(ВИДЕО) Директорот на Градежниот инспекторат за непријавените станови и кола: Анкетниот лист е моја обврска ама грешката е кај секторот за човечки ресурси

November 19, 2023
6 mins read

Директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Фатмир Арифи, кадар на ДУИ, се правда дека секторот за човечки ресурси во Инспекторатот го препишал стариот анкетен лист, наместо да барал нови податоци од Катастарот и МВР, иако декларирањето на имотот што го поседува е негова лична законска обврска како функционер

ДКСК утврди дека директорот ДИГУ не пријавил два стана и автомобил поради што побара од Владата да биде разрешен, а од Обвинителството кривично да го гони. Еден месец подоцна Фатмир Арифи е сè уште директор, а од Владата нема информација дали и кога иницијативата на ДКСК ќе се најде на дневен ред

Еден стан во Чаир, друг во Железара и возило „форд мондео“ – е непријавениот имот на директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Фатмир Арифи, за кој пред еден месец Антикорупциската комисија откри дека ги поседува, но не се во неговиот анкетен лист – иако пријавувањето му е законска обврска. Становите ги стекнал по пат на легализација, што значи биле изградени на диво. За непријавувањето, директорот веќе платил прекршочна глоба, а за еден од становите, во допис до ДКСК, тврдел дека го купил со пари од препродажба на автомобили.

Но, антикорупционерите велат – освен плата, тој нема други легални приходи. Затоа, ДКСК бара Обвинителството кривично да го гони, а Владата да го разреши Арифи од функцијата.

Еден месец по барањето на Антикорупциска за разрешување и кривично гонење на Фатмир Арифи, против директорот ниту има кривична постапка, ниту пак е разрешен од функцијата. Од Основното јавно обвинителство во Скопје ни кажаа дека иницијативата е примена неделава и дека ќе биде распоредена кај надлежен јавен обвинител кој ќе ги провери наводите на антикорупционерите. Од Владата, пак, велат дека разрешувањето на Арифи досега не било предмет на дискусија на владина седница, а доколку се донесе некаква одлука во однос на ова, благовремено ќе нè информираат.

Откако му го провериле имотот и му побарале одговор, Фатмир Арифи на антикорупционерите им доставил документи, но не за конкретните недвижности, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

„Тој првин се обиде да ја префрли топката на службено лице во неговата институција за човечки ресурси, дека наводно тоа е виновно, на што веднаш му одговоривме дека секое избрано и именувано лице има лична одговорност да пополни анкетен лист. Потоа тој кажа дека се занимава со трговија на возила и дека со размена на возилата за градежен објект врши легализација на објектите и на тој начин стекнува имот. Кажа дека дополнително ќе достави документација за овие објекти. Тој достави документација, но таа не се однесуваше на споменатите објекти. Имајќи го предвид начинот како се стекнати овие имоти, го прашавме, рече дека ќе образложи, но не образложи. Утврдиме дека нема други регуларни, оданочени редовни приходи. Вработено имаше само едно од децата, кое што немаме некои големи прихофи, како и да е, имаме несразмерно зголемување на имотот во однос на приходите коишто ги остварува месечно, којшто се оданочени, значи се легални приходи. Како е стекнат имотот, дали е на легален начин, а знаеме дека е на нелегален начин, нека си утврди понатаму Обвинителството“,

кажа Ивановска.

Билјана Ивановска – претседателка на Државна комисија за спречување на корупцијата

Фатмир Арифи, кадар на ДУИ, е в.д. директор на Државниот градежен инспекторат од 2020 година.

Во неговата биографија објавена на веб-страницата на Инспекторатот, меѓу другото, навел дека до денес успешно ја извршува директорската функција. Во негов мандат, Инспекторатот саботираше акција за уривање дивоградба на „Пластичарска“.

Како директор ретко се појавува во медиумите, никогаш не одржал прес-конференција, а последното соопштение објавено на сајтот е од јули годинава – за мерки и препораки за работа во портокалова фаза. Но, по седницата на ДКСК во октомври годинава, тој експресно на фејсбук објави дека ќе ја тужи Антикорупциска.

Во прво интервју за „360 степени“, директорот призна дека не го ажурирал анкетниот лист, но остана на ставот дека виновен е службеник во Инспекторатот, иако обврската е негова лична како функционер.

360: Директоре, зошто не ги пријавивте во Антикорупциска двата стана и возилото ‘форд мондео’ што го поседувате?

ФАТМИР АРИФИ: Тоа е грешката на мојот Сектор за човечки ресурси, кој, анкетниот лист го препишал од претходната година. Не барал од Агенцијата за недвижности список за имотот мој и не бараал список од МВР посебен сектор сообраќај на возилата што ги има.

360: А, чија обврска е да се пријави во Антикорупциска, на секторот или ваша лична?

ФАТМИР АРИФИ: Моја лична, меѓутоа, имаме поверење во секторите. Сега ако почнеме ние сите сектори сам да ги работи директорот, не ќе може да се занимава со поголеми работи.

360: Не е работа на службениците во Градежниот Инспекторат да Ви го пријавуваат имотот во Антикорупциска.

ФАТМИР АРИФИ: Јасно ми е, меѓутоа направил грешка секторот за човечки ресурси.

360: Дали сега ги пријавивте во Антикорупциска?

ФАТМИР АРИФИ: Да пријавени се….ние спремаме анкетен лист и ги пријавуваме, меѓутоа двата стана се легализирани законски.

360:  Кажете ми, Ве прашувам, бидејќи Антикорупциска велат до ден-денес не сте ажурирале…

ФАТМИР АРИФИ: Спремаме, спремаме, спремаме анкетен лист. Ги спремаме документите комплет. Веројатно денес-утре ќе ги носиме“,

вели директорот.

Фатмир Арифи – директор на Државен инспекторат за градежништво и урбанизам

Директорот потврди и трговија со автомобили.

360:  Како успеавте двата стана и возило да купите?

ФАТМИР АРИФИ: Не, имаме и други приходи. Ќерка ми работи, има околу милион и 500 илјади годишен приход и мојот приход. Плус тргувам, работам и други работи.

360:  Што работите?

ФАТМИР АРИФИ: Посебно со коли работа, тргувам.

360:  Имате и друг бизнис освен што сте директор?

ФАТМИР АРИФИ: Да, да, да.

360:  А, пријавувате за тоа приходи?

ФАТМИР АРИФИ: Па, не продаваме којзнае колку бројчано од колите“,

кажа тој.

Становите ги купил уште во 2006, но подоцна се легализирани. Автомобилот пак, го купил од препродажба на сосема друг стан.

360:  Зошто кога стапивте на функција не ги пријавивте во анкетниот лист?

ФАТМИР АРИФИ: Уште не беа легализирани. Немав документ, како?

360: Кога ги легализиравте?

ФАТМИР АРИФИ: Мислам дека овие се легализирани 2021.

360:  Зошто веднаш не го ажуриравте листот?

ФАТМИР АРИФИ: Поради тоа, поради причината – секторот за човечки ресурси.

360: Малку е несериозно. Директор сте на важна институција.

ФАТМИР АРИФИ: Добро, несериозно, меѓутоа сè е легално, сè е законски. Возилото, имам продадено стан на Лидија Додиќ – 31.5.2021. Со тие пари, се е преку жиро – сметка. Купувачот ги пушта парите на жиро сметка кај мене, со тие пари купувам кола ‘форд мондео’.

360: А тој стан што го продадовте беше пријавен во анкетниот лист?

ФАТМИР АРИФИ: Да, беше, беше. Овој беше.

360: И толку беше тешко ова да се поднесе во Антикорупциска?

ФАТМИР АРИФИ: Добро, несериозна работа со секторот за човечки ресурси, инаку немаше никакви проблеми да ти кажам“,

уверува Арифи.

Првиот човек на Државниот инспекторат за градежништво за урбанизам не гледа проблем што сопственик на две дивоградби.

ФАТМИР АРИФИ: Директорот е од 20.10..2020 порано не сум бил директор јас.

360:  Сега сте и легализирате практично незаконито изградени објекти.

ФАТМИР АРИФИ: Ама, дозволува Законот за легализација. Не само за директорот, за кој било друг, Не може да го ставаш директорот надвор од Законот. Собранието го донесе законот“,

додаде тој.

Прашавме во Антикорупциска, дали посочените имоти кои во Катастарот се на име на директорот, се дел и од анкетниот лист.

БИЛЈАНА ИВАНОВСКА: Токму тоа е прашањето. Зошто тоа што го има во имотните листови не е пријавено во анкетниот лист. Значи така и ја утврдивме разликата. Првата контрола ни е административна  – верификација на податоците – дали тоа што е пријавениот во анкетниот лист соодветствува со тоа што е пријавено во имотниот лист. Тука ја утврдивме првата разлика. Нека каже зошто не го објавил анкетниот лист, зошто тие работи што се во имотниот лист не се во анкетниот лист, тоа треба да каже.

360: Дали сега го ажурираше анкетниот лист?

БИЛЈАНА ИВАНОВСКА: Не, не. Досега не. Значи, врз основа на сето ова имаме доставено кривична пријава до Обвинителство – таму нека си објаснува како си го стекнал имотот, а второ, до Владата за разрешување, затоа што не може некој што е директор на Државен инспекторат на градежништво да стекнува имот по пат на легализација на дивоградби. Значи ова е навистина веќе – дно дна!

360: А, притоа, велите не е оправдано потеклото на парите…

Ние не можеме да го докажеме, ниту пак тој го докажа“,

ни изјави Ивановска.

Не е првпат функционер да не го пријави целокупниот имот во Антикорупциска, но Миша Поповиќ од Институтот за демократија вели – ако Владата ја следи искажаната желба за борба против корупцијата, треба да посвети внимание на тоа какви луѓе сака да ги раководат институциите.

„Владата треба да ги крене стандардите и всушност, со самото тоа што нешто е направено како прекршок, треба да ги разреши овие луѓе, со тоа ќе испрати порака дека на раководните позиции во институциите сакаат да имаат луѓе со навистина високи морални стандарди и со развиено чувство за интегритет, што во прва рака се покажува со тоа како ќе го пополните анкетниот лист, дали ќе поднесете се. И не само тоa, доколку например се открие дека тој имот се крие, за такви луѓе веќе не би требало да има место на позициите во јавната служба“,

вели Миша Поповиќ – истражувач од Институтот за демократија.

Миша Поповиќ – истражувач во Институт за демократија

Инспекторатите се ризични место во однос на корупција, затоа Поповиќ смета дека уште пред да се номинираат раководни лица, кандидатите треба да се проверат.

„На еден високоризичен економски сектор, би требалода помине на некој начин неформален ветинг, односно да се потврди интегритетот, анкетната состојба, пред да се номинира, заради тоа што секаков ризик по однос на интегритетот на лицето коешто раководи, кога тоа ќе се именува како институција се пренесува како ризик во работата на целокупната институција. И токму заради тоа мислам дека е добра пракса да се прави таква проверка за раководители на високоризични институции во државата“,

додава тој.

Според Законот за спречување корупцијата, Владата има рок од 60 дена да се произнесе по иницијативата за разрешување што до неа ја поднесе ДКСК. Тоа значи дека Владата има уште еден месец да одлучи дали тој ќе замине од функцијата.

Од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси

„Би сакала да еднашка да се почитуваат препораките што ги даваме, но имајќи го предвид досегашното искуство имаме голема резерва“,

вели Ивановска.

„Се надевам дека во оваа прилика, коалиционите пресметки нема да влијаат во тоа да се донесе вистинската одлука“,

порачува Поповиќ.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Човечка чистка кај вештачката интелигенција

Следно

„Израелски хеликоптер пукал кон Израелци на фестивалот при нападот на Хамас на 7. октомври“, објавија израелски весници

Latest from Blog

Фидан: „Вооружувањето на Блискиот Исток и Азиско-пацифичкиот регион може да го доведе светот до работ на бездна“

ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во саботата рече дека вооружувањето на Блискиот Исток и на азиско-пацифичкиот регион е во пораст и предупреди дека тоа може да го

Царинската управа постигнала рекордна наплата на приходите

Ги затегнавме чешмите, сè оди во буџетот, постигнавме рекордна наплата на приходите во изминатите пет месеци. Поднесена е 31 дисциплинска постапка за царински службеници за злоупотреба на службена положба. Од први јули

Лишен од слобода малолетникот што ја откорна таблата од Конзулатот на Република Србија во Куманово

Полициски службеници од СВР Куманово лишија од слобода 17-годишен малолетник од Куманово, постапувајќи по добиена пријава на 29.11.2024 во 09.05 часот дека е откорната табла од канцеларијата на Конзулатот на Република Србија

Евробарометар: Над половина од македонските граѓани ѝ веруваат на ЕУ

Повеќе од половина од граѓаните на Северна Македонија, односно 56%, имаат доверба во Европската Унија, покажува есенското истражување на Евробарометар за 2024 година. Слична доверба кон ЕУ изразуваат и граѓаните на Босна
Go toTop