Носењето деца во Бугарија, меѓу другото, на средби со бугарски политичари, во земјава беше протолкувано како злоупотреба на деца за политички цели, како што обвини и првата детска амбасада во светот „Меѓаши“
За посетата на децата од С Македонија во Бугарија на 4 јули на својот фејсбук-профил информирал и претседателот на Бугарија, Румен Радев, кај кого тие биле на средба. Радев напишал дека децата се пример за политичарите дека можат слободно да комуницираат без предрасуди
Бурни реакции во Бугарија предизвика изјавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека го известил Обвинителството за случајот во кој детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, организатор на колонијата „Мал битолски Монмартр“, носи деца во Бугарија, меѓу другото, на средби со бугарски политичари. Ваквиот чин во земјава беше протолкуван како злоупотреба на деца за политички цели, како што обвини и првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Денеска претседателот на партијата Граѓанско демократска унија, Петар Колев, кој во своите јавни настапи вели дека ги брани интересите на Бугарите во Македонија, при гостување на бугарската ТВ Нова изјави дека постапката на Спасовски е исклучително брутална.
„Министерот за внатрешни работи на РС Македонија нареди да се покрене истрага против децата кои пред еден месец со соучениците се сликаа во Софија. Нешто што е крајно брутално. Имам чувство дека секогаш кога Македонија се обидува да направи чекор напред кон својот развој, „длабоката држава“ наоѓа начин да ја запре РСМ на патот кон ЕУ“,
изјави Колев.
Лидерот на бугарската политичка партија Преродба, Костадин Костадинов, пак, побара бугарското Министерство за надворешни работи да го осуди, како што се наведува, тоа што се случува во Битола.
„По налог на министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, почна судскиот процес против 32 деца на возраст под 14 години, кои од вчера се на распит во Обвинителството. Овие репресии врз децата не се изолирана појава, туку банална практика во последните години. Зачестија особено од минатата година кога беше укинато ветото против членството на РСМ во ЕУ. Тогаш Бугарија ги охрабри сите антибугарски акции“,
смета Костадинов.
На социјалните мрежи реагираше и поранешната шефица на бугарската дипломатија и актуелна пратеничка, Екатерина Захариева, според која „е достигнато ново дно“.
„Не знам дали колегите разбираат како изгледа ова – како да прават очајнички чекори да се приклучат на многу познат светски клуб. Не, не се работи за Европската Унија. Туку за клубот на тоталитарните режими што се намалува. Всушност, можам само да помислам на наставник кој полицијата го гони за такво дело во Русија, Белорусија и Северна Кореја. И сите мислевме дека ја затворивме оваа темна страница на историјата на Балканот. Патетично, тажно, грдо и апсурдно!“,
напиша Захариева.
Вчера во Битола министерот за внатрешни работи Спасовски изјави дека, постапувајќи по допрен глас, МВР го известило Обвинителството за случајот со „Мал битолски Монмартр“. Спасовски рече дека за случајот дознал од медиумите кои објавија дека во рамки на проект за добрососедски односи, деца од Битола биле носени во Бугарија каде што биле на средба и со бугарски политичари.
„Ниту еден родител ниту ‘Меѓаши’ или друга огранизација нема доставено кривична пријава. По доставувањето на известувањето веќе измаме предмет. Апелирам и за овој и за друг случај да се достават кривични пријави, да се земат изјави на записник во однос на овие случаи за да можат и институциите да постапуваат. Не треба да ги отвораме предметите само по допрен глас. Доколку има некаква злоупотреба, тоа да се пријавува, за да можеме да постапуваме“,
изјави Спасовски.
За настанот реагираше првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ од каде што велат дека „наместо децата да се третираат сериозно, тука се користат како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи“.
„Поради сето ова горе наведено, го повикуваме Основното јавно обвинителство (ОЈО) да преземе соодветни мерки особено поради инволвирање на децата од Македонија во политички кампањи во друга земја и неколкукратно прекршување на правата на децата согласно Конвенцијата за правата на детето и Член 12 став 4 од Законот за заштита на деца: ‘Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување’“,
велат од „Меѓаши“.
За посетата на децата од С Македонија во Бугарија на 4 јули на својот фејсбук-профил информирал и претседателот на Бугарија, Румен Радев кај кого тие биле на средба. Радев напишал дека децата се пример за политичарите дека можат слободно да комуницираат без предрасуди.
„Ми беше задоволство што во претседателската институција примив триесет деца уметници од Бугарија и РСМ кои се во Софија по повод социјалната кампања на фондацијата Бугарска меморија „Од двете страни на границата“. Сликата на младите уметници пред зградата на Народниот театар ‘Иван Вазов’ го симболизира стремежот за единство меѓу Бугарија и РСМ“,
напиша Радев.
Инаку, пред оваа посета на Бугарија и средбата со Радев, претходно група деца биле однесени и кај поранешниот бугарски премиер – царот Симеон Втори (Сакскобурготски), како и на посетата на гробот на неговиот татко, царот Борис Трети.
Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“, кое е организиратор на детскиот уметнички фестивал „Мал битолски Монмартр“, по три децении, лани по првпат не доби финансиска поддршка од Министерството за образование и наука. Затоа, пак, фондацијата „Бугарска меморија“ на Милен Врaбевски се јавила со поддршка.
Славчо Неделковски, кој е претседател на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола, во интервју објавено на интернет-страницата на бугарската Фондација, го коментира односот на домашните институции велејќи дека како организација веќе се квалификувани како бугарофили.
„Класична опструкција на сите нивоа. Од прекината поддршка од Министерството за образование и наука, до мала поддршка од Министерството за култура, за резултати кои го промовираат студиото, Битола и Северна Македонија. Јавни квалификации дека веќе сме бугарофили. Но срамот е за нив“,
вели Неделковски.
ИЗВОР: 360stepeni.mk