Над 50 милиони денари од затекнатиот долг се вратени, реализирани се и се реализираат проекти вредни над 100 милиони денари, а пред почеток се дополнителни инвестиции од 70 милиони денари. Ова го соопшти градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, на денешната прес-конференција посветена на отчетот за првата година од мандатот.
Тоневски истакна дека финансиското стабилизирање на општината се одвива паралелно со вложувањата во патната и комуналната инфраструктура.
„До денес, како резултат на одговорното работење и преземените мерки, вративме над 50 милиони денари од долгот на општината, кој минатата година изнесуваше повеќе од еден милион евра. Финансиското раздолжување не е само сметководствена категорија. Тоа значи создавање на услови општината во иднина полесно да планира, да аплицира за средства, да реализира капитални инвестиции и навремено да одговори на потребите на граѓаните“, изјави Тоневски.
Изградба и реконструкција на улици и локални патишта
Во прегледот на инфраструктурните зафати, градоначалникот ги издвои изградбата и реконструкцијата на улиците „3-та“, „3-ти Април“, „Јаким Стојковски“, „Ленинов плоштад“ и „Никола Карев“.
Според него, целосно е реконструиран патот од Пробиштип до селото Кундино, а деновиве продолжуваат градежните работи на патот меѓу Горни и Долни Стубол.
„Во текот на оваа година реализиравме и реализираме проекти во вредност од над 100 милиони денари, а пред започнување со реализација се проекти со вкупна вредност од дополнителни 70 милиони денари“, посочи Тоневски.
Обнова на филтер-станицата и проекти за водоснабдување во пет села
Во областа на водоснабдувањето, завршена е санацијата на резервоарот за вода за пиење. Тоневски најави дека започнува и целосна реконструкција на филтер-станицата, за која се обезбедени 30 милиони денари од Министерството за животна средина.
Дополнително, подготвени се проекти со вкупна вредност од 600.000 евра за изградба на нови водоснабдителни системи во селата Дренак, Стрмош, Лесново, Зарапинци и Стрисовци.
Вложувања во јавните простори, туризмот и спортот
Тоневски најави и уредување на урбаниот блок 7.5 на влезот во градот, реконструкција на планинарскиот дом „Црн Врв“ и уредување на просторот околу стариот даб во селото Марчино.
Меѓу планираните зафати е и обновата на ракометното игралиште во центарот на Пробиштип.
Нов ГУП за понатамошен развој на градот
Како еден од најзначајните чекори за иднината на Пробиштип, градоначалникот ја издвои започнатата постапка за изработка на нов Генерален урбанистички план.
„Со новиот ГУП ќе создадеме современа и реална развојна рамка за градот. Ќе овозможиме проширување на градежниот реон и ќе создадеме нови можности за изградба на семејни домови, за нови инвестиции и за економски развој“, порача Тоневски.


