Што следува по Путин – мислења на експерти

July 24, 2024
3 mins read

Владимир Путин (71), кој е претседател или премиер на Русија од август 1999 година, сè посилно ги потиснуваше несогласувањата додека градеше персонализиран авторитарен систем кој се покажа издржлив низ политички пресврти, економски кризи, војни и глобалниот КОВИД-19.

Во јануари, кога Путин се подготвуваше да се кандидира за петти претседателски мандат на строго контролирани избори, дописникот на Би-Би-Си праша пензионерка во централниот руски град Ржев дали има некој што би можел да го замени Путин.
„Не сега“, одговори жената, повторувајќи го наративот што Кремљ внимателно го негуваше за време на владеењето на Путин. „Можеби Путин ќе најде некој подоцна. Но, мислам дека тој ќе биде на власт уште долго време“.
И покрај тешкотијата да се размислува „надвор од Путин“, Systema – руската истражувачка редакција на РСЕ – им го постави ова прашање на повеќе од 150 водечки руски експерти, вклучувајќи политиколози, социолози и новинари од Русија, САД и Европа. Над 40 се согласија да одговорат и беа прашани кои се најверојатните сценарија за транзиција од Путин и кој би можел да го наследи.

Многу испитаници нагласија дека ваквите шпекулации навистина припаѓаат во доменот на фантазијата, додавајќи дека изборот на наследник со каква било точност е невозможно. Неколкумина додадоа дека нема индикации дека самиот Путин има јасни идеи за овие работи или дека подготвува наследник.
„Слабеењето и кризата на режимот на Путин ќе се зголемуваат и ќе бидат резултат на природното стареење на Путин“, рече украинскиот политиколог Володимир Фесенко.

„Додека смртта не не раздели“

Мнозинството експерти рекоа дека најверојатното сценарио за промена на власта во Русија би била смртта на Путин. Всушност, речиси сите испитаници го наведоа ова меѓу најверојатните патеки за Русија, додека осум го наведоа како единствена можна рута.

Инфографика - Истражување: Како ќе се промени моќта во Русија?

Инфографика – Истражување: Како ќе се промени моќта во Русија?

Понатаму, 23 рекоа дека пуч или внатре-елитен бунт може да предизвика промена на власта. Неколку од нив го наведоа само ова можно сценарио.
Само пет испитаници наведоа „граѓанска војна“ или „револуција“ како можност за Русија, нешто помалку од бројот што рече дека крајот на Путиновата Русија може да биде предизвикан од руски воен пораз. Еден експерт претпоставуваше дека крајот може да биде предизвикан од голема катастрофа како катастрофа на нуклеарна централа или глобален економски колапс. Друг истакна дека Путин може да биде отфрлен настрана со „мек удар“ во случај на сериозна болест.
Ниту еден од испитаниците не го спомна крајот на владеењето на Путин преку конкурентни избори како можност за Русија. Но, новинарот Андреј Захаров коментира: „Русија еден ден ќе биде слободна“.

„Вообичаените осомничени“

Експертите, исто така, беа замолени да ги именуваат можните наследници на Путин во две различни сценарија за транзиција: прво, едно во кое самиот Путин учествува во процесот на селекција – како на пример со назначување фаворизиран наследник, како што тоа го направи претседателот Борис Елцин со Путин – и второ. оној во кој Путин би умрел или на друг начин не е учесник во изборот.

Во првото сценарио, 19 експерти го спомнаа премиерот Михаил Мишустин, додека 18 го споменаа секретарот на Државниот совет и поранешен телохранител на Путин, Алексеј Дјумин. Други кои постојано се именуваа беа градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин, поранешниот претседател Дмитриј Медведев и министерот за одбрана Андреј Белоусов.
Двајца експерти рекоа дека Путин би можел да ја наименува својата најмлада ќерка од бракот со Људмила Путина, Катерина Тихонова, додека еден ја спомна неговата најстара ќерка Марија Воронцова.

Во второто сценарио, во кое Путин не е вклучен во процесот на селекција, мнозинството од испитаниците го спомнаа Мишустин, а Собјанин беше втор. Седум испитаници го споменаа помошникот на претседателот и поранешен шеф на Федералната служба за безбедност и Советот за безбедност Николај Патрушев. Петмина го спомнаа синот на Патрушев, вицепремиерот Дмитриј Патрушев.

Сè на сè, експертите спомнаа 34 можни наследници, кои се на возраст од, 75-годишната претседателка на Советот на федерацијата Валентина Матвиенко, до 37-годишната Тихонова. Еден експерт го наведе и претседателот на Чеченската Република Рамзан Кадиров, и покрај постојаните извештаи за сериозни здравствени проблеми.

Друг експерт го спомна прогонетиот бизнисмен-дисидент Михаил Ходорковски (61) како можност да го наследи Путин. Ходорковски беше единствената вистинска опозициска личност што ја именуваше некој од испитаниците.
Алексеј Навални, најистакнатиот противник на Путин во последната деценија, ненадејно почина во арктичкиот затвор во февруари, по три години зад решетки.
Неколку експерти забележаа дека да се предвиди можен наследник е невозможно бидејќи многу зависи од околностите на транзицијата.
„Во случај на ненадејна промена, кој и да ја заземе функцијата премиер има најголеми шанси да успее“, напиша еден аналитичар, кој побара да не се користи неговото име. „Покрај тоа, тоа е чиста претпоставка и може да биде некој чие име не би ни помислиле да го спомнеме.
„Тоа едноставно е однапред непознато“, додаде тој, споменувајќи дека малкумина би го именувале Никита Хрушчов за наследник на советскиот диктатор Јозеф Сталин.
Рускиот политички аналитичар Фјодор Крашениников ја нагласи непроѕирноста на владеачкиот систем на Путин: „Ние дури и не знаеме кој е всушност во најтесниот круг на Путин“.

Сергеј Санович, соработник на Хувер на Универзитетот Стенфорд, рече дека мисли дека е веројатно дека политичката транзиција во Русија нема да се случи до 2036 година, крајот на потенцијалниот шести и, според сегашното законодавство, последен претседателски мандат на Путин.
„Да се случеше сега, ќе ги ставив парите на помладиот Патрушев“, коментира тој. „Но, мислам дека тоа нема да се случи порано од 2036 година, кога Дмитриј Патрушев ќе има околу 60 години. Тоа значи дека тоа би било некој помлад“.

Извор: slobodnaevropa.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Камала кај младите стои полошо и од Бајден

Следно

Палестина побара од Вашингтон да го повика Нетанјаху да ја запре војната во Газа

Latest from Blog

Премиерот Мицкоски денеска во Костал: Трета инвестициска фаза од 40-45 милиони евра и 250 вработувања

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски утре ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Општина Охрид. Третата фаза на инвестициски циклус на КОСТАЛ Македонија

СОСТОЈБА НА ПАТИШТА: Собраќајот се одвива непречено и по претежно суви коловози

ЗИМСКА ОПРЕМА: Од 15.11.2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година. Повеќе информации може

Таеквондистот Дејан Георгиевски се враќа со сребрен медал од Г1 Светскиот куп во БиХ

Сребрен медал освои македонски таеквондист Дејан Георгиевски од Босна и Херцеговина Опен Г1. Нови вредни бодови за Георгиевски на патот до обезбедување норма за учество на следните Летни олимписки игри во Лос Анџелес 2026.

„Храбар и решителен“, Зоран Заев се најде во мемоарите на Ангела Меркел

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја претстави својата книга „Слобода: Мемоари 1954-2021“, дело кое повторно го привлече вниманието на светската јавност. Во книгата, Меркел пишува за својот приватен и професионален живот, ставајќи

Зоран Заев е единствениот политичар од Балкан што Меркел го споменува во нејзините мемоари

„На Западен Балкан, единствениот (жив) политичар кој Меркел го споменува во своите мемоари е Зоран Заев, кого таа го нарекува ‘храбар и решителен’, објави Михаел Мартенс, прославениот новинар на Франкфуртер Алгемајне Цајтунг
Go toTop