ИСТАНБУЛ (АА) – Над 60 отсто од луѓето што живеат во европските земји ја сметаат дискриминацијата врз основа на бојата на кожата или етничкото потекло како значајно прашање, јавува Анадолу.
Податоците од Европската комисија покажуваат дека 61 отсто од Европејците сметаат дека дискриминацијата врз основа на бојата на кожата е широко распространета во нивните земји, а 60 отсто сметаат дека дискриминацијата врз основа на етничката припадност е главен проблем.
Истражувањето спроведено од Европската комисија во кое беа вклучени приближно 26.000 учесници во 27 земји членки на Европската Унија откри дека и покрај долгите напори на Унијата и сеопфатното законодавство за борба против дискриминацијата, сепак и понатаму постојат предизвиците поврзани со социјалната еднаквост и предрасудите.
Во студијата се нагласува дека дискриминирањето на поединци со различна боја на кожата или етничко потекло се смета за широко распространето прашање, со извештаи што укажуваат на зголемување на дискриминацијата во споредба со претходните години.
Според истражувањето, 21 отсто од учесниците изјавиле дека доживеале дискриминација или булинг во изминатите 12 месеци, при што бојата на кожата, етничкото потекло, возраста и социоекономскиот статус се меѓу најчесто наведуваните причини за дискриминација во Европа.
Истражувањето, исто така, посочува дека дискриминацијата и булингот во Европа најчесто се случуваат на јавните или на работните места.
Меѓу европските земји, етничката дискриминација е најприсутна во Холандија (82%), потоа Франција (77%), Италија (75%), Шведска (73%) и Белгија (69%).
– Франција води во бројот на пријавени случаи за верска дискриминација –
Во земјите од Европската Унија, 42 отсто од учесниците во студијата сметаат дека дискриминацијата заснована врз религијата или верувањето е широко распространета во нивните земји, а 53 отсто сметаат дека тоа се случува ретко.
Франција е рангирана на прво место меѓу земјите каде што дискриминацијата заснована врз религијата и верувањето се смета за вообичаена, каде што на ова прашање укажаа 66 отсто од учесниците.
По Франција, Белгија (60%), Шведска (58%), Холандија (54%) и Администрацијата на кипарските Грци (53%) се земји каде што дискриминацијата врз основа на религија се смета за најзастапена.
Извор: Anadolu Agency (AA)