подоцна – април 2012-та. Ги нема зградите, кои подоцна ќе се легализираат како да биле таму на почетокот на 2011-та, и покрај тоа што се градени неколку години подоцна.
Кога прашавме во Општината – како е можно да легализирале згради кои не постоеле пред 3 март 2011 година, добивме одговор дека барателот на легализацијата е тој што треба да докаже кога е изградена зградата. Едната можност е тоа да го направи со сметки за комуналии или други документи, а другата можност е со нотарска изјава под полна материјална и кривична одговорност.
Со тоа, од Општината индиректно се оправдаа дека тие не знаат и не проверуваат дали некој објект е изграден пред крајниот рок 3 март 2011 година, кога ќе пристигне барање за легализација. Туку дека се водат од изјавите на барателите на легализација кои, теоретски, можеле да кажат дека објектот им е од 2011 година или порано.
А рокот за поднесување на барање за легализацијата повеќепати беше продолжуван. Последно, до 31.12.2018 година.
Поднесувале барања за легализација и пред да се изгради дивоградбата
Затоа, отидовме во Катастарот. По случаен избор побаравме 12 решенија за легализација на станбени згради кои се изградени изминативе неколку години во Општина Чаир, бидејќи во нив го пишува и датумот кога е поднесено едно барање.
Откривме дека половина од 12-те барања се поднесени на ист датум – 31.12.2018 година, кој случајно или не е буквално последниот законски рок за поднесување барања за легализација. Случајно или не, геодетските елаборати на 10 од 12 решенија беа од иста фирма. Но, уште поважно, откривме дека некои барања за легализација се поднесени уште пред да бидат изградени зградите за кои се бара легализација, па дури и пред да почнат да се градат.
Што ќе прави Општината Чаир сега, откако недвосмислено се покажа дека легализирале дивоградби кои ниту постоеле на 3 март 2011 година, а дури ни на денот кога за нив е поднесено барање за легализација? И по една недела чекање, на ова прашање не добивме одговор од Општината.
Во меѓувреме, за целиот случај поставивме прашања и до неколку други институции. Најконкретни беа од Јавното обвинителството.
На кратко, ОЈО Скопје реши да отвори предмет. На подолго, ова е нивниот интегрален одговор:
„Со оглед на тоа што во конкретниот случај во Општина Чаир нема соодветен инспекциски орган кој може да го испита настанот, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас во кој ќе ги провери наводите изнесени во новинарските истражувања“,
соопштија од Јавното обвинителство за „360 степени“
Што е преземено и што ќе преземе обвинителството засега е информација надвор од јавниот домен.
Транспорт и управен инспекторат велат – немаат надлежност
Но, не е тајна што ќе преземат другите државни институции до кои се обративме – засега ништо.
Од Министерството за транспорт и врски ни рекоа дека инспекциска надлежност над градбите, а со тоа и дивоградбите, имаат општинските инспекции и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
„Согласно одредбите на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, Министерството за транспорт и врски нема надлежност да врши надзор врз изградбата, односно Министерството за транспорт и врски го пропишува начинот, постапката и условите за стекнување на правен статус на бесправно изградените објекти и врши надзор врз одредбите на законот“,
одговорија од Министерството за транспорт и врски на прашањата на „360 степени“.
Но, токму една од одредбите на Законот за легализација предвидува обврска за општините да поднесат регистар на сите добиени барања за легализација и тоа 15 дена по завршување на последниот рок за нивно поднесување кој, за потсетување, истече на 31 декември 2018 година. Од Министерството за транспорт одговорија дека Чаир последен пат поднел регистар во 2016 година, каде имало 2 328 барања за легализација.
Па, праѓавме – дали е направена споредба меѓу тоа што го пријавила Општината и тоа што стои во уписните книги на локалната власт?
„Ве информираме дека Министерството нема законска обврска да врши споредување на доставените регистри со поднесените барања во општината. Инспекцискиот надзор, ќе потенцираме, е делегиран на овластениот општински инспектор и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам“,
одговорија од Министерството за транспорт и врски.
Освен според Законот за постапување со бесправни објекти, постапките за легализација се водат и согласно Законот за општа управна постапка. Па, затоа се обративме и до Државниот управен инспекторат. И оттаму ни одговорија дека не се надлежни да ги ценат изјавите на барателите на легализација.
„Овој орган нема надлежност да ја цени вистинитоста и содржината на доказите доставени од странките кои учествуваат во управната постапка… односно истите се предмет на постапување и докажување пред надлежни истражни и судски органи“,
одговорија од Државниот управен инспекторат на прашањата на „360 степени“.
Но, од управниот инспекторат додаваат дека постои механизам – веќе донесените решенија да се преиспитаат.
„Според член 124 став 2 од Законот за општата управна постапка е уредено дека: „Управниот акт може во секое време да се огласи за ништовен по службена должност, или по предлог од странката“, а во ставот 4 од истиот член е уредено дека: „Управниот акт го огласува за ништовен органот што го донел или второстепениот орган, а ако нема второстепен орган, органот што со закон е овластен да врши надзор над работата на органот што го донел решението““,
одговорија од Државниот управен инспекторат.
И во овој момент, додека трае сторијава, и не само во Чаир, во земјава се креваат дивоградби. Логиката вели дека секој од инвеститорите се надева дека ќе му успее вака или онака, на крај, да го легализира објектот.
Можеби е нереално да се очекува дека нешто ќе се врати во првобитната состојба, но во моментов, се чини, дека обвинителството е единствената институција која може да ја лоцира одговорност и да ја застане временската машина – објекти изградени вчера да се легализираат како да се изградени пред 13 и повеќе години.
ИЗВОР: 360stepeni.mk