Градежната компанија СТЕНТОН ГРАДБА започна со реализација на нов индустриски проект во индустриската зона Опаленик, Општина Крушево, изградба на нов магацински објект за потребите на фабриката за обработка на тутун СЕКЕ.

Станува збор за нова инвестиција со која продолжува развојот и проширувањето на индустрискиот комплекс на СЕКЕ, а проектот е предвидено да се реализира во две фази. Во првата фаза ќе се изврши целосно инфраструктурно и просторно оформување на градежната парцела, организација на просторот, позиционирање на објектите и уредување на пристапните и внатрешните комуникации. Предвидена е и изградба на потпорни ѕидови за стабилизација на теренот и спречување на свлекување на земјиштето, како и оформување на сообраќајните и пристапните површини и партерно уредување на локацијата.
Паралелно со уредувањето на парцелата, во рамки на првата фаза ќе се гради и првата индустриска хала, составена од главен магацински простор и административно-сервисен дел наменет за потребите на вработените. Проектираниот магацински простор е со површина од 4.803,01 м², додека со санитарните јазли, гардеробите, кујната и трпезаријата, вкупната нето-површина на објектот изнесува 4.932,35 м², а бруто-површината 4.994,13 м².

Основната функција на новиот комплекс е складирање, пакување и сушење на тутун, при што проектното решение е приспособено за непречено движење на товарни возила и виљушкари и за ефикасно одвивање на технолошките процеси. За потребите на утовар и истовар се предвидени повеќе пристапни позиции преку роло-врати поставени на три страни од објектот.
Во втората фаза е планирана изградба на уште една индустриска хала со иста намена и габарит, која функционално и конструктивно ќе биде поврзана со првата преку внатрешна комуникација. На тој начин комплексот ќе добие дополнителен капацитет и подобри услови за организација на производствено-логистичките процеси.
Новиот проект претставува продолжување на успешната соработка меѓу СТЕНТОН ГРАДБА и СЕКЕ. Компанијата претходно веќе реализираше значаен проект за фабриката во истата индустриска зона, индустриска хала од околу 10.000 м², дополнителни објекти од околу 600 м² и обемно уредување на околната површина. Тој проект беше завршен во 2020.
Со почетокот на изградбата на новиот магацин, СТЕНТОН ГРАДБА уште еднаш ја потврдува својата позиција како сигурен партнер во реализацијата на комплексни индустриски и инфраструктурни објекти, продолжувајќи ја соработката со долгогодишен инвеститор и учествувајќи во понатамошното проширување на индустриските капацитети во Крушево.


