Договорот кој беше посредуван од Обединетите нации и Турција во јули минатата година, а кој беше продолжен во ноември, ќе биде обновен на 18 март доколку ниту една од страните не се спротивстави. Високата претставничка на ОН, Ребека Гринспен следната недела, според најавите, ќе се сретне со високи руски претставници во Женева, а цел на разговорите ќе биде продолжувањето на договорот
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш повикаа на продолжување на договорот со Москва кој ѝ дозволува на Украина да извезува жито преку пристаништата на Црното Море за време на руската инвазија.
По средбата со Гутереш во Киев, Зеленски изјави дека договорот за извоз на жито е неопходен за светот, а шефот на ОН ја подвлече неговата важност за глобалната безбедност на храната и нејзините цени.
„Сакам да ја подвлечам критичната важност од започнувањето на Црноморската иницијатива за жито на 18 март, како и создавањето услови кои ќе овозможат најголема можна употреба на извозната инфраструктура преку Црното Море во согласност со целите на иницијативата“,
им порача Гутереш на новинарите во Киев по средбата со украинскиот претседател.
Договорот кој беше посредуван од Обединетите нации и Турција во јули минатата година, а кој беше продолжен во ноември, ќе биде обновен на 18 март доколку ниту една од страните не се спротивстави.
Русија сигнализираше дека мора да се отстранат пречките за нејзиниот земјоделски извоз пред да дозволи продолжување на договорот. Рускиот извоз на храна и ѓубрива не подлежи на санкции, но Москва вели дека ограничувањата на нејзините плаќања, логистиката и осигурителната индустрија се главна пречка за постигнување договор.
Со цел Русија да се убеди и да дозволи нејзиниот сосед да продолжи да извезува жито од Црното Море, минатата година беше склучен тригодишен договор во кој ОН се согласија да помогнат во олеснувањето на извозот на руска храна и ѓубрива.
Според најавите на Обединетите нации, високата претставничка на ОН, Ребека Гринспен следната недела ќе се сретне со високи руски претставници во Женева, а цел на разговорите ќе биде продолжувањето на договорот.
Извор: 360stepeni.mk