Мечки во Маврово има откако се памти. Но, во шумата, не по селата. Владата, во меѓувреме, пресече – ловот на мечка е трајно забранет, па спасот ќе се бара во други методи – чистење на ѓубрето, успивање и дислокација на мечките, па дури и прихрана во планина. Како живее Жировница додека се чека владините мерки за заштита на луѓето од мечките да почнат со примена на терен
Овој приклучник на необично место, потпрен на ограда опколена со зеленило, е остаток од електричната ограда која сам ја правел Џеват Кокули. Изумот не му помогнал да ги заштити своите 80 семејства пчели.
„Имав струја 220 волти. На оградава? Не на оградата, одвнатре жица имав пуштена 220 волти. Како електричар, ја гори мрежата. Ќе направи куршлуз и дома осигурувачот избива и си влага внатре слободно. Од таму има други дупки кај што влегла, овие мрежите си витка како сака, што да ви речам премногу мака имаме. Па уште еднаш ќе повторам, да не даде господ човек да погине“.
вели Кокули.
Натрапникот против кого била поставена електричната ограда е мечката. Не една, туку повеќе. Се симнуваатод шумата во Националниот парк „Маврово“ меѓу луѓето.
„Стокава ја имав овде, овде секоја вечер ми ги напаѓаше. Сега ја слегов доле во центарот од селото, можеби ќе биде и таму иде имам кучиња, од кучињата нешто бега ама не е тоа – тоа. Имам јагненца доста уништено, имам кози доста уништено, имам телиња уништено, имам и крави“.
рече Кокули.
За каква опасност станува збор, покажува ова видео кое ни го споделија соселаните на Џеват.Ова е напад од мечка на коза/овца, при што домашното животно е убиено.
Поради ова Џеват Кокули побегнал со стоката во центарот на селото. Но, тоа не значело и бегство од мечките – ниту за домашните животни ниту за луѓето.
„Јас имам 82 години, мечка до денеска јас не видов. Сега си шетаат, како да е нивна Жировница. Еве кажувам, кога ќе доаѓаат за гласање (политичарите н.з.) Жировница немаат право да дојдат“.
вели повозрасна жителка на Жировница.
„Јас имам 85 години. Младите се истерани во странство. Да се плашам, да не можам да легнам од мечката. А повредна ли е мечката од народот? Кој ќе им гласа, мечката или народот? Нека кажат. Не само онде да кажуваат – кафеавата мечка не смеело. А народот нека го јаде, а? Мене ако ми влезе, готова сум. Ќе се предадам“.
рече друга жителка на Жировница.
Оваа баба која стана интернет-сензација раскажувајќи како се одбранила од мечка која и дошла на врата, веќе не е во селото. Си ја прибрале роднините.
Но, таа не е единствена што имала блиска средба.
„Само што ја фатив вратата за квака и одеднаш лупна кантата, од горната страна влезена со главата,ја отварам вратата и таа само се сврте и ме гледа . Јас се вратив и земав секирата кога излегов со секирата таа почна да бега ама со одење не со трчање да бега, јас стигнав на ќошето на таа куќа ја удрив, јас се повлеков реков да не ме удри одеднаш едно куче стигна во моментот се исплаши од кучето и не успеав втор пат да удрам а таа се сврти и се крена само не се крена цела со задните нозе само се сврте и се крена кон мене, јас уште еднаш реков да удирам не ми се даде да ја удрам и побегна таму со кучето заедно“.
рече Салиу.
Мечката со која Салиу имал блиска средба повеќе не се вратила кај него, вели тој. Но, претпазливоста останала.
„Јас во млади години, со татко ми, татко ми чуваше овци горе. Ама во 30 години два пати или три пати и тоа в шума горе, каде што е лежајот сум се сретнал со мечка. Ама ова не било, низ село да се шетаат мечките“.
вели Салиу.
Со кого и да разговарате во Жировница, приказната е горе-долу иста. Луѓето се во исто време и исплашени и лути на „тие во Скопје“, што немаат помош.
Додека една наша екипа беше во селото, друга беше токму во главниот град. Го чекаше исходот од меѓуресорската средба во Центарот за управување со кризи. Ставот на Националниот парк „Маврово“ беше јасен – да нема отстрел на мечки.
„Електрични огради и регулирање на собирање и депонирање на отпадот тоа е уствари најглавниот проблем во населените места. После тоа има успивање на мечките и преселување на локации кај што ја нема беше спомната како мерка единствен проблем кај нас е тоа што немаме интервентен тим“.
рече Ѓорѓески од ЈП-Националниот парк “Маврово” .
Имало или немало интервентни тимови и капацитети, Владата ги прифати превентивните мерки ден подоцна. Прво, итно треба да се исчистат сите ѓубришта во близина и во населените места. Потоа, следуваат низа други активности:
Ден пред да се донесат мерките, жителите на Жировница не беа големи ентузијасти за некои од сега веќе донесените мерки.
„Сите оние друштва за заштита и незнам што си пишуваат да ги прихранувате, значи јас апелирам до нив прво нека ја извршуваат работата кој што им е, ако сметат дека да се прихранат нека дојдат нека ги прехранат тие. Нека не очекуваат од селаниве дека ќе почнат селаните да ги прехрануваат мечките“.
вели Ахмети.
Критичкиот однос на жителите на Жировница кон здруженијата за заштита на животните е затоа што тие беа најгласни во потсетувањето дека мечката е трајно забранета за лов во земјава и дека никако не смее да има отстрел.
Против отстрелот се и од Македонското еколошко друштво, кое со години има инсталирани камери низ Маврово за да го следи, пред се, рисот. Но, тие се и против прихранување на мечките. Сметаат дека дивечот треба сам да наоѓа храна.
Според Александар Павлов, изворот на проблем се упадот на човекот во просторот во кој живее животното, како и ѓубрето.
„Контејнерите се еден начин, дури има и едни канти со инсталиран солзавец, па тоа се многу лесен и ефикасен начин да се одврати единката, односно да си ги смени тие навики дека само таму ќе бара храна. Светлосни и звучни ефекти да се исплашат мечките, гумени куршуми дури може да се употребуваат за оние похрабрите, потпорните мечки кои покажуваат ефикасност. Сите овие мерки треба да се користат континуирано и во комбинација една со друга.“
рече Павлов.
Засега, сепак, не се знае и динимиката со која мечките ќе се одвраќаат од улиците на селата во општината Маврово и Ростуша. Дотогаш, она што за остатокот е земјата е куриозитет, за селата како Жировница е притисок одново да се обмислат секојдневни работи – како движењето на децата.
„Ситуацијата е безбедна за учениците со оглед дека и поголем дел ги носат родителите до самото училиште, сметаме дека во овој момент не ни претстои опасност за самите деца. Но во вечерните часови и те како претстои опасност бидејќи мечката се движи низ самите улици и како родители на нашите деца сме повнимателни во овој период и внимаваме и го ограничуваме нивното движење значи она слобода што ја имаа претходно сега е малку редуцирано“.
рече Ахмети.
За да се врати слободата на човекот која сега е загрозена од дивото животно, најмногу работа ќе треба да завршат самите граѓани, Националниот парк и општината Маврово и Ростуше.
Но, не е тајна дека капацитетите на локалните институции се слаби. Ако нешто им оди во корист е дека наскоро, мечката, ќе го почне зимскиот сон. Тоа, сепак, само ќе го одложи, а нема да го реши проблемот.
ИЗВОР: 360stepeni.mk