Скопје подготвено за историски најголемиот политичко-дипломатски настан, на исто место ќе бидат Ентони Блинкен и Сергеј Лавров

November 29, 2023
3 mins read

Министерскиот совет ќе започне вечерва со неформална вечера на која ќе учествуваат дел од шефовите на дипломатиите на државите – учеснички на ОБСЕ. Официјално форумот ќе биде отворен утре во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој е пренаменет и подготвен за Министерскиот состанок

Северна Македонија ќе биде домаќин на најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ што ќе се одржува во Скопје од денеска до 1 декември во спортската сала „Борис Трајковски“, во Скопје.

На овој настан се очекува да присуствуваат околу 1 000 делегати со 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.

Фото: Принтскрин ОБСЕ

Состанокот ќе го одбележи присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, иако нема најава за нивна заедничка средба, но токму ова го прави настанот еден од ретките на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Американскиот државен секретар Блинкен доаѓа денеска, а учеството на ОБСЕ ќе го почне со билатерална средба со министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.

За доаѓањето на шефот на дипломатијата на Руската Федерација Лавров, земјава и Бугарија времено ги суспендираа санкциите воведени од ЕУ за прелети на руски авиони поради руската агресија на Украина.

По потврденото присуството на Лавров, форумот решија да го бојкотираат министрите за надворешни работи на Украина Дмитри Кулеба и на балтичките земји – Естонија, Летонија и Литванија.

На министерскиот состанок се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта, а треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ.

Шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи вели дека цел на секоја дипломатија особено на помалите земји е да може да ја изложи земјата на големата меѓународна сцена, а нема поголем политичко – дипломатски настан којшто се случил во нашата држава од нејзиното осамостојување, како што е Министерскиот совет на ОБСЕ и по големина и по суштина.

„Прво, по големина, затоа што 76 држави ќе бидат присутни во Скопје, тоа е целата северна хемисфера и ќе се разговараат прашања за безбедноста на регионот на ОБСЕ, вклучувајќи ги и министрите за надворешни работи на најмоќните држави во светот. Но и по суштина, затоа што нашето претседавање успеа да го сопре падот на Организацијата. Организацијата поради ниското ниво на доверба помеѓу земјите учеснички, пред се, предизвикано од руската агресија во Украина беше под ризик на некој начин да исчезне од меѓународната сцена. Нашето претседавање, заедно се разбира со сите земји учеснички, постигна Организацијата да застане на свои нозе, да имаме претседавач за идната година и да продолжи да им служи на луѓето бидејќи на крај се работи за луѓето како што звучи и слоганот на нашето претседавање“,

вели Османи.

Министерскиот совет ќе започне вечерва со неформална вечера на која ќе учествуваат дел од шефовите на дипломатиите на државите – учеснички на ОБСЕ. Официјално форумот ќе биде отворен утре во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој е пренаменет и подготвен за Министерскиот состанок.

Според агендата објавена од Министерството за надворешни работи, утре предвидена е можност за изјави на шефовите на делегации при пристигнувањето во спортскиот центар.

Министерскиот совет треба да започне утре во 10 часот, а медиумите ќе можат да го проследат отворањето на пленарната сесија.

На првиот ден предвидени се и два пропратни настани: Потпишување на заедничката изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку враќање на имотот и користење на дигитализација по кој ќе следи и адресирање на влијанието на климатските промени врз човековата безбедност во областа на ОБСЕ.

Вториот ден ќе се одржат три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето – влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.

Акредитираните новинари ќе можат да ја проследат и завршна пленарна сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ по која ќе следува завршна прес-конференција со претседавачот, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи и следниот претседавач на Организацијата и генералниот секретар на ОБСЕ Хелга Марија Шмид.

Поради одржувањето на министерскиот состанок, Владата одлучи денеска работното време на сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје да заврши во 12 часот, а утре да биде неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, како и за основните и средните училишта на подрачјето на главниот град.

Воедно, дел од сообраќајниците низ градот низ кои ќе минуваат странските делегации ќе бидат затворени за сообраќај.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

САД во разговори со Грција за купување артилериски гранати за Украина

Следно

Предложен новиот состав на Антикорупциската комисија

Latest from Blog

Холандските обвинители работат на блокирање на извозот на делови за авионите Ф-35 во Израел

ХАГ (АА) – Главниот обвинител на холандскиот Врховен суд побара одобрување на одлуката на Апелациониот суд за стопирање на извозот на делови за борбените авиони Ф-35 во Израел, се вели во официјалното

Во тешка сообраќајка загина Живко Пејковски, поранешен пратеник

Во сообраќајна незгода денеска загина Живко Пејковски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на затворот „Идризово“. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот син преку објава на социјалните

Фетаи: Неселективна и примерна правда за кривични дела говор на омраза и нетрпеливост

Потпретседателот на Владата на Македонија, одговорен за политиките на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска го осуди палењето на македонското и албанското знаме, опишувајќи ги како кукавички чинови, кои сведочат за опасниот раст

Скаловски: Институтот за родови студии е во алармантна состојба поради недостаток на кадар

Семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат за жал, и тоа е и светски тренд. Но тоа не смее да биде оправдување за да се откажеме

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го заврши претресот на амандманите по Предлог-буџетот за 2025 година. По амандманската расправа, како Дополнет предлог-буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по
Go toTop