(ВИДЕО+ФОТО): Почна протестот пред Владата: Убијци“ и „крадци“ скандираат демонстрантите

2 mins read

„Физиолошки раствор за здравствениот систем што не убива сите“, „немам врски, немам лек“, „Психопати во бели мантили“ беа дел од пораките кои преку транспаренти ги пренесоа демонстрантите. Дел од нив, со црвена боја на асфалтот пред Владата испишаа и „убијци“

Со свирежи и скандирања „оставки“, „крадци“ и „убијци“ почна протестот пред Владата кој се организира поради последните случувања на Клиниката за онкологија за каде медиумите открија дека се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор.

Дел од учесниците на вечерашниот протест дојдоа преку мостот „Гоце Делчев“ носејќи голем транспарент на кој пишува „Убијци за профит“. Од насобраните стотина граѓани беа пречекани со аплауз кои им се придружија во скандирањата.

„Ова ви е последна доза“, „Колку вреди човечкиот живот“, „Физиолошки раствор и за монструмите што ја продавале терапијата! Физиолошки раствор и за здравствениот систем што сите не убива! Физиолошки, бидејќи нема лек!“, „Кога неправдата станува закон отпорот станува должност“, „Немам врски, немам лек“, „Психопати во бели мантили“ … ова се само дел од транспарентите што може да се прочитаат на вечерашниот протест.

Дел од граѓаните носат и маици со натпис „Ние сме Онкологија“. Дел од демонстрантите со црвена боја на асфалтот пред Владата испишаа „убијци“.

Во првите редови на протестите забележливо е присуство на активисти и советници од политичката партија Левица.

Случувањата на Клиниката за онкологија одекнаа во јавноста откако изминатиот месец неделникот „Фокус“ објави серија текстови за постоење разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање на скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката. Во системот, според пишувањата на неделникот, се внесувале фиктивни пациенти, а на дел од вистинските пациенти им се давала половична терапија и на тој начин скапата биолошка терапија завршувала на црниот пазар.

По ваквите информации, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предистрага и во петокот попладне влезе во Клиниката. Како што соопштија, претреси биле направени и во два приватни стана во Скопје, а биле одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација кои понатаму ќе се анализираат и вештачат. Денеска од Обвинителството апелираат на воздржаност од предвремено прејудицирање за текот на постапката и за одговорност на кое било лице. Јавното обвинителство ги охрабрува сите оние што имаат сознанија во врска со овој предмет да ги пријават на надлежните органи, рекоа оттаму.

Премиерот Димитар Ковачевски, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити и неговата заменичка Маја Манолева изразија целосна поддршка за истрагата. Ковачевски повика да не се прави сензационализам и рече дека ваквиот криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен.

Денеска Ковачевски рече дека сите што се огрешиле во случајот „Онкологија“, ако сакаат нека бидат членови и на свети СДСМ, и на света ВМРО-ДПМНЕ, и на света ДУИ, има да одговараат. Пардон, како што рече Ковачевски, нема да има за никој во овој случај. 

Актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, денеска на прес конференција, рече дека го разбира гневот на граѓаните, особено кај оние директно погодените од канцерогени заболувања. Меџити рече дека ќе направи сѐ што е во негова моќ овој случај да се расчисти, да се утврди и санкционира одговорноста за секој за кој ќе се докаже дека има удел во ова злосторство на Клиниката за онкологија и радиотерапија.

Во врска со случајот „Онкологија“, денеска се огласи и претседателот Стево Пендаровски кој во писмената реакција, која е објавена на веб-страницата на претседателот, вели дека е крајно време наместо декларативно системот да потврди дека може да се справи и во пракса со тешките облици на организиран криминал и корупција и да се прекине културата на неказнивост и прекршување на законите. За него се фрапантни и згрозувачки низата наводи за злоупотреба на терапијата за лицата болни од рак на Клиниката на онкологија кои деновиве ја брануваа јавноста, а за кои МВР и Обвинителството отворија предистрага.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја прозива Владата и вели дека ваквиот криминал не бил можен без знаење на власта и раководството на Клиниката.

Денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека е потребна кривична и политичка одговорност во врска со случајот на Клиниката за онкологија за тврдењата за продавање на цитостатици. Владата треба веднаш да си даде неотповиклива оставка и да се излезе на брзи парламентарни избори.

Министерот Оливер Спасовски денеска истакна дека посебен тим од полиција работи во координација со Обвинителството, направен е целосен план и интензивно се работи на прибирање информации.

Поврзани вести:

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Костадиновска-Стојчевска: Во Битолската библиотека од денеска е отворена „Дневна соба“, слободен простор за едукација и дружење

Следно

Фудбалската репрезентација се собра пред дуелите со Италија и Малта

Latest from Blog