(ВИДЕО) Ја доби на суд, но сега државата не брза и реално да си врати голема парцела од спорна денационализација

6 mins read

Пред околу дваесет години, на неколку семејства во Скопје им доаѓаат луѓе на врата кои им велат дека набрзо мора да се иселат од домовите во кои живеат со децении претходно. Иако имаат куќи на конкретна локација, земјата под нив некако е вратена со денационализација како нивните домови да не постојат. А наследниците од денационализацијата веднаш ја продаваат земјата на инвеститор

По дваесет години поминати по судови, денационализацијата конечно е поништена. Земјиштето би требало да се врати на Република Северна Македонија, за да може да се уредат односите и со жителите, но и за да се направи евентуална нова денационализација на делот од парцелата кој реално може да се врати. Но, сега државата не брза да си го врати земјиштето во своја сопственост. Зошто? Погледнете го видеото

Пред година и половина „360 степени“ објави сторија за спорна денационализација на земјиште од околу 8 000 квадрати на влезот во Скопје, меѓу населбите Маџари и Автокоманда. Тука некогаш се наоѓал автокампот „Турист“ со ресторан и придружни објекти. Околу ресторанот имало и има неколку приватни куќи – легално откупени, но изградени на национализирано, државно земјиште – штo им создава маки на сопствениците со децении.

„Ние претходно сме живееле кај ‘Беко’ во Центар. По земјотресот куќата е разрушена и оваа куќа му беше доделена од Туристички сојуз на Македонија, каде што беше вработен мојот дедо Бркиќ Петар, во 64-та. 66-та е отплатена во целост, за што имаме и документи, уплатници од тоа време – ги исплаќал кон Туристички сојуз на Македонија, тогашна Југославија и во 1966 имаме потврда дека во целост е исплатена и е во негова сопственост“,

кажа Петар Бркиќ, сопственик на куќа близу поранешниот мотел „Турист“ минатата година.

Јас сум Живко Гичев, роден во оваа куќа 1969 година и сме со правни наследници од 1948 година, дојдени од Егејска Македонија како политички емигранти. Кога дојдоа нашите предци, нашите дедо, баба, татко и неговите, и на Драган татко и дедо, Владата на РМ тогаш ги насели во оваа куќа. Во 1993 година јас и таткото на Драган склучивме договор за купопродажба“,

кажа друг сопственик.

По независноста и почетокот на процесот на денационализација, наследниците на оригиналните сопственици побарале државата да им го врати земјиштето. Но, во 2002 година, тогашната Комисија за денационализација го превидува фактот дека на локацијата има три легални куќи, покрај тогаш веќе пропаднатиот мотел. На наследниците им се враќа целата парцела – како да е празна. Тие, пак, веднаш го продаваат имотот на нов сопственик кој видел интерес да инвестира во градби. Без да знаат што се случува, староседелците наеднаш биле соочени со барање – веднаш да се иселат од домовите. Почнуваат судските битки кои траат до ден-денес.

Клучно, на барање на Државното правобранителство, во 2019 година Управниот суд носи пресуда дека денационализацијата била незаконска и наложува таа да биде поништена. Надлежната Комисија ја поништува, но пред да стане правосилна следува нов апсурд – Државното правобранителство повторно поднесува тужба до Управниот суд и бара да се поништи поништувањето на денационализацијата, за кое самите тие претходно воделе обратна „битка“. Управниот суд ги одбива. Правобранителство поднесува жалба до Вишиот Управен суд, но и оттаму годинава се одбиени – што значи уште една судска потврда за поништување на спорната денационализација.

2023 година им донесе нова надеж на староседелците тука. Жителите во куќите кај некогашниот автокапм „Турист“ се радуваат на пресудата на Вишиот управен суд од мај годинава, кој ја одби жалбата на Правобранителството и го уважи поништувањето на денационализацијата. Но, тие не се формална странка во постапката, па сега прашуваат – што и како понатаму?

„Ова правосилно решение не ни е доставено до нас, бидејќи ние не сме странка во таа постапка, а иако не сме странка во постапката за денационализација, ние секаде фигурираме како тужена страна по основ на таа денационализација. Значи, во смисла, не тепаат, а не ни даваат да плачеме. Нашето барање е прво да се достави ова решение, да ги имаме сите права како трета и оштетена права во ова постапка, а оние државни органи се однесуваат како да сме им најголеми непријатели или не знам што“,

вели Гичев.

Живко Гичев – сопственик на куќа близу поранешниот мотел „Турист“

„Еве, поминаа 6 месеци, се уште не знаеме ниту предметот каде е, бидејќи ни велат дека сме трета странка во постапката, или не сме странка во постапката, еден апел до институциите – да не известат до каде е предметот бидејќи, ние сепак сме странка во постапката бидејќи нашите објекти се наоѓаат на тоа земјиште“,

кажа Бркиќ.

Петар Бркиќ – сопственик на куќа близу поранешниот мотел „Турист“

Независно од интересот на жителите, ова значи дека веќе шест месеци има правосилна судска пресуда која вели дека 8 000 квадратни метри земјиште на влезот во Скопје треба да и се вратат на државата. А државата никако да ја почне постапката.

Зошто се чека – прашавме во Државното правобранителство. Ни одговорија дека чекаат да завршат други постапки поврзани со тој предмет.

„Државното правобранителство најпрво ќе го причека исходот од постапките кои се во тек, па по добивање на правосилна и извршна одлука, ќе изгради своја правна конструкција, а во таа насока ќе се дефинира крајната намера и би се конкретизирале понатамошните насоки на дејствување“,

велат од Државното правобранителство.

До кога ќе чекаат, особено што веќе имаат правосилна судска пресуда по која можат да постапуваат, не добивме прецизен одговор.

„Напоменуваме дека како што претходно потенциравме, во тек се постапки пред Управниот суд и неизвесно е во кој временски период овие постапки ќе добијат правна разрешница. Поради тоа во оваа фаза на постапката, не сме во можност да поставиме временска рамка и да зададеме било какви временски рокови“,

велат од Правобранителство.

Од Државното правобранителство не беа конкретни и на прашањето – зошто пред три години, кога Управниот суд одлучи во нивна корист да се поништи денационализацијата, тие одлучија повторно да се жалат. Кажаа само дека сметале дека „им е повредено правото“.  

Таквиот чекор за трите засегнати семејства значеше уште неколку години плус до посакуваната цел, која и покрај се постојано им се оддалечува, а таа е – земјиштето под и околу нивните куќи повторно да се врати кај државата за да можат да си го откупат.

„Дали Државниот правобранител, дали Министерството за финансии кои ја направиле таа спорна денационализација, па преку нив до Катастарот за да ова земјиште каде што се наоѓаат нашите куќи да се врати на РМ, за тоа ние понатаму од почеток да почнеме, т.е. да го откупиме за да имаме земјиште под нашиот објект, како и земјиште околу објектот за употреба“,

прашува Бркиќ.

За апсурдот да биде уште поголем, на патот на процедурите стои и купопродажниот договор што наследниците на земјиштето побрзале да го склучат со инвеститор – Сабедин Салиоски. Му го продале земјиштето набрзо откако државата им го вратила со денационализацијата која сега е поништена. Логично е, ако се спроведе поништувањето на денационализацијата, да се поништи и тој купопродажен договор.

Во моментов, според податоците од Катастарот, куќите се во сопственост на нашите соговорници. Но, земјиштето е на име на последниот купувач, Сабедин Салиовски. Пред година и половина, телефонски, тој ни кажа дека куќите ги смета за времени објекти, што не одговара на фактичката состојба во Катастарот. Ни кажа и дека се обидел да се спогоди со жителите.

Но, жителите велат дека им биле нудени смешни суми, а Салиоски се обидел и судски да им наплати кирија затоа што живеат во куќи кои се наоѓаат на негово земјиште. Ако се спроведе последната пресуда на Вишиот управен суд, сите судски спорови на Сабедин Салиовски против староседелците ќе паднат во вода.

„Како можеше и тој да купи земјиште што не го видел, а знае дека има објекти на него, а не бил воведен во владение?“,

вели Гичев.

„Веќе 20 години, живееме, 20 години се тужиме со некој човек, како да кажам и тој го купил од некој што го наследиле спорно значи, на нелегален пат. Вратена денационализација, заедно со нашиве куќи на тоа земјиште“,

вели Бркиќ.

Според пресудата на Вишиот управен суд, катастарската парцела 13007 не може да биде предмет на реално враќање на наследниците. Наместо земја, судот определува надомест во вид на обврзници за претходните сопственици. Тоа што добиваат надомест иако еднаш веќе го продале и земале пари за земјиштето, според Судот, не влијае на поинакво одлучување.

Со други зборови, сплетката што ја направи некогашната спорна денационализација веќе две децении става во лавиринт мноштво физички лица и надлежните институции. А жителите прашуваат зошто со години се замижува за тоа како воопшто се случила и кој е одговорен за спорната денационализација.

„Има чудна тишина некоја, некој чуден молк. Тоа нешто кажува сепак, затоа што еве и по овој допрен глас тоа треба и Јавниот обвинител и нивните надзорни органи што ги контролираат овие незаконски решенија што се донесени треба да си преземат нешто. Не сум обвинител – ниту моите комшии да си кажуваме и да обвинуваме кој како згрешил“,

вели Гичев.

Од одговорите на Правобранителство може само да се претпостави дека најверојатно и оштетените наследници од некогашната национализација водат засебни управни спорови, за што и тие чекаат конечен исход. Наследниците, пак, на оние што легално купиле куќи на земјиште кое било државно во тој момент, се надеваат дека денационализацијата нема да донесе нова неправда.

„Тешко е, незивесно е. Да ве држи нешто неизвесно 20 години, сепак е тешко, да не знаете што понатаму, што би се случило“,

вели Бркиќ.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Oбјавен e новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж

Следно

Дедо Мраз пристигна со падобран во Крива Паланка

Latest from Blog