Спортски објекти во Прилеп, Битола, Тетово се под лупа на МВР и ЈО, за базенот во Делчево се чека да стигне ревизорскиот извештај

March 28, 2026
4 mins read

Во врска со Градскиот базен во Делчево, не е постапено од причина што до ОВР Делчево до овој момент не е доставен ревизорскиот извештај. Во однос на другите спортски објекти кои се предмет на постапување, се постапува по неколку случаи, и тоа 2 предмети на подрачје на Прилеп (спортска сала и спортски објекти на градскиот базен во Прилеп), а се постапува и во по еден случај на подрачје на Крива Паланка (спортска сала во изградба), Тетово (објекти во склоп на спортскиот центар во Тетово) и спортска сала во Битола, велат од МВР за „Фокус“. Од ЈО, пак, ни изјавија дека постапуваат и преземаат дејства за испитувања на наводите на Државниот завод за ревизија, кој неодамна констатираше дека државните спортски објекти се даваат под закуп на долг период за мали закупнини, дека закупците не ги напуштаат објектите и бесправно ги користат, па дури и дека се отуѓува имот од јавен интерес преку извршни постапки.

Државниот завод за ревизија неодамна објави ревизорски извештај за Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти во државна сопственост, во кој, меѓу другото, се констатираше дека нема точни податоци за државните спортски објекти, што создава „ризик од незаконско постапување со државниот имот“, дека овие објекти се даваат под закуп на долг период од 20-30 години, дека договорените закупнини се мали, а закупецот може да ги дава објектите во подзакуп, како и дека, и покрај раскинатите договори, закупците не ги напуштаат објектите и бесправно ги користат, па дури и се отуѓува имот од јавен интерес преку извршни постапки.

Државните спортски објекти пропаѓаат, одат под спорен закуп или завршуваат на продажба!

Покрај останатото, ревизорите во таа насока ја издвоија и спорната приватизација на Градскиот базен во Делчево.

Имено, во ревизорскиот извештај стои дека за овој базен е спроведена постапка за продажба по основа на извршување за наплата на побарување, што, според ревизорот, не е во согласност со Законот за извршување.

„По основ на извршување за наплата на побарувања, спроведена е постапка за продажба на спортски објект-Градски базен во Делчево, што не е во согласност со член 218 од Закон за извршување, со кој е пропишано дека врз предмети и права на Р.С. Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи“, стои во извештајот.

Во однос на тоа, од ЈП за стопанисување со спортски објекти, кое порано го поседувало овој имот, ни изјавија дека Министерството за спорт е надлежно за дејноста спорт, па оттука, според нив, тоа е надлежно да преземе „соодветни законски и правни мерки, активности и дејства за заштита на државниот капитал“.

Од Министерството на чело со Борко Ристовски, пак, најавуваат дека ќе ги покренат „сите законски постапки за да се испита овој случај“ доколку бидат задолжени, додека од Владата порачуваат дека за незаконското продавање на базенот во Делчево ќе постапат органите во посебни постапки.

„Што се однесува на незаконското продавање на поранешниот Градски базен во Делчево, органите ќе си постапат соодветно во посебни постапки. Согласно Законот за спорт, отуѓување објекти за спорт е кривично дело“, велат од Илинденска.

Воедно, од таму додаваат дека од страна на Министерството за внатрешни работи „се водат постапки за расчистување одредени ситуации со спортски објекти“, без да откријат за какви „одредени ситуации“ и за кои „спортски објекти“ се работи.

Затоа, се обративме до МВР, од каде го добивме следниов одговор:

„Во врска со државните спортски објекти кои се предмет на интерес и проверка, конкретно Градскиот базен во Делчево, по овој предмет не е постапено од причина што до ОВР Делчево до овој момент не е доставен ревизорскиот извештај.

Во однос на другите спортски објекти кои се предмет на постапување, Ве информираме дека се постапува по неколку случаи, и тоа два предмети на подрачје на Прилеп (спортска сала и спортски објекти на градскиот базен во Прилеп), а се постапува и во по еден случај на подрачје на Крива Паланка (спортска сала во изградба), Тетово (објекти во склоп на спортскиот центар во Тетово) и спортска сала во Битола.

За сите случаи се испратени известувања до надлежните јавни обвинителства“.

Од Јавното обвинителство ни одговорија дека ревизорскиот извештај е доставен до Основното јавно обвинителство – Скопје, кое, како што истакнуваат од таму, постапува и презема дејствија за испитување на наводите.

„Доколку притоа бидат утврдени елементи на кривично дело во надлежност на друго обвинителство, тој дел од постапката ќе биде отстапен на надлежност“, велат од ЈО, без да се произнесат околу конкретни наводи, случаи и објекти во ревизорскиот извештај.

Инаку, во поткрепа на нивните констатации, ревизорите наведоа и конкретни примери.

Така, тие го нагласуваат прашањето за исплата на 78.363.000 денари по судски спор што ЈП треба да ја исплати на закупецот на објектот „Олимписки базен“ во Скопје.

Тие утврдиле дека обврската произлегува од договор од 2004 година и анекс од 2006 година, со кој е продолжен периодот на закуп на објектот до 2035 година, и со компензација однапред е признаена и наплатена закупнина за цели 373 месеци во износ од 20.682.000 денари по основа на фактури за вложувања во објектот, кои не ѝ биле приложени на ревизијата, а неизвесно е дали ЈП располага со нив.

Како дел од извештајот на ДЗР, приложени се и фотографии како некогаш изгледале Лизгалиштето и Базенот на Кале, кои моментално се класични руини, а прикачени се и фотографии од некогашното Ракометно игралиште во Градски парк, кое во меѓувреме било пренаменето во дискотека.

„Дел од објектите се во руинирана и запуштена состојба без соодветна заштита и одржување, што има негативно влијание врз животната средина, безбедноста на луѓето и јавната перцепција на граѓаните за грижата и начинот на одржување на државниот имот и развојот на спортот“, утврдиле ревизорите.

Дополнително, во овој извештај се споменуваат и други државни спортски објекти, меѓу кои е и базенот во Чаир.

Ако досега често е пишувано за базенот во Чаир изграден пред 4 децении, кој со години служи како магацин и деловен простор на приватни компании, тогаш веќе споменатиот случај со Градскиот базен во Делчево досега непознат случај во пошироката јавност.

Додека Државното правобранителство многу години водеше правна битка да го заштити државниот интерес во случајот со закуп на „Олимписки базен“, од таму велат дека не го застапуваат ЈП за спортски објекти во врска со базенот во Делчево, бидејќи, како што објаснуваат, согласно Законот за организација и работа на органите на државна управа и Законот за јавните претпријатија, јавните претпријатија се застапуваат самостојно.

Извор: zurnal.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Сензационално: Килијан Мбапе прави трансфер?!

Следно

Контроли во казина и угостителски објекти во Карпош и Кисела Вода, констатирани прекршоци и изречени мерки

Latest from Blog

Контроли во казина и угостителски објекти во Карпош и Кисела Вода, констатирани прекршоци и изречени мерки

На 27/28 март 2026 во периодот од 20:00 часот до 03:00 часот, на подрачјето на општина Карпош и Кисела Вода полициски службеници од СВР Скопје извршија контроли во повеќе угостителски објекти и
Go toTop