(ВИДЕО) Нова година, стари редици за замена на личните документи

3 mins read

Еден од граѓаните беше револтиран од чекањето бидејќи, како што рече, дошол уште наутро во 7:40 часот, а сè уште не беше влезен и по повеќе од пет часа чекање

Одговорот што го добивме од МВР беше општ и само рекоа дека ги искористуваат сите капацитети

Редици пред пунктот на МВР во населбата Пролет / ФОТО: „360 степени“

Магливо и студено утро, прв работен ден во новата 2024 година. Но, со новата година не дојде до промени на некои стари проблеми за граѓаните. И денеска и во вакви услови, во скопската населба Пролет, пред пунктот на Министерството за внатрешни работи (МВР), каде што се вадат лични документи без закажување, можеше да се види истиот метеж како и на крајот од минатата година.

Екипа на „360 степени“ денеска попладне беше пред пунктот, кој е сместен во спортската сала на сообраќајната полиција во Полициската станица „Пролет“. А, таму уште од далеку можеше да се видат стотината граѓани кои чекаа да влезат во зградата каде што има 10-ина паравани и каде што се врши фотографирањето и се остават биометриски податоци за замена на личните документи со новото уставно име Република Северна Македонија, согласно измените на Уставот по Преспанскиот договор.  

Еден од граѓаните беше револтиран од чекањето бидејќи, како што рече, дошол уште утрото во 7:40 часот, а сè уште не беше влезен и по повеќе од пет часа чекање. Другите што чекаа околу него, исто така револтирани и премрзнати, велеа дека мора да стојат тука бидејќи телефонски или не можат да добијат и да закажат термин или, пак, добиваат термини дури за шест-седум месеци отсега, иако рокот за замена на документите истекува за само два месеца.

Другите што ги прашавме, а кои беа речиси на крајот, рекоа дека секако ќе чекаат и покрај тоа што редот, како што ни кажаа, за час и половина се поместил одвај два-три метри.

„Ќе чекаме, иако попладне, во втората смена, работат само два паравани“,

ни рекоа граѓаните.

За ваквите реакции и метежот пред пунктот на МВР во населбата Пролет, упативме прашање до Министерството. Ги прашавме зошто на овој пункт работат само три паравани за сликање, како и дали причината за ова е некаков технички проблем или, пак, недостиг на вработени.

Редици пред пунктот на МВР во населбата Пролет / ФОТО: „360 степени“

Одговорот што го добивме оттаму беше општ, без да се наведат повеќе детали за конкретни прашања.

„МВР максимално ги искористува сите капацитети и ги презема сите мерки за граѓаните навремено да ги добијат своите документи. Министерството за внатрешни работи, подрачните единици за Управни работи имаат капацитет сите граѓани што имаат претходно закажан термин да ги услужат и да ги примат нивните барања за лични документи. Исто така и пунктот во ПС Пролет, каде што граѓаните на Скопје без закажување на термин можат да се фотографираат за нови лични документи“,

се вели во одговорот што го добивме од Министерството за внатрешни работи.

Чекање за сликање, па уште едно чекање за подигнување

Пунктот на МВР во Пролет не е единственото место каде што има огромен метеж. Оние што овде ќе дочекаат да влезат и да се фотографираат за 15-20 работни дена повторно ќе треба да се стискаат и да чекаат неколку часа. Но, овој пат во затворен простор, каде што барем нема да бидат премрзнати.

Секторот за управни работи на МВР, кој се наоѓа на првиот кат во зградата на Македонската радио-телевизија, е местото каде што секој жител на Скопје треба да ги подигне своите готови лични документи, без разлика дали бил на сликање со закажан термин или стоел во долгата редица пред станицата „Пролет“.

И таму се потребни и по неколку часа за да се стигне до шалтерот од каде што треба да се подигнат личните документи – пасошите, личните карти или возачките дозволи, сè на едно место. Таму, пак, граѓаните се жалат дека и покрај тоа што се чека толку време се случува на крајот кога ќе стигнат до шалтерот службениците да им кажат дека документите сè уште не им се готови и дека треба да дојдат друг ден.

1 000 скопјани дневно ќе може да ги заменат личните документи без закажување, велеше Спасовски

Пунктот во полициската станица „Пролет“ во Општина Центар почна со работа на 15 ноември.

На отворањето на пунктот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека системот е тестиран и овозможува околу 1 000 лица дневно да ја поминат целата процедура.

Тој рече дека на новиот пункт, кој треба да го олесни и забрза вадењето на новите лични документи, се инсталирани десет нови работни станици каде што граѓаните ќе можат да се фотографираат за лични документи.

Спасовски тогаш рече дека отворањето на пунктот е со цел граѓаните во определениот законски рок да можат до февруари 2024 година да ја направат промената на личните документи што претставува задолжителна обврска по промената на Уставот. 

Работното време на пунктот, како што информира министерот, ќе биде од 8 до 18 часот, со можност да се продолжи до 20 часот.

Тој е убеден дека до истекот на рокот сите граѓани ќе ги сменат своите лични документи.

Обврската за промена на личните документи со новото уставно име произлезе од Преспанскиот договор, кој стапи во сила во февруари 2019 година. Според член 1 точка 10, личните документи треба да се променат во рок од пет години по стапувањето во сила на договорот – односно до февруари 2024 година.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Вучиќ ги отфрла барањата за меѓународна истрага за изборните неправилности во Србија

Следно

Шамбевски: Секогаш кога ќе видат дека се пред пораз, наеднаш се сеќаваат за помирувањето

Latest from Blog