Несоницата е нарушување кое се карактеризира со тешкотии при заспивање и одржување на квалитетен сон, што на крајот може да резултира со рано будење со чувство на недостаток на сон, замор и намалена концентрација. Претходните студии го поврзаа недоволното спиење со неколку здравствени проблеми, кои сите можат негативно да влијаат на животниот век на поединецот, објавува онлајн списанието Medical News Today (МNT).
Недоволниот сон го скратува животот
Најновата американска студија покажа дека недостатокот на сон има поголемо влијание врз животниот век од другите фактори што го сочинуваат животот, како што се исхраната, физичката активност и социјалните врски или социјалната изолација.
Претходните студии го поврзаа недоволното спиење со повеќе здравствени состојби кои можат негативно да влијаат на квалитетот на животот и животниот век на една личност, вклучувајќи кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 2, дебелина, депресија, анксиозност, гастроинтестинални проблеми и деменција.
„Спиењето игра витална улога во речиси секој биолошки процес во нашите тела, но сепак тоа е однесување кое често го земаме здраво за готово“, изјави за MNT Ендру Мекхил, доктор на науки, вонреден професор и директор на Лабораторијата за спиење, хронобиологија и здравје на Колеџот за медицински сестри при Универзитетот за здравство и наука во Орегон (OHSU).
Сонот не е луксуз, туку биолошка неопходност
Д-р Пакај Нгаи, медицински директор на Центарот за спиење и будност во Медицинскиот центар Палисејдс во Њу Џерси, кој лекува пациенти со нарушувања во спиењето и несоница и не бил вклучен во студијата, за MNT изјави дека е изненаден од наодите на студијата, кои го откриваат процентот на луѓе кои имаат проблеми со спиењето.
„Сонот не е луксуз или нешто што треба да се жртвува – тоа е едноставно биолошка неопходност која е исто толку важна, а во некои аспекти дури и поважна од другите фундаментални здравствени потреби“, изјавил тој.
Д-р Џими Јоханес, пулмолог и специјалист за интензивна нега во Медицинскиот центар „МеморијалКеар Лонг Бич“ во Лонг Бич, Калифорнија, кој не бил вклучен во студијата, се согласува дека таа само ги потврдува претходните докази што го поврзуваат недоволното спиење со пократкиот животен век и додава дека наодот го смета за отрезнувачки, поради што би требало да му се посвети повеќе време. Јоханес вели дека е љубопитен да види дали постои минимално времетраење или фреквенција на недоволен сон потребен за значително да се одрази врз животниот век.
Како да спиете доволно секоја вечер?
За оние кои се борат да имаат квалитетен сон секоја вечер, Нгаи и Јоханес нудат неколку совети.
Да се даде приоритет на спиењето. Ова е првиот чекор кон добивањето доволно сон, смета Јоханес.
Тој советува да се обидете во собата каде што спиете да создадете средина што поттикнува сон. Треба да биде тивко, да ви е удобно, да не е премногу студено ниту премногу топло и да биде доволно темно. Сето ова придонесува за подобрување на квалитетот и времетраењето на спиењето.
Нгаи вели дека доследноста е клучна и препорачува „да си легнете и да се будите во исто време секој ден, дури и за време на викендите, бидејќи на тој начин ќе го регулирате вашиот внатрешен часовник и циркадијален ритам“.
Тој исто така предлага да воспоставите рутина за опуштање пред спиење. Ова може да биде читање книга, топла бања, медитација. Сето ова ќе ви помогне да го разбистрите умот. Исто клучно е да внимавате што консумирате во часовите пред спиење. „Избегнувајте кофеин, големи оброци и алкохол, бидејќи тие можат да ги нарушат вашите навики за спиење“, потсетува Нгаи.
Конечно, Нгаи советува да ја ограничите изложеноста на сина светлина од електронски уреди како што се паметните телефони и компјутерите најмалку 30-60 минути пред спиење.
Познато е дека сината светлина го попречува производството на мелатонин, хормон кој го регулира сонот, но исто така и менталните болести, прекумерниот стрес може да бидат препрека за квалитетен сон, поради што треба да побарате помош од стручно лице.
Извор: vecer.mk


