Минималната плата од 600 евра е реална потреба на работниците и произлегува од вредноста на синдикалната кошница, изјави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов во дебатата „Топ Тема“.
Тој потсети дека ССМ уште во 2011 година првпат побарал минимална плата, кога била пресметана и првата синдикална кошница, што, како што рече, било поттик за нејзиното постепено зголемување.
„На крај на 2023 година ги започнавме засилените протести и синдикалните акции против тогашната власт затоа што тие планираа да нанесат штета на синдикалните работници, планираа да изменат закони со кои немаше да се дозволи зголемување на платите во месецот март и разговаравме со тогашните опозициони партии кои предлагаа измени и надополнување на законите и заедно спречивме штета на работниците во тој период. Сепак ние продолживме со процесот на зголемување на плата напоредно со ова. Тогаш во 2024 година побаравме 450 евра, а тогаш во регионот минималната плата забрзано почна да се зголемува со забрзано темпо од она што се случуваше во Македонија врз основа на методологијата. За жал беше еднострано одбиен ваквиот предлог, иако протестите беа организирани на претходната влада, но новата влада го одби предлогот за зголемување на минималната плата и оттогаш започнаа нападите кон нас затоа што бараме зголемување на платите. Тие тоа го сфатија како политички предизвик меѓутоа заборавија дека шест месеци претходно заедно сме делувале за да ги спречиме овие претходните кои биле власт да направат штета“, рече Трендафилов.
Според него, барањето за минимална плата од 600 евра произлегува и од анкета на ССМ, според која работниците сметаат дека тоа е износот потребен за покривање на основните трошоци.
„Кога ССМ направи анкета со 600 испитаници, тие одговорија дека минималната плата треба да изнесува најмалку 600 евра за да може да ја покрие вредноста на синдикалната кошница“, додаде Трендафилов.
Тој нагласи дека владата и работодавачите треба јавно да кажат колкава минимална плата се подготвени да поддржат – дали 450, 500, 550 или 600 евра.
Извор: zurnal.mk


