Одлуката за распишување оглас за избор на нов директор на Оперативно-техничката агенција доаѓа на само два дена пред истекот на мандатот на актуелниот раководител оваа важна институција во синџирот на заштита на националната безбедност и борбата против криминалот
Со 83 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ Собранието на денешната 125. пленарна седница ја изгласа предлог-одлуката за распишување оглас за избор на нов директор на Оперативно-техничката агенција (ОТА).
Оваа точка на дневен ред на Собранието се најде два дена пред истекот на мандатот на сè уште актуелниот директор на ОТА, Зоран Ангеловски.
Предлагачи на одлуката за објавување на огласот се пратеничката на СДСМ, Марија Костадинова, и нејзиниот колега од владејачкото мнозинство и координатор на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми.
За директор на ОТА може да биде избрано лице кое е државјанин на Република Северна Македонија, да има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС, односно VII/1 степен на образование во областите информатика, електротехника, компјутерска техника и информатика, телекомуникациско инженерство, безбедност, компјутерска безбедност, правни или економски науки. Исто така, се бара и минимум десетгодишно работно искуство во овие области по завршеното образование.
Огласот ќе трае 10 дена од неговото објавување во „Службен весник“ и во уште три дневни весници од кои два на македонски и еден на албански јазик. Огласот треба да биде објавен утре.
Дека денеска на дневен ред на пленарна собраниска седница ќе се најде предлог-одлука за распишување оглас за избор на нов директор на ОТА вчера извести координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, откако редакцијата на „360 степени“ упати прашања на повеќе адреси, вклучително и до Митревски, за настанатата ситуација со директорската позиција на Агенцијата.
Сепак, и покрај одлуката на Собранието да биде распишан оглас, останува прашањето – како ваквиот потег во последен момент ќе го реши проблемот со правниот вакуум што ќе настане, бидејќи на 7 септември 2023 г. ОТА останува без директор, а до изборот на нов ќе помине извесен период во кој Агенцијата ќе биде „обезглавена“.
Ангеловски во одговорите на нашите прашања кои вчера му ги испративме, иако во околности кога сè уште не беше познато дека Собранието ќе донесе одлука за распишување оглас за избор на негов наследник, предупреди дека доколку ОТА остане без директор, тоа ќе создаде правен вакуум во раководењето со институцијата.
„Оперативно-техничката агенција е основана како самостоен и независен државен орган од страна на Собранието на РСМ со конкретно утврдени законски надлежности и создавањето на правен вакуум во раководењето со истата кој би настанал во сегашните околности по 7 септември, несомнено ќе има импликации и негативно ќе се одрази во нејзиното функционирање. Освен можниот дисконтинуитет во функционирањето и доведувањето во прашање на правниот капацитет на институцијата, со сите ризици кои истите ги носат за целосното функционирање на системот за следење на комуникациите, тука се и остварувањето на правата на вработените во ОТА од работен однос и преземените обврски на Агенцијата поврзани со нејзиното функционирање согласно позитивните-правни прописи, кои ќе предизвикаат негативни финансиски импликации на Буџетот на Република Северна Македонија, како и други прашања поврзани со надлежностите на ОТА, чие ненавремено и несоодветно адресирање може сериозно да ја нарушат перцепцијата и угледот на целокупниот безбедносен систем и на државата во целина. Во таа смисла, иако формално-правно институцијата нема да престане да постои, истата несомнено ќе се соочи со сериозни и бројни предизвици во остварувањето на нејзините надлежности како и при вршењето на работите од страна на вработените кои се поврзани со нејзиното секојдневно функционирање“,
вели директорот на ОТА во заминување во еден од одговорите на прашањата на „360 степени“.
Зоран Ангеловски, за раководител на оваа важна институција во синџирот за заштита на националната безбедност и борбата со криминалот, беше избран во Собранието со двотретинско мнозинство, односно со гласовите на власта и на опозицијата на 7 септември 2018 година.
Според Законот за ОТА, мандатот на директорот на Агенцијата трае пет години, без право на повторен избор.
На 10 мај годинава, на 115. пленарна седница на Собранието, дојде предлог на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, Игор Јанушев, и на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, по скратена постапка да се донесат измени на Законот за ОТА. Тие предвидуваа мандатот на директорот да трае пет години или до изборот на нов директор.
Потребата од носење на измените и дополнувањата по скратена постапка беа изгласани со двотретинско мнозинство – „за“ гласале 84 пратеници, „против“ биле двајца, а воздржани немало. Откако собранскиот спикер констатирал дека предлогот е усвоен, ги задолжил Комисијата за одбрана и бездбедност, како матично тело, и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот во рамките на собраниската процедура.
Но, што се случило потоа, останува мистерија, бидејќи предложените измени не се вратени повторно на пленарна седница и не се изгласани.
Вчера координаторот на пратеничката група на СДСМ, Митревски, го прашавме – како распишувањето оглас во последен момент го решава проблемот, кога за два дена ОТА останува без директор, а до изборот на нов ќе помине извесен период во кој Агенцијата ќе биде „обезглавена“. Одговорот на Митрески беше дека нема коментар.
ИЗВОР: 360stepeni.mk